Фото: Пиксабеј

Научниците покажаа дека забраните за електроцентрали на јаглен или автомобили со мотори со внатрешно согорување не резултираат со големи намалувања на емисиите ако се спроведуваат самостојно. Тука треба да се инкорпорираат и синхронизираат многуслојни мерки во државите, вклучувајќи и комбинација со даночни или ценовни стимулации

Големо истражување насочено кон креирање и спроведување политики поврзани со климатските промени

Нова студија за ефективноста на климатските мерки, како што се даноците или субвенциите за намалување на стакленички гасови, покажа дека индивидуалните мерки не прават голема разлика, туку дека е потребна комбинација од вистински мерки. Студијата објавена во списанието „Саенс“ испитувала 25 години јавни политики во 41 држава на шест континенти.
Заклучокот гласи дека од 1.500 анализирани политики во секторите, вклучувајќи ги енергетиката, транспортот и градежништвото, „идентификувани се само 63 случаи на успешни климатски политики, што доведува до просечно намалување на емисиите за 19 отсто“.
– Научниците покажаа дека забраните за електроцентрали на јаглен или автомобили со мотори со внатрешно согорување не резултираат со големи намалувања на емисиите ако се спроведуваат сами. Успешните примери произлегоа само од комбинација на даночни или ценовни стимулации во добро дизајнирани комбинации на политики, како на пример во Обединетото Кралство за производство на електрична енергија на јаглен или во Норвешка за автомобили – велат од Институтот за истражување на климатските влијанија во Потсдам (ПИК), кој ја водел студијата со истражувачкиот центар „Меркатор“.
При студијата се користени нова база на податоци на ОЕЦД и иновативен пристап, кој ги комбинира методите на компјутерско учење со статистички анализи. Тој „идентификуваше 63 успешни политички интервенции со вкупно намалување на емисиите меѓу 0,6 милијарди и 1,8 милијарда тони јаглерод диоксид“.
За споредба, според процените на Обединетите нации, човештвото емитирало 57,4 милијарди тони еквивалент на јаглерод диоксид во 2022 година.
Меѓу идентификуваните успеси се воведувањето на минималната цена на јаглеродот од Обединетото Кралство во 2013 година, субвенциите за обновлива енергија и планот за постепено укинување на јагленот.

Научниците се надеваат дека нивната работа ќе влијае на климатските планови што земјите ги ажурираат и мора да ги достават до ОН до февруари 2025 година. Целта на овие планови е да се одржи во живот главната цел на Парискиот договор за ограничување на затоплувањето на 1,5 Целзиусов степен во споредба со прединдустриските нивоа.
Веб-страницата за интерактивна анализа на климатските политики „Клајмет полиси експлорер“ дава преглед на резултатите, анализите и методите и е достапна за јавноста.
– Нашите наоди покажуваат дека повеќе мерки не мора да значат подобри резултати. Наместо тоа, вистинската комбинација на мерки е клучна. На пример, субвенциите или регулативите сами по себе не се доволни и само во комбинација со инструменти засновани на цени, како што се даноците за јаглерод и енергија, можат да обезбедат значително намалување на емисиите – објасни водечкиот автор на студијата, Николас Кох.
Мајкл Груб од Универзитетскиот колеџ во Лондон рече дека ова е „најсофистицираната студија досега“.
– Со фокусирањето на само 63 статистички препознатливи главни трендовски пресвртни точки се пропушта влијанието на илјадници помали напори на глобално ниво и кумулативниот ефект на многу помали мерки. Нивниот заклучок дека е потребна комбинација на политики за да се постигнат големи влијанија има апсолутна смисла – истакна Груб.
Студијата ги анализираше само политиките што обезбедуваат ненадејни намалувања, додека повеќето политики за климата работат на ефикасноста на новите работи или на долгорочната траекторија на намалување на емисиите, а потребни се многу години за да се изгради позелена инфраструктура или начин на живот, според научниците што работеле на студијата. Р.С.