ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО
Претседателот на Собранието на Република Македонија, другарот Никола Минчев, на средината на септември 1972 година, беше во работна посета на фабриката за огноотпорни материјали „Силика“ во Гостивар, гигант на огноотпорната индустрија во тогашна Југославија, на Балканот и во Европа. На влезот на фабриката, пред портирницата, како што беше редот, го пречекаа првите луѓе на колективот: Александар Ристовски, генерален директор на фабриката, раководители на погони, инженери и претставници на синдикатот. Претседателот Минчев се поздравуваше со сите, а тие му посакуваа добредојде, беа среќни што се наоѓа во нивната средина. Генералниот директор Александар Ристоски му предложи на претседателот Минчев да ги посети производствените погони, а потоа да ги одржат разговорите. На крајот на редот за пречек бевме новинарите, на чело стоеше највозрасниот од нас Томо Апостоловски, наставник по македонски јазик и хонорарен дописник на белградска „Политика“.
„Здраво Томо, мој драг школски другар. Се сеќаваш, пред Втората светска војна завршивме Учителската школа во Скопје. Времето брзо минува, спомените не бледнеат. Вака добро изгледаш. Каде си на работа?“, го праша средношколскиот другар, претседателот Минчев.
„Предавам македонски јазик во ЕМУЦ ‘Злате Малаковски’ во Гостивар, а во слободно време соработувам со повеќе весници и списанија“, му одговори „другарот Томо“ и го праша: „А, ти каде работиш“? Ние, новинарите, се насмеавме, ни се придружија домаќините, гостите и претседателот. Колегата Томо отпосле сфати дека греши, брзо се „извлече“: „Другар Никола, кога ќе се сретнеш со другар со кого не си се видел со години, без размислување поставуваш неколку вообичаени животни прашања. Ние сме другари, ако згрешив, прости ми, тоа нема да ми го земеш за грев!“. „Не грижи се, Томо, функцијата претседател на СР Македонија не е многу голема и не мора секој да ја знае“, му одговори Минчев.
Лошата процена на гостиварските „политичари“
Народните маси во секој политички систем ја почитуваат и ѝ се клањаат на функцијата, локална или централна. Во Македонија така беше во таканаречениот социјализам – комунизам. Со смената на општествено-политичкиот и економскиот систем во капиталистички, се очекуваше дека ќе дојде до радикални промени во позитивна смисла на зборот, да ги снема привилегиите, да завладее правото, правдината, а не драстично да не се почитуваат Уставот на државата и законите, постојан пораст да бележат проневерите, злоупотребите, непотизмот и корупцијата и никако да се зауздат. Во изминатите над три децении во новиот капиталистички систем ништо не е сменето на подобро, за обичните граѓани да ги почувствуваат благодатите. Функционерите добија многу повеќе привилегии, живеат во луксуз и гламур, а стандардот на граѓаните е во постојано опаѓање. Носител на локална или државна функција, седнат во фотелја, е најпочитуван во средината, без разлика дали има знаење и вредност, тоа мерило не важи. Во моето долгогодишно новинарско искуство сум бил сведок, за жал, на многу вакви случаи. Скромните лица, чесни, со знаење, речиси постојано се настрана, истуркани од некадарните, од силеџиите.
На средината на април 1974 година, во Македонија во ек беа предизборните митинзи за избор на републички пратеници. Школскиот другар и колега Мустафа Алушевски, општествено-политички работник во Општинскиот комитет на ОК на СКМ-Гостивар, ми закажа состанок во популарниот гостиварски ресторан „Тик-так“, а поводот ќе ми го соопшти на средбата. Во ресторанот влезе со непознато лице, ме запозна, другарот беше Благоја Талески, генерален директор на здруженото претпријатие „Југотутун“ од Скопје, носител на „Партизaнска споменици 1941 година“, активен општествено-политички работник, во повеќе состави бил републички и сојузен пратеник, извршувал и други функции. Во Гостивар беше дојден како републички активист да говори за општествено-политичките и економските предизвици во Македонија, пред изборите. Митингот беше закажан во спомен-домот на културата „АСНОМ“, во 18 часот. Со другарот Талески се спријателивме како да се знаеме со години, едноставен, ни даде визит-карта и нѐ покани да му бидеме гости во Скопје. Во разговорот го замолив да ме запознае со поентите на говорот, за да го напишам извештајот за „Нова Македонија“ и да се објави во утрешниот број на весникот, бидејќи по завршувањето ќе биде доцна, секако дека ќе присуствувам. Редакциската задача ја завршив, извештајот го предадов. Потоа, заедно отидовме во домот. Во меѓувреме, Алушески ми рече дека никој од гостиварските функционери не сакал да му прави друштво, сметале дека не е од големите „чекленки“ и „мене ми ја препуштија честа, а тебе те поканив како поискусен, да ни правиш друштво во разговорот, за да не дремеме до почетокот на предавањето, времето да ни биде исполнето“. Алушевски ми го кажа ова и прокоментира дека гостиварските (приучени) политичари не знаат да ценат квалитет на лицата, се „лепат“ на носител на функција, му „дишат“ во вратот, за да имаат корист од дружбата.
По дваесетина дена другарот Благоја Талески беше избран за претседател на СР Македонија. На гостиварските функционери им беше тешко што не го удостоија со нивното присуство, но што да се прави. Тоа беше резултатот на нивната лоша процена.
Како галичките свадби „ги кренале“ Црногорците на востание
Сојузните пратеници на Македонија и на Црна Гора, пред почетокот на седниците на Сојузниот собор и на Соборот на производителите, во просториите на Сојузното собрание на СФРЈ во Белград, често одржувале неформални средби. Покрај тоа што дискутирале по точките на дневниот ред, разменувале мислења и на општи теми.
Бистроумните и мудри пратеници од Мијачијата (Македонија) често биле шеговити, ги засмејувале пратениците, а пласирале и прашања на кои другите колеги требало да им одговараат. Почетокот на една од сојузните седници на двата дома, од објективни причини, се одложувал. Пратениците од Галичник и Лазарополе и нивните соработници им поставиле прашање на колегите од Црна Гора, а за точниот одговор следувала и награда – неколкудневен престој во Мијачијата. Во квизот било дозволено учество и на пратениците од другите републики и покраини. Прашањето гласело: Зошто Црногорците народното востание го кренале на 13 јули 1941 година? Многумина од нив се обидувале да дадат одговор, меѓутоа никој не успеал да го каже точниот одговор. Нестрпливи биле сите во салата и сакале да го дознаат одговорот, кој гласел: „На 12 јули 1941 година, во духовниот и економски центар на Мијачијата, Галичник, се одржале над 30 галички свадби, со над 100 пара тапани и зурли, а звуците одекнувале и се слушале и во Црна Гора. На Црногорците им се слушало дека се истрели на оружје од Македонија. Црногорското раководство божем во вечерните часови на 12 јули одржало состанок и донело одлука следниот ден (13 јули) да се кренат на народно оружено востание и да му објават војна на непријателот“.
Во салата настанала смеа, а Црногорците и другите пратеници им честитале на колегите од Македонија за оригиналниот „востанички рецепт“.