Многу истражувања што се правени од релевантни меѓународни институции покажуваат дека преминувањето на летно сметање на времето неповолно се одразува на расположението и здравјето на луѓето
ОД НЕДЕЛА ПОЧНУВА ЛЕТНОТО СМЕТАЊЕ НА ВРЕМЕТО
Од недела почнува летното сметање на времето. Ноќта меѓу сабота и недела стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час напред, што значи дека наместо два, ќе биде три часот.
Летното сметање на времето почнува секој последен викенд во март и трае до последниот викенд во октомври, кога повторно настапува зимското сметање на времето. Иако уште во 2019 година од Европската Унија беше најавено дека во 2021 година ќе биде последното „поместување“ на стрелките на часовникот од зимско на летно сметање на времето, тоа не се случи. Македонија и другите земји од регионот што не се членки на ЕУ редовно се усогласуваат според временските директиви на Брисел! Многу истражувања што се правени од релевантни меѓународни институции покажуваат дека преминување на летно сметање на времето негативно се одразува на однесувањето и здравјето на луѓето, а некои анализи укажуваат и на економската (не)ефикасност од промената на стрелките на часовникот, која се прави секоја година во март и во октомври.
Научниците од германскиот универзитет „Лудвиг-Максимилијан“ дошле до сознанија дека последиците од преминувањето на летно сметање на времето организмот на човекот може да ги чувствува неколку дена, а најголеми промени се чувствуваат во текот на првите два-три дена со временската корекција. Една од последиците е пократкото време за спиење, кое во текот на летото може да биде и 20 минути. Американските научници тврдат дека стапката на ризик од мозочен удар во Финска се зголемила за осум отсто во текот на првите два дена од промената на времето во споредба со периодот од две недели пред промените, а истите резултати се забележани и во октомври, со преминувањето на зимско сметање на времето. Шведските научници заклучиле дека бројот на срцевите удари се намалува во неделата по враќањето на часот назад за 21 отсто, додека на пролет стапката на срцеви удари расте седум дена по смената на стрелките на часовникот.
Преминувањето на летно време се одразува и кај учениците, кои послабо ги решаваат задачите и послабо ја следат наставата. Оваа временска промена влијае и на расположението и на апетитот кај мнозинството граѓани. Во првата недела има и пад на концентрацијата на вработените лица. Во деновите по промената на часовникот има зголемен број сообраќајни незгоди, сметаат стручњаците од областа на медицината.
Приспособувањето на временските промени, особено во летниот период, кога на луѓето им се одзема еден час од сонот, трае една седмица, а кај некои лица и подолго. Според Драган Хрниќ, професор на Медицинскиот факултет во Белград, тоа влијае негативно на „внатрешниот“, биолошки часовник кај човековиот организам, се буди порано од вообичаениот ритам.
– Треба да се земе предвид дека околностите во кои е воведено летното сметање на времето се значително сменети. Овој т.н. внатрешен часовник нѐ тера да стануваме во одредено време. Функционирањето на организмот и сите физиолошки процеси се одвиваат според сончевата светлина што луѓето ја примаат во нашиот регион – вели Хрниќ.
Македонската влада редовно носи одлука за усогласување на сметањето на времето според регулативите на ЕУ. Откако ќе биде донесена новата директива, од страна на Европска комисија, ќе треба да се подготви од Владата. Македонија засега не се одлучила на кое време ќе остане во иднина и ќе чека што ќе одлучи ЕУ, а во меѓувреме продолжува со примена на старата директива со летно и зимско сметање на времето во согласност со Законот за сметање на времето.
Од Бирото за метеорологија велат дека ги следат случувањата и дека по усвојувањето на директивата од страна на ЕУ ќе започнат со неопходните активности.
ЕУ неодлучна и за стрелките на часовникот
Пратениците на Европскиот парламент во март 2019 година заклучиле дека последното заедничко поместување на часовникот на летно сметање на времето треба да се случи последната недела од март 2021 година, а земјите-членки што сакаат да останат на зимското сметање на времето треба да се приспособат во последната недела од октомври 2021 година. Оваа предлог-одлука требаше да биде потврдена од Советот на министри на ЕУ, со која ќе се укинеа сезонските промени на времето, но ковид-пандемијата го забави целиот процес.
– Со промената на сметањето на времето треба да се престане – изјави тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, по објавувањето на онлајн анкетата во која 84 отсто од ЕУ се изјаснија против промената на стрелките на часовникот.
Но оттогаш досега ништо не е сменето и сѐ си останува по старо во ЕУ.