Со упатените и искажаните тврдења од страна на бугарскиот политички врв и по повод новоформираниот бугарски клуб во Битола викендов се направени тешки кривични дела, меѓу кои спаѓа и демонстрирање фашизам, што е казниво во светот, тврдат правните експерти. Според нив, прво, директно се негираат НОВ, АСНОМ и формирањето на македонската држава, второ, не се признава македонскиот територијален интегритет и, трето, се разгорува национална омраза со тоа што не се признава постоењето на македонскиот идентитет. Македонија слично вакво искуство имаше и во 2001 година со здружението „Радко“, чија програма Уставниот суд ја поништи тогаш и го забрани неговото дејствување
ПРАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ ЕДНОГЛАСНИ
Отворањето на бугарскиот културен клуб именуван „Ванчо Михајлов“ викендов во Битола предизвика и сѐ уште предизвикува бурни реакции кај домашната јавност, која смета дека работата на овој клуб е во целосна спротивност со македонските закони и со Уставот и дека надлежните треба да реагираат.
Имено, по забелешките зошто се именува клубот со името на Ванчо Михајлов, инаку, докажан соработник на фашистите за време на Втората светска војна и негатор на Македонците, од клубот соопштија дека „историскиот лик Ванчо Михајлов е продолжувач на делото на Гоце Делчев и Даме Груев… Како што Путин го создаде Донбас, така Тито ја создаде Македонија, нашата окупирана татковина… Југословенската сатрапија во нашата Македонија (сега ‘Северна’) го дефинираат како фашизам неизбежното враќање на бугарскиот идентитет во Битола, Охрид, Велес, Штип… во сета наша напатена Македонија“, се наведува во реакцијата на културниот центар „Ванчо Михајлов“.
Токму овие апсурдни тези на новоотворениот центар говорат дека не станува збор за никаков бугарски културен клуб што ќе работи на зближување на двата народа преку културна соработка, туку за клуб, како пропагандистичка алатка што сериозно го поткопува уставниот поредок на државата пласирајќи ги бугарските тези од пред повеќе од еден век.
Прекршени и законот и Уставот
Како што стои во членот 4, точка 2 од Законот за здруженија и фондации, „се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“.
И во членот 20 од Уставот на државата прецизно се наведува дека „Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, или верска омраза или нетрпеливост“.
Ако се земат предвид овие два члена, неколку моменти во изнесените ставови на бугарскиот културен клуб се спротивни на македонските закони и на Уставот, поради кои може отворено да се каже дека овој клуб треба да биде забранет и да се побара негова пререгистрација, не затоа што е бугарски, туку затоа што е противзаконски.
Имено, тезите што ги застапува овој клуб се дека Тито ја создал Македонија по принципот на она што Путин го прави во Донбас. Со ова директно се негираат НОВ, АСНОМ и формирањето на македонската држава.
Втор момент е дека оваа територија претходно ѝ припаѓала на Бугарија и дека Тито ја откинал од бугарската држава и ја припоил кон поранешна Југославија.
Ваквите тврдења од бугарскиот културен клуб повторно се спротивни и на Законот за здруженија и фондации, но и на Уставот, бидејќи не се признава територијалниот интегритет на државата, туку оваа територија се доживува како окупирана, што отвора можност клубот со своето дејствување да работи во насока на „враќање на одземената територија“, што е опасен преседан што целосно го поткопува територијалниот интегритет на државата.
Трет момент што го истакнуваат од бугарскиот културен клуб е „неизбежното враќање на бугарскиот идентитет во Битола, Охрид, Велес, Штип… во сета наша напатена Македонија“, со што се разгорува омраза врз национална основа, што повторно е спротивно на законите и Уставот.
Пред нешто повеќе од 20 години во Основниот суд во Охрид се регистрира здружението „Радко“ со отворена програмска непријателска определба за продолжување на терористичката и профашистичка дејност на Ванчо Михајлов. Уставниот суд на Република Македонија тогаш на 21 март 2001 години ги поништи Програмата за работа и Статутот на здружението на граѓани „Радко“ како противуставни.
Образецот за „Радко“ треба да важи и за „Ванчо Михајлов“
Познавачите на состојбите се согласуваат дека програмските цели на ова здружение се во целосна спротивност со македонските закони и со Уставот и дека од тие причини надлежните треба да реагираат, бидејќи овој бугарски клуб работи спротивно на законите.
– Уставниот суд треба да постапи идентично како и при случајот со „Радко“, односно да реагира по истата основа бидејќи и во настапот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ се нарушува територијалниот интегритет на државата, односно дека неговото дејствување е спротивно на темелните принципи на Уставот – вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.
Според него, треба да се утврди кој го регистрирал овој културен клуб, дали неговиот статут бил во согласност со македонските закони, но и дали ова здружение дејствува спротивно на сопствениот статут.
– Програмите на политичките партии, но и на здруженијата ги цени Уставниот суд и тие не смеат да бидат во спротивност со уставниот поредок. По таа основа треба да се постапува и во врска со овој културен клуб што викендов почна со работа во Битола. Ако работи спротивно на законите и Уставот, треба веднаш да реагира Јавното обвинителство, односно сите институции што го штитат државниот поредок. Треба да се реагира неодложно – категоричен е Ивановски.
Тој потсетува дека треба да се согледа целата состојба околу тоа како е регистриран овој клуб, да се утврдат сите факти, па потоа соодветно да се постапи.
– Потребно е да се направи целосна анализа, односно да се провери дали ова здружение или клуб е регистрирано во согласност со Уставот и законите на оваа држава, ако е регистрирано да се види дали програмата на тоа здружение е во согласност со Уставот или законите или, пак, во практичното однесување можеби не се почитува. Може статутот да им е во согласност со законите, но во практика тој да не се почитува. Ако тоа не се почитува и спроведува, тогаш треба да дејствуваат органите на јавниот поредок, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, едноставно мора некој да реагира – истакнува Ивановски.
Поранешниот уставен судија смета дека државата мора да го има предвид постапувањето во случајот „Радко“ бидејќи станува збор за идентични работи.
– Ние тогаш токму поради загрозување на уставниот поредок на земјата го одбивме регистрирањето на тоа здружение, тие водеа постапка во Стразбур, но ние опстојавме на ставот дека такво здружение, со такви цели, не треба да биде регистрирано. Тоа што сега го прават Бугарите со клубот во Битола е чист фашизам, кога се знае кој бил Ванчо Михајлов во историјата. Пред некоја година дури и „Радко“ се повлече од поранешните ставови, но гледаме како некој на голема врата повторно го враќа фашизмот – потенцира Ивановски.
Според него, самото име на клубот и тоа што некој застанува зад него, па дури и премиер на една држава, е чин за срамење.
– За жал, нашите не отидоа таму и мислат дека си ја завршија задачата, со што исто го погазија поредокот. Немањето реакција е како на некој начин тоа да се легализира, како да ги прифаќаме бугарските провокации. Не е сеедно чие име е ставено. Замислете на некој клуб во Германија да стават име „Адолф Хитлер“. Што беше Хитлер во Германија, тоа беше Михајлов, односно „Радко“ во Македонија. Токму тој Ванчо Михајлов ги уриваше темелите на македонската држава. Ова што го прави Бугарија е провокација, но нереагирањето на таквите провокации, всушност, исто е провокација – заклучува Ивановски.