Преговарачката рамка, за информација на одговорните институции во Македонија, нема да се ревидира, истакна бугарскиот претседател Румен Радев. Тој нагласи и дека Бугарија не прифаќа изјави и однесување што се во спротивност со Договорот за добрососедство од 2017 година, како и со другите меѓународни договори кои Македонија ги потпиша, по повод свечената изјава на новата македонска претседателка Гордана Силјановска Давкова.
– Убеден сум дека европската перспектива на Република Северна Македонија зависи од строгата имплементација на меѓународните договори, како и на оној одобрен од Европскиот совет во 2022 година. Преговарачката рамка, за информација на одговорните институции во Република Северна Македонија, нема да се ревидира – потсети Радев.
Реагираше и бугарскиот премиер Димитар Главчев.
– По повод церемонијата на инаугурација на новата претседателка на Република Северна Македонија, Бугарија не прифаќа изјави и однесување кои се во спротивност и со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година и, во принцип, со договорите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија – се наведува во реакцијата – пренесе БНР.
Главчев додава и дека Македонија е земја-членка на НАТО, од каде што произлегуваат соодветните обврски и одговорности.