Немаме друг избор и немаме друга држава

Фото: Игор Бансколиев

Како прво, мора да има мотивација, мотивација на народот. Знаете, немаме друг избор и немаме друга држава. А, кога немаме друга држава, треба да се потрудиме и да сториме сè во наша моќ за да можеме да живееме во нашата држава на најдобар можен начин. Второ, нема да кријам од вас за фактот што моравме да се бориме не само за нашата независност туку и за нашето постоење. Тоа нè доведе да пронајдеме секакви начини да се бориме и особено да се штитиме! Н.Е. амбасадорката Симона Франкел

Интервју со израелската амбасадорка Симона Франкел

Деновиве во Македонија престојуваше делегација на израелскиот парламент – Кнесетот. Делегацијата присуствуваше на одбележувањето на годишнината од депортацијата на македонските Евреи од страна на бугарскиот фашистички окупатор во злогласниот логор во Треблинка за време на Втората светска војна.
Присуството на високата делегација беше и одлична можност за „Нова Македонија“ за средба и интервју со амбасадорката на Израел во Македонија, Симона Франкел.

Во ситуација на сè почести обиди за ревизија на историјата, како и релативизирање на холокаустот, вклучувајќи и на Балканот, како гледате Вие на овие тенденции? Како ги коментирате? Што всушност сметате дека се случува и во која насока се движи сето ова? Македонците и Евреите имаат слична историска судбина. Затоа ние нема да дозволиме погромот на Евреите во Втората светска војна (вклучувајќи и од Македонија) да падне во заборав или, пак, некој историски да се амнестира за своите постапки. Знаеме точно кој е одговорен за тоа и одговорноста за постапките треба да ја преземе, а не да ја избегнува или фрла во заборав. Што мислите за тоа?
– Не сум историчарка и не сум експертка за Балканот, иако имам корени од Балканот. Мојата мајка е од Бугарија. Но се согласувам дека има тренд во разни земји каде што може да се забележи подем на фашизмот и нацизмот. Мислам дека има многу причини за тоа. Една од причините можеби е фактот што национализмот, според либералниот начин на размислување, не се гледа само како конзервативен туку може на него да се гледа како на „патриотизам“. Се чини дека старите погледи на национализмот како да се изгубени, како да се менува она што го велевме во минатото. Луѓето бараат начини повеќе да ги покажат вредностите на државата, традицијата и начинот на кој пораснале. Не го оправдувам ова, не сфаќајте ме погрешно. Ние треба да се бориме против фашизмот и нацизмот. Не смееме да дозволиме да се случи и мислам дека сите влади треба да најдат начин како да се бориме против нацизмот и фашизмот. Понекогаш владите се премногу либерални и дозволуваат да се јави ваков вид на фашизам и нацизам, токму поради таа либералност. Ако нема спротивставување, тие растат бидејќи никој не ги сопрел кога биле во зачеток и се манифестирале како такви. Поради либерализмот и демократијата се дозволува такви партии да влезат во парламентите, бидејќи станува збор за демократско уредување и можат да бидат избрани од народот, наместо да се борат против нив и да не дозволат таквите партии да бидат легитимирани. Мислам дека секоја влада треба да најде начин да ја зачува демократијата, но да не дозволи подем на фашизмот и нацизмот во општеството.
Како го оценувате сето она што се случува меѓу Македонија и Бугарија по ова прашање?
– Во Израел ние не интервенираме во она што се случува меѓу Македонија и Бугарија, затоа што двете земји се пријателски земји на Израел. Имаме заеднички интереси, така што имаме заеднички интереси со Македонија, а исто така и со Бугарија. Израел смета дека ова е меѓусебен, билатерален проблем меѓу двете земји. Израел нема да се меша. Се надеваме дека ќе се реши и дека тоа ќе биде на мирен начин, за да може Македонија да успее да го постигне членството во ЕУ. Мислам дека е важно Македонија да биде дел од ЕУ, но ние нема да застанеме меѓу Македонија и Бугарија за да најдат начин да го решат спорот што го имаат меѓу себе.

Фото: Игор Бансколиев

Македонскиот и израелскиот народ имаат силни историски врски, во кои цврсто е втемелено името на Димитар Влахов, кој во рамките на Отоманскиот парламент соработува со Давид Бен-Гурион и Јицак Бен. Влахов и многумина други Македонци јавно истапувале со симпатии кон еврејскиот народ. Исто така, некои од македонските Евреи учествуваат во македонското револуционерно движење, како што се Рафаел Моше Камхи и неговата фамилија. Во тој контекст, како ја оценувате актуелната соработка меѓу двете држави?
– Мислам дека имаме многу добри односи и соработка. Не сум сретнала некој во Македонија да не сакал да ги унапреди тие односи и да стори сè што е можно за да ги зајакне односите меѓу народите или меѓу владите на двете земји. Одреден временски период поголем дел од односите се темелеше на историјата на Еврејската заедница во Македонија. Оваа заедница беше уништена за време на Втората светска војна и практично не постоеше, и затоа има многу малку Евреи што живеат денес во Македонија. Но, историјата на трите големи заедници во Битола, Штип и Скопје сè уште е доминантна во тие градови, иако Евреите повеќе не живеат таму во голем број. Сега сметам дека треба да ги унапредиме односите меѓу владите. А не само меѓу народите. Тоа може да се направи на многу полиња. Мислам дека почнуваме нова ера во односите меѓу двете земји. Деновиве во Македонија е присутна делегација од израелскиот парламент (Кнесетот) на 80-годишнината од холокаустот на Евреите во Македонија. Таа беше поканета од претседателот на Собранието и учествуваше во церемониите, кои траеја неколку дена, вклучувајќи го Маршот на живите во недела наутро. Имаше средби со државниот врв, како на пример со претседателот и премиерот на државата, министерот за надворешни работи, секако беа гости на парламентот. Мислам дека отвораме нова ера во односите. За две недели ќе има политички консултации меѓу македонското и израелското МНР во Ерусалим. Македонија треба да испрати делегација, на чело со државниот секретар Филип Тосевски. Тој ќе замине во посета на Израел, а веќе остварив средба со него и ќе отпатува заедно со делегација во Израел, на 22 март, за политички консултации. Се надевам дека подоцна оваа година, министерот за надворешни работи ќе дојде во посета на Израел. За жал, лани посетата беше откажана двапати, еднаш поради технички проблеми, а вториот пат поради тоа што во Израел повторно се одржуваа избори и не беше погодно време министерот за надворешни работи да дојде во посета. Во тоа време немавме министер за надворешни работи, бидејќи Лапид стана премиер. Се надевам многу дека оваа посета ќе се оствари во текот на наредните месеци, во втората половина од годината.
Има многу работи што сакаме да се унапредат, но меѓу поглавните е што сакаме да се воведат директни авионски летови до Македонија. Затоа што кога имате директни летови им се овозможува на туристите да патуваат, се овозможуваат деловни патувања и е многу полесно. Така што сфаќаме колку Македонија е блиску до Израел. На пример, јас често доаѓам тука, еднаш на неколку недели, и кога поминувам, губам два дена во пат, а треба да престојувам пет дена во Македонија, ми останува многу малку време за ефективна работа. Поради тоа, самото патување е поскапо и сè друго не е толку практично како кога би имале директни летови. Мислам дека е важно најпрво да воведеме директни летови. За време на средбата на делегацијата од израелскиот парламент со премиерот Ковачевски беше споменато ова прашање и тој рече дека ќе стори сè во негова моќ за да се оствари тоа. Сега само треба да чекаме компаниите во Израел и Министерството за транспорт и врски на Македонија да најдат начин да ги обезбедат директните летови.
Како да го примениме вашиот рецепт на национален просперитет и одржлив економски развој? Има ли тајна формула и како да се проектира во наши услови?
– Не мислам дека има рецепт, но прво мора да има мотивација, мотивација на народот. Знаете, немаме друг избор и немаме друга држава. А, кога немаме друга држава, треба да се потрудиме и да сториме сè во наша моќ за да можеме да живееме во нашата држава на најдобар можен начин, како прво. Второ, нема да кријам од вас за фактот што моравме да се бориме не само за нашата независност туку и за нашето постоење, што нè доведе да пронајдеме секакви начини да се бориме и особено да се штитиме.
А кога станува збор за заштитата, денес најчесто говориме за сајбер-заштита. Мораме да најдеме начин за луѓето да не нè напаѓаат виртуелно. Креиравме еден вид заобиколен пат за да ги спречиме виртуелните напади. Целата таа атмосфера, искуство, начин на живот нè натера да креираме разни начини за да живееме подобро.
Како гледате на развојот на судирот во Украина и што советувате да се направи за да се дојде до мировно решение? Сојузници сте и со едната и со другата страна во конфликтот.
– Имаме интереси во Украина и во Русија. Многу ни е жал што му се случува таква трагедија на украинскиот народ. Израел дава голема поддршка во хуманитарна помош на украинскиот народ, но истовремено не треба да заборавиме дека во Русија живее голема еврејска заедница и имаме интереси што не смееме да ги загрозиме. Повторно ја отворивме Амбасадата во Киев. Нашиот министер за надворешни работи го посети Киев неодамна, пред неколку недели, и се трудиме да направиме што е можно повеќе без да се мешаме во војната, бидејќи не сме дел од неа. Но се молиме и многу би сакале оваа војна да заврши што поскоро.