Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со овој висок легитимитет што го дадоа граѓаните, всушност испратија порака до сите, и внатре и надвор, дека нема да дозволат во иднина погрешни политики на штета на државата и на нацијата. За нив е свето да не се чепкаат суштинските, битните и најдлабоките темели, фундаментите на нацијата и државата, а тоа се територијата, симболите, името, идентитетот, јазикот, историјата. Тој што чепна, го доби народниот одговор. Резултатите од завчерашните избори се реакција на таквите политики

Анализа: Што се случи на овие избори

Разочараноста, апатијата и инертноста, кои станаа главна карактеристика кај македонските граѓани последните неколку години, беа јасен сигнал дека нешто силно го поттикнува таквото чувство и дека порано или подоцна ќе се вклучи одбранбениот механизам, кој ќе дејствува радикално во насока на спречување на изворот што го иницира народното незадоволство.
Последните избори го потврдија токму тоа, дека кога заканата по државата и нацијата станува толку голема, се вклучува народот како последна одбрана пред да отиде во неповрат сето она што со векови било градено и негувано.
Несомнено, многумина и денеска си го поставуваат клучното прашање, што се случи всушност на 8 мај и како одеднаш подзаспаниот народ се разбуди и го кажа своето мислење за сите политики што се наметнуваа однадвор и се практикуваа внатре, во изминативе седум години.

Горда нација, силна држава

Во повеќе од 560 илјади гласа за професорката Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори, како и над 430 илјади за опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но и нешто над 200 илјади за другите опозициски партии на парламентарните избори, всушност се крие одговорот на народот на политиките на понизност, прифаќање уцени, самоомаловажување, поточно на сите погрешни политики на кои граѓаните предупредуваа, а политичарите арогантно ги игнорираа.
Бројките покажуваат дека нацијата се сплоти и испрати моќна порака, дека вака повеќе не може и дека кога станува збор за интересите на државата и на нацијата, одлуките се носат заеднички, со консензус и низ транспарентна дебата, а не за иднината да одлучуваат поединци само заради лични интереси.
Повеќе од јасно е дека завчерашните избори беа еден вид изборен референдум на кој нацијата одлучи да ги стопира погубните политики градени врз велепредавства, преку промена на името на државата, промена на Уставот, склучување асиметрични меѓународни договори со кои земјава се стави во подредена улога кон соседните земји, се прифати преговарачка рамка со ЕУ во која се вметнати критериуми што немаат никаква врска со европската агенда, туку се креирани според желбите на една земја членка.
Најтрагичното во сето тоа беше што и оние поединци што ги спроведуваа таквите штетни политики беа свесни дека тоа е на штета на државата и на нацијата, но се надеваа дека ако бидат „добрите момци“ во очите на меѓународната заедница и ако прифаќаат сѐ што таа заедница ќе им понуди, дека бесконечно ќе останат на власт и себеси ќе се нарекуваат Европејци, а сите други ќе ги ословуваат како ретроградни антизападни елементи.
Таквите наративи кај народот не поминуваат, туку напротив, народот се изјасни дека ги отфрла овие политики, и тоа со индигнација.

Референдумско отфрлање на погубните политики

Ако за некои поранешни изборни циклуси се говореше дека народот казнува те една, те друга политичка партија поради некои грешки во владеењето, сега не е таков случајот. Ова веќе не е одмазда или казна, туку референдумско отфрлање на погубните политики со кои на Македонија како држава и на македонскиот народ како носител на државноста од корен им се промени карактерот. Ако политичарите што ги спроведоа ваквите погубни политики не понесоа ниту грам одговорност, нацијата ја презеде одговорноста врз свои плеќи и кажа стоп за ваквите деструктивни политики.
Убедливо мнозинство граѓани со индигнација ги отфрлија лошите политики, политиките што значеа промена на името, политиките што значеа еден вид моделирање на идентитетот, на јазикот, на историјата, на културата, на политиките што одеа во прилог на креирање нова вештачка нација преку бришење на еден стар автохтон народ, кој има своја вековна историја и традиција.
Социологот Илија Ацески во радикалниот одговор на нацијата на погрешните политики го препознава токму тој заштитен механизам со кој граѓаните се бранат од сето она што државата ја влече надолу.
– Она што се случи на завчерашниот изборен ден дефинитивно го детерминираше народот како главен коректор на секоја лоша политика што граѓаните ја препознале и на која предупредиле. Несомнено голем процент од граѓаните се определија за промени и тоа многу значи, значи обврска за оние што претендираат да ја водат државата во следниот период, дека ако не ги спроведуваат политиките што ги ветиле и за кои (не) добиле мандат, тогаш и тие можат да очекуваат многу брзо да проработи народниот систем на корекција. Пораката е уште поголема, не само за оние што досега ја практикуваа власта туку и за оние што доаѓаат, дека е потребно целосно рестартирање на системот за да можат да профункционираат и институционалните контролни механизми, кои навремено ќе спречуваат секакви погубни политики. Потребна е реална европеизација на Македонија, а граѓаните јасно го кажаа тоа на овие избори – посочува Ацески.

Повеќе од јасно е дека завчерашните избори беа еден вид изборен референдум на кој нацијата одлучи да ги стопира погубните политики градени врз различни форми на велепредавства, преку промена на името на државата, промена на Уставот, склучување асиметрични меѓународни договори со кои земјава се стави во подредена улога кон соседните земји, се прифати преговарачка рамка со ЕУ во која се вметнати критериуми што немаат никаква врска со европската агенда, туку се креирани според желбите на некој друг

Проработи последниот одбранбен механизам – народот!

И другите соговорници во голем дел се согласуваат со констатацијата на професорот Ацески, посочувајќи дека кога една нација се чувствува загрозена, таа мора да се одбрани за да не исчезне.
– Овој пат народот ја зеде својата улога како коректор на погрешните политики. Тоа е таа алатка што не затаи. Ако затаија институциите да ги коригираат овие политики, сега изби тоа чувство на самобитност, нацијата се разбуди и реши да стави точка на сите политики што нѐ водеа кон апатичност, кон понижување, индиферентност, кон потиснување на најинтимното и најдлабоко чувство на припадност кон една држава и една нација, што полека, но сигурно нѐ водеа кон преименување на нацијата – нагласуваат соговорниците.
Според нив, високиот одзив даде еден висок легитимитет на тоа што нацијата сака да се постигне.
– Со овој висок легитимитет што го дадоа граѓаните, всушност испратија порака до сите дека нема да дозволат во иднина погрешни политики на штета на државата и на нацијата. За нив е свето да не се чепкаат суштинските, битните и најдлабоките темели, фундаментите на нацијата и државата, а тоа се територијата, симболите, името, идентитетот, јазикот, историјата. Тој што чепна, го доби народниот одговор. Резултатите од завчерашните избори се реакција на таквите политики – истакнуваат соговорниците.
Анализирајќи што навистина се случи на 8 мај, многумина од соговорниците сметаат дека најголемото разочарување, покрај тоа што не беа исполнети дадените ветувања пред граѓаните пред седум години, дојде со промената на името и оглушувањето на пораките што уште тогаш ги испрати народот.
– Референдумот за името беше гласот на граѓаните, тие јасно кажаа дека се против промена на името. Граѓаните јасно кажаа и дека се против Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија на начин како што беше постигнат, но и дека се и против францускиот предлог, кој беше ултимативен и уценувачки предлог диктиран од официјална Софија. И кога некој се прави намерно глув на сите овие аларми, тогаш исходот е повеќе од очекуван. Граѓаните почувствуваа дека одговорноста беше избегната, никој не презеде каква било одговорност за погрешните политики и затоа реагираа вака како што реагираа.
Политиките за деноминација на македонскиот народ и на државата доживеаја тотално фијаско – потенцираат нашите соговорници.


Дали во последиците од политичката неодговорност се скриени и причините за барање индивидуална правна (кривична) одговорност?

Утврдување на одговорноста пред сѐ и над сѐ!

Прашањето што сосема легитимно го отвораат соговорниците им дава уште поголема специфична тежина на перипетиите што се случија со изборите во македонското општество. Дали во колективот што го почувствува сечилото на граѓаните за неодговорните политики ќе има и поединци што ќе преземат полна индивидуална правна одговорност (можеби дури и кривична, затоа што токму таа одговорност е строго индивидуална) за поведенијата и активностите што ги вршеа водејќи погрешни државни и народни политики? Поведенијата, според соговорниците, содржат и индиции за поткупи, корупција, па сѐ до велепредавство?! Токму таа индивидуална одговорност треба да ја утврдат специјализираните институции, чија уставна и законска надлежност е тоа, и тоа што поскоро, велат соговорниците

Последиците на политичката неодговорност дојдоа со резултатите на изборите. Политиките што беа водени несинхронизирано со националниот интерес, на изборите од страна на граѓаните беа фрлени на буништето на историјата.
Според низа соговорници, професори и политички аналитичари, „политичката неодговорност на носителите на јавната власт, и како поединци и како интересни групи/партии, го достигна својот климакс“. Водењето погубни политики за нацијата и државата и наметнувањето на тие политики без даден мандат на граѓаните за тоа и без практикување на демократските форми на слушање на гласот и мислењето на граѓанинот доведоа до ситуација на целосно отуѓување на власта, а носителите на таа власт да се претворат во државно-лидерска каста.
Според соговорниците, ова што се случи всушност е будење на народот од нокаутот, за кој некој очекуваше дека никогаш нема да се случи и дека секој ќе може да прави буквално што сака.
– Пораката што ја испрати нацијата е силна. За политиките што ги деноминираат нацијата, државата, името, идентитетот, нема простор, тие се отфрлаат. Се отфрла водењето надворешна политика преку која беа потпишани капитулантскиот Преспански и Договорот со Бугарија, каде што прифаќаме сѐ и сешто, во кои се предвидуваат обврски само за нас, но не и за другите. Народот направи сѐ за да им каже на политичарите дека рамката, протоколите и слично, онака како што беа постигнати се неприфатливи, а на новите што претендираат да ја водат државата во следните четири години, дека треба да направат сѐ што можат сето она што е упропастено, да го подобрат и да го свртат во наша полза – констатираат соговорниците.
Но прашањето што сосема легитимно го отвораат соговорниците им дава уште поголема специфична тежина на перипетиите што се случија со изборите во македонското општество. Дали во колективот што го почувствува сечилото на граѓаните за неодговорните политики ќе има и поединци што ќе преземат полна индивидуална правна одговорност (можеби дури и кривична, затоа што токму таа одговорност е строго индивидуална) за поведенијата и активностите што ги вршеа водејќи погрешни државни и народни политики? Поведенијата, според соговорниците, содржат и индиции за поткупи, корупција, па сѐ до велепредавство?! Токму таа индивидуална одговорност треба да ја утврдат специјализираните институции, чија уставна и законска надлежност е тоа, и тоа што поскоро, велат соговорниците.
Според нив, оние што се оглушуваа на пораките на народот и продолжуваа со погрешните и погубни политики треба да преземат одговорност за своите постапки.
– За колективната одговорност на оние што ја водеа државата, мислењето си го кажа нацијата. А за личната одговорност, неа ќе ја утврдува правниот систем, таму нема колективна одговорност. Ако некој се огрешил од законот, ако корумпирал, давал пари и правел други незаконски дејства, тој треба да одговара. Дали тоа ќе биде за велепредавство или корупција, тоа ќе си оценат надлежните правосудни органи, кои се должни да ја процесираат правната одговорност, која е дефинирана како индивидуална. Доколку постојат основани сомненија дека такви незаконски дела се направени, тогаш судските органи ќе си ја тераат целата постапка. На тој начин ќе се испрати и дополнителна порака до секој што е на функција, дека кога станува збор за интересите на државата и нацијата нема простор за никакви погрешни политики и незаконски дејства. Впрочем, сега е времето да се направат радикални промени, кои ќе ја обележат иднината на Македонија во една нова и попросперитетна иднина, без корупција, без криминал, со владеење на правото, со силна економија, здравство, образование, промени што од Македонија ќе направат посакуван член на ЕУ, со заштитен идентитет, јазик, историја и култура. Ако се отстапи и од овие заложби, народот за кусо време повторно ќе го даде својот одговор – заклучуваат соговорниците.