Пораката од европската влада, односно Европската комисија (ЕК) до нашата земја за „конструктивност“, експресно се минира во практика од страна на првиот човек на Собранието, Талат Џафери. Тој употребуваше пцости и вулгарни зборови кон собраниските службеници, демонстрирајќи недолично и крајно примитивно ниво на однесување на политичар од толку висок ранг. Министерот за економија Крешник Бектеши за време на официјалната посета на Албанија изјави дека не бил македонски министер и посетата ја започна без македонското државно знаме… Госпоѓата Шкодране Дарлишта, која сè уште е во управниот одбор на „Телеком“, повика на војна и не презеде никаква одговорност. Артан Груби изјави дека Кичево било воен плен од 2001 година, и повторно без одговорност…
ЕВРОПА БАРА КОНСТРУКТИВНОСТ, ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА ЗА ИНТЕГРАЦИЈА (ДУИ) ДЕМОНСТРИРА ДЕСТРУКТИВНОСТ
Европската комисија (ЕК) неодамна повика на „конструктивност во македонското собрание и, воопшто, на македонската политичка сцена“. Но веќе истиот ден, пораката за конструктивност се минира и демонтира во практика од страна на првиот човек на Собранието, Талат Џафери. Тој употребуваше пцости и вулгарни зборови кон собраниските службеници, демонстрирајќи недолично и крајно примитивно ниво на однесување на политичар од толку висок ранг.
Во крајно навредливо светло кон сопствената држава се покажа и министерот за економија Крешник Бектеши, кој за време на официјалната посета на Албанија изјави дека не бил македонски министер и посетата ја започна без македонското државно знаме?!
Ќе има ли барем политичка одговорност за несоодветното однесување на носителите на јавни функции
Сето ова ја наметнува дилемата какви се овие јавни функционери што земаат плата од македонските граѓани, ги користат сите привилегии на државата, а од друга страна најфлагрантно газат по угледот на државата, не ги почитуваат Уставот и законите и ги навредуваат граѓаните што ги претставуваат. Ваквото однесување на функционери на ДУИ е целосна спротивност и со европските вредности и стандарди за демократско поведение.
Последните испади на функционерите на ДУИ го загатнуваат прашањето колку оваа партија работи на реформите што се во интерес на граѓаните и дали воопшто може да се однесува конструктивно и да ги спроведува препораките на ЕК, со оглед дека ова што досега го демонстрираат е само спроведување некаква партиска агенда на дрзок и безобразен начин, најмалку европски.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека функционерите на ДУИ се далеку од некакви европски манири и конструктивност на која ги повикува ЕК.
– ДУИ во моментот се однесува така затоа што тие немаат никаква политичка казна за нивното несоодветно однесување. Шкодране Дарлишта сè уште е во управниот одбор на „Телеком“. Штом таа сè уште е таму, значи дека тоа е проблем. Тие немаат казна. Жената повика на војна, а не доби казна. Артан Груби изјави дека Кичево било воен плен од 2001 година, ниту тој не доби казна. Пораката е дека што и да направи ДУИ, нема да добие никаква казна. Тоа е надвор од секакви европски манири и европско однесување – вели Боцевски.
Тој, анализирајќи го низ европска политичка призма несоодветното однесувањето и на Џафери, но и на министерот Бектеши, истакнува дека разликата е во тоа што таа европска конструктивност се демонстрира со одговорност кога е направено нешто несоодветно.
– Европските практики говорат дека во вакви случаи најмалку некој што треба да направи е да поднесе оставка. Па, европските политичари дури и за помали скандали се повлекуваат од политиката, понекогаш и на неколку години – појаснува Боцевски.
Според него, ако Македонија сака да биде дел од Европа, не смее да дозволи неевропското однесување на интегративците и натаму да биде толерирано.
– ДУИ праќа порака дека што и да се случи, како и да се случи, тие си ги чуваат „своите“. Не може тоа да функционира така и не смее да функционира така ако тежнееме да бидеме дел од таа Европа, која бара од нас конструктивност и реформи – истакнува Боцевски, констатирајќи дека „културата на неказнивост доведе да ни се случува ова што се случува“!
Европа не сака да си има работа со вакви луѓе
Дипломатот од кариера Љупчо Арсовски се согласува дека ова однесување на првиот човек на Собранието, но и на другите политички чинители, е далеку од каква било европска политичка култура.
– Пораката од ЕК е едно европско размислување дека не треба во Собранието да се случуваат такви работи – вели Арсовски.
Притоа тој додава дека актуелниот спикер требало повеќе да црпи од искуството на поранешниот собраниски претседател Стојан Андов, кој ваквите тензични ситуации ги решаваше со давање пауза или со повикување на собраниското обезбедување.
– Тоа е манир виден во некои евроазиски парламенти. Не личи тоа, тие всушност ја покажаа сликата на некои стари силеџиски манири. Треба да се следат европските практики што подразбираат строго придржување до процедурите, како и соодветно политичко културно однесување, кое кај нас очигледно го нема. Ова е апсолутно надвор од секакво културно и европско однесување. Европа не може да препознае земја-кандидат што се однесува на ваков начин. Европа не сака да си има работа со вакви луѓе – потенцира Арсовски.