Карикатура: „Нова Македонија“

Експресната мобилизација на земјите-основачки на Европската Унија, Германија и Франција, за размена на енергенти според потребите (Франција да ѝ обезбеди гас на Германија, а Германија да испрати струја во Франција), многу потсетува на почетоците на Унијата, односно Договорот за основање на Европската заедница за јаглен и челик во 1951 година. Тој договор, кој бил потпишан меѓу Франција, Западна Германија, Италија и трите земји на Бенелукс (Белгија, Луксембург и Холандија), се смета за втемелување на економската стабилност во Западна Европа по Втората светска војна. Споделувањето на производството на јаглен и челик, тогаш клучните ресурси, во сегашниот контекст е пресликано во споделување на енергетските ресурси: струја и гас. Војната тогаш само што завршила, а сега таа е во тек на европска почва. Денес, длабоката економско-енергетска криза во Европа, се чини ја враќа Унијата на сопствените корени на постоењето, но водечките држави, и тогаш и сега, приоритетот го даваат на обезбедувањето на сопствените национални економии

Кризата и трагањето за непречен пристап до економско-енергетски ресурси ги зајакнуваат сојузите на лидерските ЕУ-земји

Повеќегодишното залагање на некои од носечките лидери на ЕУ дека таа самата треба се реформира, се чини дека ќе се става на слеп колосек, бидејќи дојдоа нови приоритети во врвот на европската агенда. Тоа се ресурсите, енергентите, веригите на снабдување, односно сето она што значи одржување на европската економија, но со посебно тежиште на обезбедување на економиите на државите-носители на ЕУ.
Заради новиот приоритетен интерес на клучните ЕУ-држави ќе бидат тргнати на маргините низа прашања што до скоро беа третирани како приоритетни: на пример, прашањата за системските реформи во ЕУ, како и прашањето за проширување на Унијата, што нас нѐ тангира најмногу. Во ваквиот контекст на одвивање на работите, под закана за длабока европска криза од економско-енергетски аспект, и актуелна војна на почвата на Европа, големите европски земји презедоа инстант мерки за да ги обезбедат своите стопанства и граѓани.

Моторот на ЕУ функционира, но само во виталните делови?!

Неодамна, францускиот претседател Емануел Макрон објави дека „Франција и Германија се договорија меѓусебно да си помагаат во справувањето со енергетската криза што произлегува од војната во Украина“.
– Франција ќе биде подготвена да ѝ обезбеди гас на Германија, а Германија се согласи да испрати струја во Франција доколку е потребно. На Германија ѝ треба нашиот гас, а нам ни треба струја од остатокот од Европа, особено од Германија – изјави Макрон на прес-конференција, по телефонскиот разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц.
Тој додаде дека Франција сака да ги развие сите енергетски интерконекции што имаат смисла, но дека не гледа потреба од изградба на дополнителни гасоводни капацитети меѓу Шпанија и Франција. Макрон рече дека во последните недели постојниот капацитет на гасоводот Шпанија – Франција работи со само половина од неговиот капацитет и дека гасот најмногу се насочува кон Шпанија.
Ваквата експресна мобилизација на земјите-основачки на Европската Унија, Германија и Франција, за размена на енергенти според потребите (Франција да ѝ обезбеди гас на Германија, а Германија да испрати струја во Франција), многу потсетува на почетоците на Унијата, односно Договорот за основање на Европската заедница за јаглен и челик во 1951 година. Тој договор, кој бил потпишан меѓу Франција, Западна Германија, Италија и трите земји на Бенелукс (Белгија, Луксембург и Холандија), се смета за втемелување на економската стабилност во Западна Европа по Втората светска војна. Споделувањето на производството на јаглен и челик, тогаш клучните ресурси, во сегашниот контекст е пресликано во споделување на енергетските ресурси: струја и гас. Војната тогаш само што завршила, а сега таа е во тек на европска почва. Денес, длабоката економско-енергетска криза во Европа, се чини ја враќа Унијата на сопствените корени на постоењето, но водечките држави, и тогаш и сега, приоритетот го даваат на обезбедувањето на сопствените национални економии.
– Договорената соработка, односно меѓусебна помош за справување со предизвиците на енергетската криза меѓу Германија и Франција, не би ја нарекол „враќање на корените на Унијата, туку повеќе манифестација на позицијата дека ’моторот на ЕУ функционира’“. Секако, тоа е одговор на заканата на Русија дека ќе ги запре целосно испораките на гас во ЕУ, пред сѐ во Германија. Германија има од 10 до 15 отсто централи на гас, 30 отсто енергија од обновливи извори, а сето друго производство на енергија е од јаглен. Руската закана за запирање на испораките на гас можеби не ја засегаат во голема мера Франција, зашто таа се снабдува со гас од Мароко преку Шпанија, но договорот е повеќе израз на солидарност со Германија, односно дека движечкиот двоец на ЕУ функционира – вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов.
Како доминантна причина за Првата и за Втората светска војна е општоприфатена констатацијата дека тие се случиле поради нееднаквиот пристап до ресурсите на јаглен, челик и нафта на тогашните империи, односно големите сили.

Прегрупирањето на силите за непречен достап до ресурсите ќе влијае драматично и на системските реформи во ЕУ

Предимензионирањето на актуелниот седуммесечен руско-украински воен конфликт, во игра со уцени за енергентите меѓу Русија и ЕУ, сѐ повеќе наликува на ново прегрупирање на силите за пристап до ресурсите.
– Во заднината на конфликтите меѓу големите сили, најчесто, речиси секогаш во прашање е пристапот до ресурсите. Но овој пат не станува збор за конфликт внатре во ЕУ, меѓу земјите-членки, туку за позиционирање на Унијата во изразениот ривалитет меѓу двата нејзини соседи, двете големи сили: едниот преку океанот, другиот на источната граница, САД и Русија. Поради демократските вредности што го споделуваат и заедничкиот воен сојуз, во овој ривалитет меѓу големите сили, ЕУ ги прифати позициите на САД. Секако, постојат и други методи на дипломатско-политичко дејствување за да се избегнат воени конфликти, но големите сили, кога се во прашање нивните интереси, не обрнуваат многу внимание на таквите решенија. Иако изгледа дека не е сложено да се разберат причините за енергетската криза што се најавува во ЕУ, сепак решението на предизвикот е сложено – вели амбасадорот Филипов.
Енергетските предизвици на ЕУ, секако, се одразуваат и на земјите-кандидатки, кои не се членки на Унијата, но во процесот на преговарање за членство мораат да ги усогласат надворешните политики (секако и внатрешното право) со оние на Европската Унија. Во актуелниов миг, енергетската независност претставува клучен момент во надворешната политика на ЕУ, според кој, треба да се усогласат и земјите-кандидатки од Западен Балкан. Во духот на француско-германскиот договор за меѓусебна енергетска помош и земјите од иницијативата Отворен Балкан (Македонија, Србија и Албанија) неодамна договорија меѓусебна енергетска поддршка. Но и понатаму таквата „усогласеност“ со надворешната политика на ЕУ не им претставува гаранција дека тоа ќе ја активира волјата на главните членки на Унијата за проширување пред самата да се реформира, во процес со неопределен рок на траење.


Отпор во ЕУ од најмалку десет членки за идејата за лимитирање на цената на рускиот гас

Според пишувањето во реномираниот „Фајненшл тајмс“, „некои членки на Европската Унија си признаа и себеси и на другите дека, всушност, повеќе се плашат од руската одмазда отколку што очекуваат од експерименталното ограничување на цената на еден од клучните извори на енергија“. Дали тоа значи дека предлогот да се стави највисока можна цена за рускиот гас очигледно пропадна?!

Брисел се соочува со силен отпор од најмалку 10 земји-членки поради идејата за ограничување на цената на гасот, бидејќи, според нив, тоа може само да ѝ сигнализира на Русија целосно да ги запре испораките. Според медиумите, сосема очекувано, меѓу тие 10 членки се и оние со нестабилни јавни финансии, Италија, Грција и Португалија, но и Полска. Полскиот премиер недвосмислено во јавноста ги оцени ваквите потези како ирационални и јавно ја доведе во прашање компетентноста на експертите на ЕК да носат пологични одлуки, како на пр. укинување на трговијата со штетни емисии, кои придонесуваат само за раст на цените.
Некои експерти со месеци предупредуваат дека одредени потези на Путин треба да се гледаат како потези на т.н. „рационален агент“, што е поим во економската наука што карактеризира лице што „своите одлуки ги заснова на оптимални активности засновани на информации“. Ако, на пример, се закануваат дека ќе ја ограничат цената на нафтата што ја извезувате, тогаш во тој случај им ги намалувате испораките на оние што ви се закануваат и се обидувате да отворите нови пазари.

Новите пазари во овој случај се Кина и Индија. Истото тоа важи и за гасот. Проблемот со теоријата за „рационален агент“ е што е неприфатливо некои да го толкуваат дури и неговиот напад врз Украина по најавата за нејзин влез во НАТО.
Како и да е, факт е дека Путин веќе ги намали испораките на гас од ЕУ за 80 отсто во однос на капацитетот, а советникот за енергетика на грчкиот премиер, Никос Цафос, отворено предупредува во „Фајненшл тајмс“: „Искрено, Русите веројатно ќе се одмаздат за ова“, мислејќи притоа на цената на гасот.
Италијанскиот министер за енергетика Роберто Чинголани најавува воведување „разумна цена“ на ниво на ЕУ наместо „ценовно ограничување“, што е многу „италијанско решение“ бидејќи не е и не може да биде јасно што е „разумна цена“ во моментов. Но Чинголани е јасен и во пораките до Брисел: „Ова е совршена бура против нашите компании и граѓани“.
Според весникот, и високи претставници на ЕУ признаваат дека се плашат од домино-ефект доколку Русија целосно ги прекине испораките, но не одговориле зошто предлагаат ограничување на цената. Интересно е во оваа приказна дека ЕК мора да ја добие поддршката од сите членки за воведување општа граница на цената на рускиот гас на ниво на Унијата, а познато е дека група фискално успешни членки (Холандија, Австрија) се против секое административно ограничување на цените.