Бугарскиот премиер Кирил Петков, одговарајќи на прашањата од бугарските пратеници за двете средби со Димитар Ковачевски, меѓу другото, искажа повеќе, во најмала рака, контроверзни нешта. Но за издвојување е првиот негов став што спаѓа во сферата на криминално кршење на меѓународното право, со негово деликвентно непочитување на сите меѓународноправни акти што се однесуваат на малцинствата и на малцинските права. Во случајов на Македонците во Р Бугарија
Реакции по повод обраќањето на бугарскиот премиер Петков во парламентот на Бугарија
Обраќањето на премиерот Кирил Петков во бугарското собрание вчера претпладне дојде како нов гром од темните облаци што од Софија се надвиснуваат кон Македонија.
Имено, во искажувањата на бугарскиот премиер пред пратениците се остава впечаток дека „е постигнат одреден политички договор околу ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев“?!
Кој разговарал и кој преговарал за постигнување „политички договор за ликот и делото на Делчев“?
Јавноста и медиумите ниту знаат ниту слушнале дека се преговарало и договарало на тема за македонскиот револуционер Гоце Делчев. Поаѓајќи од тоа што основното начело на транспарентност е недвосмислено искажано од нашиот премиер Ковачевски, тоа значи дека бугарскиот Премиер за внатрешна употреба, непосредно по средбата со својот македонски колега, излегува со ставови што во најмала рака се плод на некакви негови политички имагинации.
Впрочем, ниту нашиот премиер, а ниту бугарскиот, не го занемаруваат фактот дека токму „македонско-бугарската комисија за историски прашања е таа што ја има надлежноста да предложи одредена историска личност или настан за заедничко чествување“. А комисијата, секако, не ја направила таа препорака. Ова е уште едно бугарско флагрантно кршење на одредбите на Договорот за добрососедство и апсолутно наметнување на политиката и политикантството од Софија, над мешаната комисија за историски прашања, со што се доведува во прашање нејзината работа.
Софиски политикантства
Бугарскиот премиер Кирил Петков, одговарајќи на прашањата од бугарските пратеници за двете средби со Димитар Ковачевски, меѓу другото, искажа повеќе, во најмала рака, контроверзни нешта. Но за издвојување е првиот негов став што спаѓа во сферата на криминално кршење на меѓународното право, со негово деликвентно непочитување на сите меѓународноправни акти што се однесуваат на малцинствата и на малцинските права. Во случајов на Македонците во Р Бугарија. Токму Петков во бугарскиот парламент рече дека е „недопустливо прашањето за македонското малцинство, дури и дека не го зема предвид за дискусија“!?
Искажувањето од Кирил Петков на ставови што се надвор од сите позитивноправни норми и важечки документи на меѓународно право (конвенции и декларации на Европскиот парламент и Советот на Европа), но и на секое внатрешно право, имплицираат политички геноцид над еден народ, култура јазик и историја. Од неговите ставови искажани пред пратениците во парламентот, со априори отфрлање дискусија за македонското малцинство и порака за негово непризнавање, тој, применувајќи јасна политичка аналогија, им порача на пратениците дека не се признаваат Македонците како одделен етнички супстрат, како и постоењето на македонската нација и македонските национални особености, истовремено барајќи вклучување на Бугарите во Уставот на Македонија!?
Петков во бугарскиот парламент искажа невистини и за работата на мешаната историска комисија
Вториот спорен момент од обраќањето на Кирил Петков пред бугарските пратеници е прашањето за заедничко чествување на Гоце Делчев и работата на историската комисија. Всушност, Петков посочи дека на 4 февруари се подготвува заедничка прослава со Македонија, по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Бугарскиот премиер исто така соопшти дека историската комисија веќе има подготвени текстови и дека има напредок во работата на комисијата.
Според информациите до кои дојде „Нова Македонија“, една од главните задачи на мешаната комисија за историски прашања е да им предложи на македонската и на бугарската влада, историски личности и настани што би можеле заеднички да се чествуваат.
Според нашите информации, до овој момент комисија нема предложено заедничко чествување на Гоце Делчев. Оттука останува нејасно, врз која основа е договорено заедничкото чествување на Гоце Делчев помеѓу македонската и бугарската влада. Мора да се земе предвид дека со Договорот за добрососедство и пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, мешаната историска комисија е надлежна за историските настани и личности.
Останува нејасно прашањето за заедничко чествување на Гоце Делчев, доколку се земе предвид дека бугарскиот премиер Кирил Петков не сака да дискутира за македонското малцинство во Бугарија, со што се негираат јазичните, културните и историските особености на Македонците во целина. Следствено се наметнува прашањето: Дали Гоце Делчев ќе биде заеднички чествуван како бугарски деец и револуционер?
И покрај искажувањата на Кирил Петков дека има напредок во работата на историската мешана комисија и дека се подготвени одредени текстови, до овој момент членовите на историската комисија не се излезени со официјален став за ова прашање.
Нејасно е како премиерот на Бугарија, Петков, успеа по една средба со нашиот премиер, преку која во јавноста се доби впечаток дека влева надеж дека отвореноста, транспарентноста, принципиелноста и пред сѐ почитувањето на принципот на легалитет и почитување на меѓународното право, може да бидат добра основа за отпочнување нова рунда разговори помеѓу државните лидери за односите на македонскиот народ и бугарскиот народ, толку брзо да направи политичко салтомортале? Очигледно е и дека покрај нашата отвореност, чесност, волја и почитување на меѓународноправните рамки за разговори, официјална Софија прави нешто со што го урива меѓународниот поредок. До кога ќе се толерираат ваквите непринципиелни и противправни заткулисни игри на Софија? Д.С.