Дигиталниот аутизам или скринизам може едноставно да се објасни како зависност од секаков вид екран – мобилни телефони, телевизор, компјутери, таблети, велат психолозите, додавајќи дека нарушувањата се манифестираат до третата година од животот на детето
Дигиталниот аутизам сѐ повеќе ги погодува децата до три години
Дигиталниот аутизам е развојна состојба кај децата што се јавува поради зависност од екраните и се манифестира преку тешкотии во комуникацијата, повторувачки и стереотипни дејства, но детето погодено од оваа појава може да се врати во уреден развој. Дигиталниот аутизам или скринизам може едноставно да се објасни како зависност од секаков вид екран – мобилни телефони, телевизор, компјутери, таблети, велат психолозите, додавајќи дека нарушувањата се манифестираат до третата година од животот на детето.
Се манифестира преку тешкотии во комуникацијата
Причина за дигиталниот аутизам претставува прекумерната употреба на уреди со екрани, што може да развие зависност кај децата, која подоцна резултира и со тешкотии во комуникацијата, слабо развиено внимание, како и агресивно однесување.
– Знаеме дека причината за дигиталниот аутизам е прекумерната употреба на уреди со екрани и тоа не започнува стриктно од рана возраст. Пред да развие зависност од екранот, мозокот на детето редовно се престимулира со користење екрани, а тоа предизвикува стрес во мозокот – објаснува психологот од Психијатриската болница за деца и младинци во Загреб, Ивана Билиќ.
Едукативната рехабилитаторка Јелена Петрановиќ објаснува дека дигиталниот аутизам е од реверзибилен тип, односно оти е можно да се врати детето на уреден развој, со адекватни интервенции, доколку се реагира навреме.
– Симптоматски, детето со дигитален аутизам се однесува како да припаѓа на аутистичниот спектар, односно има слабо или воопшто нема развиени говорни и комуникациски вештини – не реагира на своето име, не воспоставува контакт со очите, дури и не комуницира – објаснува таа.
Во случаи на дигитален аутизам забележлива е и појавата на нефункционално повторување на текстови од цртани филмови или игри од страна на детето, кое често се изолира и не комуницира со другите деца бидејќи нема развиени социјални вештини, ниту способност за заедничка игра. Забележливо е и несоодветното користење играчки, при што детето само ги фрла. Дополнително, детето има слабо развиено внимание, а можеби и некои форми на агресивно однесување поради неможноста да ги изрази сопствените потреби.
Последици од нетретиран дигитален аутизам
Доколку родителите ги препознаат симптомите на дигитален аутизам кај своето дете, тие можат да се обратат до надлежниот педијатар или стручната служба на градинката/училиштето, кој ќе ги советува и евентуално ќе го упати детето на дополнителни прегледи или терапевтски процедури. Во овој случај, се советува да го ограничат детето од користење уреди со екрани и да бидат доследни во спроведувањето на одлуката за тоа колку и кога смеат да ги користат. За нив е исто така корисно со сопствен пример да покажат кога и колку е соодветно да се користи технологијата. Логопедските и рехабилитациските третмани исто така се покажале како ефикасни методи. Тука спаѓа и вклучувањето на децата во градинка доколку не ја посетувале, како и во разни други спортски или социјални активности. Терапиите можат да бидат успешни, доколку има навремена реакција и доколку родителите соработуваат со стручните лица, додека немаат ефект ако детето продолжи да поминува време пред екраните дома и родителите генерално не ги следат упатствата и советите на експертите.
Забележан е и случај со момче што било изложено на мобилни телефони и други уреди со екран уште од шестмесечна возраст. Родителите реагирале подоцна, кога детето било тригодишно, со што биле потребни две години говорна терапија и рехабилитација за тоа да се врати на вообичаениот тек на развој.
Децата поминуваат сѐ повеќе време со мобилните телефони и на интернет, но и со користење на сите други уреди со екрани, при што во последиците од прекумерно изложување на екраните спаѓаат тешкотии во учењето и спиењето, проблеми со меморијата и одржувањето на вниманието, нарушувања во однесувањето (насилни реакции, агресивност, помала толеранција за фрустрација) и нарушувања во регулирањето на емоциите. Н.М.