Македонското друштво „Илинден“ – Тирана со остра осуда за донацијата на бугарската амбасада во Општина Пустец
Деновиве во Албанија, во општините каде што живеат Македонци, бугарска делегација била во „добродетелска посета“. Под мотото „за доброто на Бугарчињата“, бугарската делегација, според информацијата на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, подарила неколку столчиња и бугарски книги. Секако, сето тоа било придружено со помпезни изјави за јавноста и објави на официјалните интернет-страници на бугарското министерство за надворешни работи. Во врска со таквите настапи на официјални претставници на дипломатско-конзуларниот и „специјализиран тим од Софија“ со специјална задача во Албанија, македонското друштво „Илинден“ – Тирана во јавноста излезе со изјава во која се демаскираат и осудуваат ваквите постапки на Софија.
Во својата изјава, македонското друштво „Илинден“ – Тирана дури и историски се осврнува на овој феномен, откривајќи факти, настани и личности на слични и идентични методи на работа на Софија за бугаризирање на македонското население што живее во Албанија.
– По завршувањето на Втората светска војна биле воспоставени добри односи меѓу југословенската и албанската држава. Врз основа на повеќе билатерални договори, во Албанија му било дозволено на македонското население да учи на мајчиниот јазик. За да се воспостави настава на македонски јазик од страна на југословенската држава биле испратени учители Македонци. Во согласност со билатералниот договор во однос на наставата, за издавање решенија за именуваните учители задолжен биле околиските началници за просвета. Така, за именуваните учители од битолскиот округ задолжен бил Илија Јанкуловски. Решенија за распределба на учители во Албанија со негов потпис добиле:
– Кире Стерјески – назначен за учител во училиштето во с. Пустец од 20 ноември 1944 година. Тој останал во училиштето до крајот на јуни 1946 година.
– Никола Марковски – назначен за учител во училиштето во с. Шулин од 20 ноември 1944 година. Тој останал во училиштето до крајот на јуни 1945 година.
– Ристо Стерјовски – назначен за учител во училиштето во с. Горица од 1 септември 1945 година. Тој останал во училиштето до крајот на јуни 1947 година.
– Томе Тодоровски – назначен за учител во училиштето во с. Туминец од 1 септември 1945 година. Тој останал во училиштето до крајот на 1947 година.
– Никола Беровски Николовски – назначен за учител во училиштето во с. Горица од 1 септември 1945 година. Тој се оженил во Албанија и останал таму до крајот на животот.
Учениците во училиштето ги изучувале наставните предмети: мајчин македонски јазик, сметање, историја, земјопис, природознание, пеење, цртање, фискултура.
Во периодот по Информбирото, македонските учители биле протерани, но изучувањето на мајчиниот македонски јазик продолжило во училиштата во Преспанскиот Регион. Не е тајна дека македонските деца и денес за првпат се среќаваат во албанскиот јазик во училиште, бидејќи дома се говори на македонски јазик.
Ваквата вековна состојба никако не им одговара на сонувачите на санстефанскиот сон за голема Бугарија. Затоа тие почнаа интензивен напад врз Македонците во Албанија за тие да се одродуваат и да се пишуваат Бугари. Во тоа донекаде им успева, бидејќи со текот на годините гледаме дека има лица што го плукаат мајчиното млеко и се задојуваат со бугарски отрови. Тие се и оние изроди од македонските предци што најмногу помагаат во „наоѓањето нови Бугари“ во Албанија.
Тие исти изроди, кои, за жал, со лаги, прикривање и измама на македонското население, успеаја да ја добијат нивната доверба и да влезат во раководните структури на единствената македонска општина во Албанија, Општина Пустец.
Токму таму и токму во селата што погоре ги спомнавме, деновиве била во „добродетелска посета“ бугарска делегација. Така, „за доброто на Бугарчињата“, делегацијата, во придружба на изродите и плукачите по сопствената македонска крв, подарила неколку столчиња и бугарски книги. Секако, сето тоа било придружено со помпезни изјави за јавноста и објави на официјалните интернет-страници на бугарското министерство за надворешни работи.
Во оваа прилика, македонското друштво „Илинден“ – Тирана им се заблагодарува на сите досегашни и идни дарители за подарените бугарски книги, кои во овие зимски месеци ќе бидат добредојден материјал за потпалување на домашните печки во македонските куќи.
Исто така, ја користиме приликава да ги потсетиме македонските владини и невладини претставници што ги „посетуваат“ Македонците во Албанија да не парадираат пред нив туку да преземат конкретни чекори за искоренување на бугарскиот крлеж од македонското ткиво во Албанија – се вели во изјавата од македонското друштво „Илинден“ – Тирана. Д.Ст.