Фото: „Нова Македонија“

Универзалните човекови правa, вредностите на мултилатерализмот и принципите на меѓународното право, во контекст на државноста на Македонија и нејзината меѓународна позиција, константно се „тестирани“ од застарените, но очигледно функционални „трикови“ на реалполитиката. Со последиците од таквиот „судир на концептите“ во меѓународната политика, Македонија се справува со децении, обидувајќи се да стане членка на меѓународни организации како НАТО и ЕУ. Токму сега, во еден поширок актуелен тренд на движење на светските и европските политички тенденции, легитимно, токму пред избори во нашата земја, се поставува прашањето за курсот на македонската надворешна политика, на регионален, европски и на глобален план

Глобализацијата покажа дека ниедна земја не може да биде оаза

Пријателството во политиката е мошне релативна категорија, втемелена главно на некаков интерес на две (или повеќе) страни, поради кои се создаваат сојузништва. Од оваа реалност произлегуваат и поговорките од видот: „Нема вечни пријателства, нема вечни непријателства, има вечни интереси“. Сепак, и покрај овие сознанија, на меѓународен план се чини дека е важно да се одржуваат (макар и привидот за) некои традиционални пријателства.
На почетокот на неделава, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, беше во официјална посета на Париз, на средба со претседателот на Франција, Емануел Макрон. Посетата беше најавена како од големо значење за Србија, а меѓу темите на разговор беа: зајакнувањето на билатералната соработка, Косово, Сребреница, нуклеарната енергија, купување 12 борбени авиони „рафал“, „Експо 2027“…
– Ќе побарам од претседателот Макрон да земе предвид сѐ што разговаравме, но и да ги земе предвид меѓународните норми на јавното право, особено обврската за формирање заедница на српски општини. Знам дека Франција ја поддржува независноста на Косово, но на мене останува да прашам – изјави српскиот претседател Вучиќ пред средбата со Макрон.

Анахрони ли се традиционалните пријателства во современиот мултилатерализам?!

Откако Србија беше „изневерена“ од другиот традиционален регионален сојузник, Грција, во врска со темата што претставува српски меѓународен приоритет (да не дозволи меѓународно легитимирање на Косово), српскиот претседател и покрај познатите позиции, сепак се обрати за поддршка кај другиот традиционален пријател (уште од Првата светска војна) – Франција. Актуелната грчка европарламентарка, а поранешна министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, игра клучна улога како известувач за Косово во Советот на Европа, за прием на поранешната српска покраина, сега независна држава, во најстарата европска демократска институција. Српското лидерство изјавува дека сериозно ќе го преиспита традиционалното пријателство со Грција, поради кое очекуваше поддршка за своите интереси на меѓународен план поврзани со Косово, а редовно ги поддржуваше и непринципиелните грчки интереси во меѓународната политика. Таквото српско-грчко пријателство секогаш имаше приоритет кај официјален Белград кога стануваше збор за предизвиците на македонско-грчките односи. Поради очекуваната поддршка од Грција за прашањето на Косово, официјален Белград го поддржа и контроверзниот асиметричен Преспански договор на Македонија со Грција, кој е на штета на македонската страна. Сепак треба да се нагласи дека билатералните односи на Македонија и Србија и понатаму се со статус – искрено пријателски.
– Не верувам во традиционални сојузништва и билатерални пријателства меѓу државите, кои се засноваат на политичките принципи од 19 век, зашто се темелат на погрешни постулати. Токму поради такви сојузништва засновани на реалполитиката и некаков пронајден заеднички интерес на две страни, обично на штета на сите други, во 20 век имавме две светски војни. Поради рецидивите на таа реалполитичка филозофија, денес Македонија се соочува со т.н. француски предлог за преговарачката рамка со ЕУ, сосема анахрона на современите универзални вредности и принципи што човештвото ги гради по Втората светска војна. Овие т.н. традиционални пријателства и политичкиот реализам го потценуваат и поткопуваат либералниот меѓународен институционализам, што го градиме речиси 80 години – вели Ида Мантон, професорка по меѓународни преговори и медијација.

Принципите на кои Македонија треба да ги гради своите
меѓународни пријателства

Предизвикот со кој се соочува Македонија во своето меѓународно политичко позиционирање влегува во „описот“ на судир на влијанијата на реалполитиката и принципите на современиот мултилатерализам. Потпирајќи се на универзалните човекови права, вредностите на мултилатерализмот и принципите на меѓународното право, државноста на Македонија и нејзината меѓународна позиција, константно се „тестирани“ од застарените, но очигледно функционални „трикови“ на реалполитиката. Со последиците од таквиот „судир на концептите“ во меѓународната политика, Македонија се справува со децении, обидувајќи се да стане членка на меѓународни организации, како НАТО и ЕУ.
– Европската Унија е своевиден наднационален сојуз, кој според своите основачки акти се води и се потпира на универзалните човекови вредности и на Универзалната декларација за човековите права на ОН. Но Советот на ЕУ, каде што одлуките се носат едногласно, всушност функционира според принципите на политичкиот реализам. Затоа често имаме ситуации некоја одлука, која е од поширок интерес на Унијата, да биде блокирана поради особено себични причини на една земја членка. Македонија во овој поглед е сериска жртва на тој реалполитички начин на функционирање на Советот на ЕУ. И покрај некои навестувања за менување на начинот на носење одлуки во Советот на ЕУ поради евидентната нефункционалност, сепак и понатаму ЕУ како сојуз дозволува да биде манипулирана од одредени политички профитери во земјите членки – анализира професорката Мантон, која сепак смета дека пријателствата на меѓународен план, кои денес треба да ги гради Македонија, треба да бидат врз основа на современите дипломатски принципи и воопшто на човештвото.
– Веќе на меѓународен план имаме изградено структури, како меѓународна заедница да се однесуваме поинаку – врз основа на мултилатерализмот и меѓународното право малите држави да бидат рамноправни со големите држави, заштитени од нивната моќ врз основа на принципите на кои се засновани наднационалните организации, како Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ… Универзалната декларација за човекови права е обврзувачка за сите членки на ООН, иако сме свесни дека некои држави работат подло и не ги почитуваат договорените принципи, поради свои национални и особено себични интереси и причини – вели Ида Мантон.

Неискористените шанси на мултилатерализмот

Да се биде дел од меѓународната заедница, рамноправно и достоинствено како сите други членки, според стандардите и универзалните вредности на меѓународното право, се покажа како особено искушение за Македонија и македонскиот народ. Мошне иронично и цинично, билатералните договори за пријателство со соседите се претворија во документи за уцени врз Македонија во нејзините евроинтеграции, со барања на соседните држави што флагрантно ги кршат вредностите на кои е поставена современата цивилизација – еднаквост, рамноправност, слобода на самоопределување и самоименување… Со сите овие искушенија и предизвици на меѓународен план, македонската дипломатија и политичко лидерство не се снајдоа најдобро, ниту во градење одговорни пријателства, ниту во користење на можностите на современиот мултилатерален институционализам.
– Проблемот на Македонија со градење пријателства на меѓународен план е во тоа што немаме соодветно обучена и освестена дипломатија и политички лидери што ги разбираат современите принципи на кои е градена мултилатералната правна констелација на ООН, Советот на Европа, ОБСЕ. Во овие две-три децении независност не успеавме да изградиме функционален оддел за мултилатерализам во Министерството за надворешни работи, а оние што стекнале искуство во меѓународните организации,потоа не се соодветно искористени. Уште од осамостојувањето на македонската држава знаевме дека клучни надворешнополитички предизвици ќе ни бидат односите со Грција и Бугарија, но македонската дипломатија речиси и да не работеше на подигање на свеста за ова прашање кај другите членки на меѓународната заедница, било на билатерален план или на мултилатерални форуми. И затоа сега ги имаме асиметричните Преспански договор со Грција и предлог-преговарачка рамка со ЕУ, по бугарски терк. За да добие праведна меѓународна позиција, Македонија преку својата дипломатија треба да ги искористи сите можности што ги нудат современиот мултилатерализам и меѓународните институции засновани на почитување на човековите права и демократските вредности на меѓународното право, за рамноправност на малите држави со моќните светски сили – заклучува професорката Ида Мантон.


Сем Вакнин: Зошто на малите народи/држави им се потребни сојузници/пријатели?

Во современиот глобален контекст, се чини заемен е интересот на малите држави и големите сили од сојузи и пријателства. Аналитичарот на глобалните политички процеси, Сем Вакнин, за „Нова Македонија“ ги „расчленува“ факторите што ги создаваат денешните сојузи на малите држави и на регионалните, односно суперсилите.
– Од памтивек, малите земји „дејствуваат“ како клиенти на поголемите. Регионалните и глобалните суперсили инсистираа на воспоставување сфери на влијание за да ги заштитат своите граѓани и да ги заштитат нивните интереси. Дури и „новите“ САД ја реафирмираа доктрината на Монро, за да се осигурат дека Европа не се меша во работите во хемисферите во американските интереси.
Државите клиенти исполнуваат неколку важни функции и им даваат услуги на нивните хегемонични покровители:
1. Тие се впуштаат во прокси-војни со полномошници на други сили;
2. Тие служат како тампон-зони за заднината на регионалните сили или на суперсилите;
3. Тие дејствуваат како полиња за тестирање нови системи на оружје, тактики и стратегии;
4. Тие обезбедуваат колонијална моќ, империја или спонзорска држава со суровини и топовско месо (војници);
5. Тие вршат тајни „валкани“ операции – вклучувајќи и во сајбер-просторот – во име на регионалната сила или суперсила, со цел да си го дозволат последното веродостојно негирање;
6. Собираат разузнавачки информации и ги споделуваат со хегемонистичката држава.
За возврат, поголемите членки на овие асиметрични сојузи им гарантираат безбедност и територијален интегритет на своите држави клиенти, ги снабдуваат со оружје и воена обука, како и економски заеми и споделуваат разузнавачки информации.
Тие, исто така, интервенираат дипломатски за да ги заштитат своите држави клиенти од влијанијата на санкциите и другите чекори преземени од нивните противници.
Малите држави отсекогаш се „пазареле“ за заштита. Египет се сврте од САД кон СССР во 1950-тите години и назад кон САД во 1970-тите, на пример. Така направи и Израел, иако во спротивна насока: од комунистичкиот исток до капиталистичкиот запад.
Во мултиполарен свет, нивото и моќта на преговарање на малите земји се зголемуваат. Но истото тоа го прави и агресијата на регионалните моќници. Ни претстои невообичаено турбулентен период во човечката историја, додека државните актери се обидуваат да се задоволат со нова функционална рамнотежа – анализира за „Нова Македонија“ експертот Сем Вакнин.