Според директорот на ЈСП
Недоволен број автобуси за пополнување на возниот ред сообраќаат моментно, истакна директорот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), Драги Кушовски, во интервју за МИА, при што ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП. Тој наведе дека претпријатието се соочува со недостиг од 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред, односно дека ЈСП располага со околу 190 автобуси, а потребни се 235 автобуси за да биде пополнет летниот возен ред.
– Со овој возен парк со кој располагаме не можеме да го покриеме постојниот зимски возен ред. Правиме оптимизации во рамките на претпријатието, но не знам дали ќе имаме доволно време да се почне со оптимизации на возни редови и не знам дали да ги направиме до 1 септември, бидејќи секоја оптимизација на возен ред мора да помине преку Советот на Град Скопје – посочи Кушовски.
Тој тврди дека сите автобуси што сообраќаат се технички исправни, поминуваат технички преглед на шест месеци и редовно се проверуваат во базите на ЈСП. Исто така, директорот на ЈСП посочи дека поголемиот дел од автобусите имаат клима, додавајќи оти незначителен број автобуси, за кои се чека поправка на климите, сообраќаат во раните утрински часови. Н.М.