Иако некакви преговори веќе се одвиваат на границата помеѓу Украина и Белорусија, за жал, многумина не очекуваат многу од нив. Почетните позиции не охрабруваат. Русија бара целосна демилитаризација на Украина и прогласување воена неутралност, односно гаранција дека таа нема да се зачленува во НАТО, а Украина бара моментален прекин на огнот и повлекување на руските трупи од земјата. За тоа какви се можните проекции за натамошен развој на состојбите издвоивме мислења од актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша, од Игор Лукес, професор по историја и меѓународни односи на универзитетот „Бостон“, САД, и од Трајче Стојанов, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија

ЕДНА НЕДЕЛА ОД ПОЧЕТОКОТ НА ОРУЖЕНИОТ СУДИР ВО УКРАИНА

По еднонеделното развивање на т.н. специјална воена операција што рускиот претседател Владимир Путин ја започна во Украина, Западот полека се повраќа од првичниот шок, обединувајќи се во осудата и во санкционирањето на руската „акција“. И едната и другата страна, веројатно, се надеваа на побрзи и поефикасни резултати од своите ангажмани, зафати и активности, но сѐ повеќе е очигледно дека ќе нема инстант поволни резултати ни за едната ни за другата страна. Сега сѐ повеќе се наметнува дилемата дали сето тоа ќе резултира со долготрајна и истоштувачка војна или со некаков договор?! Најпесимистичкото апокалиптично сценарио е дури и употреба на нуклеарното оружје!?
Иако според сликите што доаѓаат од теренот, динамиката на настаните и реториката на директно инволвираните страни, сите овие опции, во моментов, се речиси еднакво реални, драстично спротивставените, повеќе или помалку, (не)основани очекувања на двете страни, барем засега, упатуваат на заклучок дека надежите за некаков договор со кој и Москва и Киев би биле задоволни се сѐ помалку реални.
Без да се навлегува во елаборација на тоа колку се основани барањата и очекувањата на властите во Москва и во Киев, бидејќи за сите нив можат да се изнесат, и во голема мера досега беа и изнесени, аргументи и за и против, сега, веројатно, би било попродуктивно да се зборува за тоа што понатаму и како светот би требало да изгледа, се разбира, доколку не му се случи последното од погоренаведените сценарија.
Еден од најдолговечните политичари во овој дел од светот, актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша, очекува дека вистински преговори помеѓу Москва и Киев ќе има дури откога ќе се постигне прекин на огнот, што, според него, нема брзо да се случи. Исто така, Јанша оценува и дека Путин веќе не може да ја добие војната.
– Ако биде подготвен на вистински преговори, можеби и ќе се одржи. Инаку, ќе го тргнат неговите луѓе – оценил Јанша, додавајќи дека одлуката на Путин да ги стави во готовност силите за одвраќање, односно да се закани со употребата на нуклеарното оружје, е знак на немоќ.

Но кога станува збор за можноста Путин да го употреби нуклеарното оружје доколку не добие сѐ што посакува, оние што се малку повнимателни потсетуваат на една негова поодамнешна изјава дека „без Русија, цивилизацијата нема да постои“, со што, според нив, би била ставена огромна црна точка на еден од најкомплексните безбедносни проблеми во историјата на човештвото. Единственото нешто што е поопасно од тоа, како што потенцираат, е уверувањето на Западот оти Путин блефира. Се разбира, и во ваквите проекции се укажува дека тоа не би морало да значи тотална војна и разурнување, туку би можеле да бидат употребени таканаречените тактички нуклеарни бомби со помала сила и на ограничениот простор, што, секако, би била ситуација без преседан, но далеку од катастрофа за каква што се зборува.
Втората опција е Путин, во една подолготрајна војна со низок интензитет, но секако огромни загуби на двете страни, да ја окупира целата територија на Украина и да се пробие подлабоко кон Западот.
– Со тоа, Путин би избил директно на границите на неколку членки на НАТО, кој, нели, не го сака НАТО во својата близина. Дали потоа ќе има нови барања пробиви – е исто така едно од прашањата што го поставуваат аналитичарите.
Потоа се поставува и прашањето како планира Путин да ја задржи окупираната територија под своја контрола, со оглед на тоа што за разлика од проруските покраини Донецк и Луганск, остатокот од државата го населуваат Украинци.
– Денешната Украина не е она што ја видовме во 2014 година. По руската окупација на Крим, во Украина се разви силно цивилно општество. Дури Владата во Киев и да ги изгуби нервите и да потклекне, на што Путин се надева, луѓето нема да го прифатат тоа. Во екстремното сценарио, руската војска би можела брзо да го скрши противникот, но тогаш би требало да се соочи со неколку стотици илјади герилци, а тоа како што се покажа во Авганистан и во Ирак не е комотна позиција за ниту една воена сила во 21 век – објаснува Игор Лукес, професор по историја и меѓународни односи на универзитетот „Бостон“.
Долгорочно и трајно решение, и според него, се наоѓа таму од каде што и потекнува, во Кремљ.

– Русија треба да се фокусира на домашните реформи и подобрувања. Потрагата по глобална доминација е нешто што му служи само на егото на Путин, но не му помага на рускиот народ – констатира тој.
Самата местоположба на Украина не ја исклучува ниту можноста некоја од соседните прозападни земји, па дури и НАТО, односно Америка, да се вклучи во војната. Во тој случај, како реална можност се споменува и активирање на некое од потенцијалните жаришта низ светот каде што за превласт се борат Америка и Русија.
Секако, најпосакуваната варијанта е воспоставување мир, или барем примирје. Иако некакви преговори веќе се одвиваат на границата помеѓу Украина и Белорусија, многумина не очекуваат многу од нив. Почетните позиции не охрабруваат. Русија бара целосна демилитаризација на Украина и прогласување воена неутралност, односно гаранција дека таа нема да се зачленува во НАТО, а Украина бара моментален прекин на огнот и повлекување на руските трупи од земјата.
Конечно, вреди да се повтори и ставот на колумнистот на „Нова Македонија“, професор на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и почесен професор на МСПИ, Москва, Русија, Трајче Стојанов, како една од, се разбира, многубројните прогнози дадени од македонската перспектива.
– Се плашам дека оваа битка на „живот и смрт“, ова прераспределување на светските сили на геополитичката карта, сите ќе нè чини многу. Премногу. Најмногу Европа, а секако Украина. Но и Русите ова ќе ги чини многу. Јас целата моја академска кариера ја имам посветено на Русија, ги сакам и руската култура и рускиот народ. Но убеден сум дека ова ќе ја чини скапо Русија. И тоа од политички, економски и историски аспект: 1. Русија успеа како никогаш досега да го обедини Западот, особено НАТО.

Тоа ќе доведе до монополизација токму на неолибералната идеологија, на западната пропагандата, унифицираниот глобален наратив и „царството на лагата“, токму против кое Путин се бори; 2. Економските санкции силно ќе ја погодат руската економија, иако тие се подготвуваа за ова (делумно и за исклучувањето од СВИФТ-системот), сепак, економски, Русија е поврзана исто толку со Европа, ако не и повеќе, отколку со Кина; 3. Со овој чин, Русија самата се турна во прегратките на Азија и во политичка, но особено во историска смисла, на долг рок се оддели од цивилизацијата на која по својата суштина ѝ припаѓа – европската. Со тоа, клинот во културната свест на Русија, дополнително се зари во нејзиното и онака подвоено национално ткиво помеѓу Истокот и Западот. А Русија, сепак, е европска земја! 4. И конечно, со ова на долг рок, на многу долг, Русија ја изгуби и онака кревката поддршка што ја имаше во Украина. Дури и да ја добие војната и целосно да ја „интегрира“ Украина во својата сфера на влијание, по овој чин, треба некако да живее со населението од таа територија – објаснува Стојанов. Д.М.М.