Не постојат законски пречки за реализација на идејата за отворање македонски културен клуб во Бугарија

Македонците од Бугарија имаат легитимно право да бараат помош од Македонија како нивна матична држава. Отворањето македонски културен клуб и центар е само еден конкретен пример дека Македонците од Бугарија може легално да си побараат помош од Македонија за потребите на споменатиот проект. Токму отворањето македонски културен клуб и центар ќе води кон демократизација на Бугарија. Тоа не претставува нарушување на Договорот за пријателство и добрососедство со Софија, бидејќи станува збор за остварување на основните човекови права

Македонските здруженија и друштва во Бугарија најавија отворање клуб и културен центар во Благоевград. Според претставниците на ОМО Илинден-Пирин, нашите сонародници за ваквата идеја биле инспирирани од изјавата на премиерот Димитар Ковачевски. Зад реализацијата на проектот за отворање на македонскиот културен клуб и центар „Никола Вапцаров“ стојат македонските здруженија и друштва во Бугарија, меѓу кои ОМО Илинден-Пирин и Друштвото за заштита на основните индивидуални човекови права.

Во соопштението до медиумите, ОМО Илинден-Пирин посочи дека реализацијата е започната и дека писмено се обратиле до македонскиот премиер и Влада, надевајќи се дека ќе ја поддржат иницијативата за што поскоро отворање на клубот и центарот.
Атанас Мазнев, претседател на Друштвото за заштита на основните индивидуални човекови права, за „Нова Македонија“ вели дека не постојат законски пречки за реализацијата на идејата за отворање македонски културен клуб, бидејќи бугарското законодавство не предвидува барање дозвола за овој начин на дејствување, како што се здруженијата. Според Мазнев, за разлика од случајот со регистрацијата на неговото Друштво за заштита на основните индивидуални човекови права, која е блокирана во бугарските судски лавиринти, не постои законска пречка за функционирање на културниот клуб.

Адвокатот Тони Менкиноски, кој досега во повеќе наврати ги има застапувано македонските здруженија и организации во Бугарија пред судот во Стразбур, вели дека Македонците од Бугарија имаат легитимно право да бараат помош од Македонија како нивна матична држава. Според Менкиноски, отворањето македонски културен клуб и центар ќе води кон демократизација на Бугарија и не претставува нарушување на Договорот за пријателство и добрососедство со Софија, бидејќи станува збор за остварување на основните човекови права.

Претседателот на Друштвото за заштита на основните индивидуални човекови права, Мазнев, од своја страна, вели дека целта на клубот во Благоевград е популаризирање на македонската култура во Бугарија. Тој додава дека името на клубот не е случајно одбрано, бидејќи Никола Вапцаров е великиот македонски поет што го дал својот живот за Македонија.

Според него, културниот клуб ќе се оформи како место каде што Македонците и другите бугарски граѓани ќе дискутираат за македонската литература и култура, но и за унапредувањето на човековите и малцинските права на Македонците во бугарската држава. Мазнев исто така посочува дека, благодарение на богатата библиотека собрана од страна на новинарот и публицист, познатиот македонски деец Георги Христов, познат и како Јан Пирински, клубот веќе поседува многубројна македонска и бугарска литература. Во библиотеката се застапени македонски и бугарски автори што твореле и работеле во полза на Македонија и македонскиот народ.

Според Мазнев, македонските здруженија пронашле соодветна локација за културниот клуб и во овој момент работат етапно, а особена помош добиле од македонската дијаспора што живее во Канада.

ОМО Илинден-Пирин соопшти дека очекува финансиска помош и од македонската влада за опремување и отворање на клубот. Според досегашните информации, македонскиот културен клуб и центар во Благоевград би можел да биде отворен по повод празникот Илинден, на 2 август или најдоцна на 12 септември.


Кој е Никола Вапцаров?

Вапцаров е роден во Банско, во Пиринскиот дел на Македонија. Неговиот татко Јонко Вапцаров е истакнат револуционер и учесник во македонското движење за самостојна македонска држава. Никола Вапцаров е истакнат поет, кој се занимавал со социјалните проблеми, а поезијата му е социјална, револуционерна и хуманистичка. Единствената стихозбирка на Вапцаров што е објавена за време на неговиот живот е насловена „Моторни песни“, објавена во 1940 година. Во однос на политичката дејност, Вапцаров бил член на Бугарската комунистичка партија и активен антифашист. Во однос на македонското прашање, тој е активен македонски деец, кој се борел против бугарскиот шовинизам, заштитувајќи ги македонските особености – јазик, култура и историја. Вапцаров бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок во Софија, од самите членови бил сметан за срцевина на кружокот. Во 1942 година бил уапсен и осуден на смрт од страна на бугарската фашистичка влада.