Фото: Влада

Министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу денеска изјави дека владејачкото мнозинство не се брза пред избори да го донесе предлог-законот за административни службеници, по скратена постапка, бидејќи на него се работи веќе седум години, а за тврдењата на синдикатите за минималната плата, посочува на новата методологија за усогласување на платите што ќе се применува од 1 март 2025 година.

– Со овој закон и со пакетот закони воопшто не се брза – рече Алиу, додавајќи дека на законот се работи од 2017 година.

Работните групи седум години работеле на овој закон, а само на ЕНЕР имало три верзии на законот и имало безброј дебати и работилници, дел поддржани од меѓународните институции. Законот е поддржан од меѓународната заедница и Европската комисија. Според него, законите се европски и реформски и се многу битни.

– Последната верзија беше на ЕНЕР, после тоа имаше неколку забелешки. Со сите заинтересирани страни имавме средби. И јас како министер и работната група. Законот не се брза, туку едноставно многу долго се чекаше тој закон да биде донесен. Тој е реформски закон, многу битен за јавната администрација – рече Алиу во изјава за медиуми во Собранието, каде присуствува на седницата на Комисијата за европски прашања.

Во однос на минималната плата се наврати на преговорите со синдикатот и заклучокот од тие разговори, потенцирајќи дека поради брзорастечката инфлација било договорено наместо два пати по пет проценти, платите во јавната администрација да се зголемат само еднаш десет отсто, а од 1 март 2025 година да се применува новата методологија за зголемување на платите.

– Имаше еден долг период преговори со синдикатот. Во тој период се одлучи, значи на маса беа двапати да се зголемат платите по пет проценти, во септември 2023 година и пет проценти во март 2024 година. По барање на синдикатот во тој период, а заради високата стапка на инфлација во 2023 година се одлучи Владата и министрите кои беа дел од преговорите прифатија платите да се зголемат не пет проценти туку десет проценти бидејќи синдикатот рече дека сега е моментот и сега имаат потреба вработените да имаа зголемени плати – рече Алиу.

На сметка на усогласување со минималната плата која ја нема во овој дел, потенцира министерот, имаме две мерки коишто ги следат процесите во економијата.

– Тоа е член 14 став 2 од Колективниот договор и член 47 став 3 од Колективниот договор каде што со едниот член се зголемува коефициентот автоматски ако до крајот на 2024 година не се усогласуваат, нема да има колективни договори на ниво на институциите додека вториот член вели ќе се зголемат платите автоматски ако инфлацијата е поголема од три проценти. Ако на пример, инфлацијата е пет проценти а не е три проценти, значи за два проценти ќе се зголемат платите. Цениме дека со таа нова методологија ние ќе ги следиме трендовите во економијата и дека така е пореален тој тренд на зголемување на платите. Знаете дека ова е транзитен период до крајот на 2024 година. Знаете дека од 1 март 2025 година веќе имаме нова методологија и платите ќе се креираат преку коефициент – рече Алиу.

Министерот ги отфрли тврдењата на синдикатите дека не се консултирани за законот, потсетувајќи дека медиумите и јавноста биле сведоци на преговорите со синдикатите, како и дека на прес-конференција бил соопштен заклучокот од договорот.

– Не сум експерт по финансии, но знам да се консултирам за процесите. Верувам дека новата методологија е пореална и ги следи трендовите во државата – рече Алиу.

Министерот на овие прашања одговараше и пред Комисијата за европски прашања, каде за Законот за административни службеници ВМРО-ДПМНЕ поднесе 21 амандман, а најголем дел од нив се отфрлени. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа зошто законот се брза и ќе се носи на 90 дена пред избори и тоа без јавна расправа, а едно од прашањата беше и зошто човек од министерството за политички систем ќе биде дел од комисијата за вработување на идните административци.

Во јавниот сектор има 120.000 вработени, од тие, со законот за административни службеници се опфатени околу 15.000 државни службеници.

Министерот Алиу, одговарајќи на новинарско прашање зошто не се става на седница на Комисијата за европски прашања Законот за АВМУ, рече дека се што излегува од кај нив и е поддржано од експерите и потпишано од негова страна, тие стојат зад нив со тврдење дека тие закони се добри и се неопходни за државата.

– Штом овие закони се процесуирани, тука влегува и Законот за АВМУ. Ние стоиме позади тие закони. Тие се многу битни закони за нашата држава, го уредува медиумскиот простор. Знаете дека со јавна администрација, со дигитализација и со медиумски простор кој е отворен и уреден само тогаш ќе имаме отчена држава и процеси кои ќе бидат транспарентни. Не сум во тек зошто овој закон не е ставен на дневен ред – рече Алиу.

МИОА, според него, барале сите нивни закони да бидат донесени во Собранието.

Алиу рече дека нема информација за тоа што се зборувало на вчерашната средба на лидерот на Алијанса на Албанците со косовскиот лидер Албин Курти. Исто така не може да каже дали АА ќе биде дел од Европскиот фронт или ќе настапува со опозицијата на изборите.