Новинарите и медиумските работници излегоа на протестен марш
„Не се извинуваме за незгодните прашања“, „Ги газите новинарите, го газите слободното општество“, „Без локални медиуми, вистината не е целосна“, „Новинарството на удар, ние сме обединети“, „Нема да молчиме“, „Сиромаштија = самоцензура“ се дел од пораките што новинарите и медиумските работници ги испратија вчера од протестниот марш од пред Владата до Собранието.
Протестот го организираа Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, поради незадоволството од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите и медиумските работници и лошата социоекономска состојба.
Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, рече дека законите што се важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите и затоа се чувствува дека работите тапкаат во место, дури и се влошуваат.
Според него, јавните функционери и денес знаат да имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, агресивниот државен пиар им ја зема работата на новинарите, локалните и регионалните медиуми работат на работ на издржување, а безбедноста на новинарите не е на нивото на кое би сакале да биде.
– Пред сè, носителите на јавни функции и политичарите треба да сфатат дека не смеат да нè игнорираат или потценуваат. Не заради нас, туку заради граѓаните и јавноста што ние ја претставуваме – порача Чадиковски.
Државните институции и нивите директори, како што рече тој, имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате пиар-памфлет за објава.
Според претседателот на ЗНМ, новинарството минува низ сериозни трансформации во последниве години, кои ги диктираат новите технологии.
– Не молчевме кога се обидуваа да создадат страв, напротив, создадоа џин, а тоа сме ние. Да бидеме јасни и да укажеме што бараме. Една од причините е да ја кренеме свеста во каква состојба се наоѓаат новинарите, сѐ помалку кадар, ниски плати. Повеќе од итно е да се донесат решенија за подобрување на состојбата, со што работодавците ќе добијат квалитет, а ние сигурност. Бараме услови, а не милостина. Слушајте нѐ нас, а не оние што нѐ напаѓаат – рече претседателот на ССНМ, Павле Беловски.
Поддршка на ЗНМ за маршот за одбрана на новинарското достоинство упати „Сејф џурналистс“, мрежата што претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци на Западен Балкан. Во заедничко соопштение поддршка за маршот и честитки за 77-годишнината до ЗНМ, кое е членка на оваа мрежа, изразија здруженијата на новинари од Косово, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, како и Синдикатот на медиуми на Црна Гора.