Во областа на образованието, централната власт во колизија со локалната власт во Битола
Во моментот кога училиштата во Битола се соочуваат со огромен недостиг од наставен кадар, почнувајќи од одделенска настава, основното, па и во средното образование, општината се соочува со огромен проблем да остане без 301 наставник, во одделенска и предметна настава. Ова деновиве го соопшти градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој уште од стапувањето на градоначалничката функција, како што вели, е под постојан притисок на Министерството за образование и наука и на Министерството за труд и социјала да му бидат одземени ингеренциите во училиштата и во градинките.
– Власта продолжува со закани и притисоци кон мене за одземање на ингеренциите во сите училишта во општината, притоа не водејќи грижа за иднината на најмладите ученици што се дел од воспитно-образовниот процес – изјави деновиве градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Коњановски тврди дека на речиси еден месец пред крајот на првото полугодие, од непостапувањето и недавањето согласност од страна на Министерството за образование и наука, се заканува опасност битолското образование да остане без 301 наставник во одделенска и предметна настава.
– Неизвесно е дали 301 наставник од основното и средното образование во Битола ќе продолжат да работат и дали учениците ќе имаат настава пред крајот на првото полугодие – истакна градоначалникот на прес-конференција.
Коњановски искажа загриженост за одвивањето на воспитно-образовниот процес во Битола, бидејќи деновиве завршуваат договорите на наставниците.
– Деновиве повторно испративме барање до Министерството за образование и наука за одобрување на бараните согласности, во кое потенциравме дека договорите на вработените лица до три месеци им завршуваат во декември, а тогаш се формираат полугодишните оценки и успехот на учениците и наставниците не ќе можат да ја завршат оваа работа – укажа градоначалникот.
Според Коњановски, централната власт продолжувала со „партискиот интерес за одземање на ингеренциите на градоначалникот во сите училишта во општината во делот на ангажирање на наставниот кадар“.
Во Општина Битола уверуваат дека доколку во наредните неколку дена не се добијат од МОН согласностите за распишување огласи, во училиштата во Битола ќе настанат несакани проблеми во воспитно-образовниот процес, од кои последиците ќе ги трпат учениците.
– Напоменуваме дека во општината Битола во основните училишта бројката на наставници за кои е побарана согласност за распишување оглас е 213 наставници, а во средните училишта бројката е 88 наставници, или вкупно за 301 наставник се побарани согласности од Министерството за образование и наука – Скопје – се наведува во барањето на градоначалникот Коњановски испратено до министерот за образование и наука Јетон Шакири.
На прес конференција градоначалникот на Битола, Тони Коњановски истакна дека градењето на вредностите кај младите луѓе започнува од образованието.
– Не смееме да дозволиме политички удари и лични интереси да остават длабоки последици врз нашите најмлади. Очекувам совесно работење од МОН, со цел учениците успешно да ја завршат учебната година – рече Коњановски.
И додека оваа (пре)порака од градоначалникот на Битола сѐ уште немаше стигнато до кабинетот на министерот Шакири, тој од МОН доби уште две решенија со кои му беа одземени согласностите за поставување директори во ОУ „Климент Охридски“ и во средното училиште „Ѓеорги Наумов“. Министерството за образование ѝ ги одзеде ингеренциите на Општина Битола и за подрачното основното училиште „Александар Турунџев“ во Кукуречани.
Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека се одлучиле на ваков чекор бидејќи станува збор за десетина просветни работници што се отпуштени дома наместо да бидат вработени на неопределено време, па апелираше Општина Битола да го почитува Законот за основно и средно образование и да ја спроведе трансформацијата.
– Има просветни работници во општината Битола што работат подолго од две, три, четири, пет години, а за нив од Комисијата на општината се доставени предмети за трансформација на нивниот работен однос. Но не знам од какви причини директорите на основните училишта, истите тие наставници што ги имаат поминато сите потребни законски процедури за трансформација не ги држат на работните места. Сите тие наставници што беа досега на работа и ги исполнуваат критериумите за трансформација, да се вратат на работните места и да не се донесуваат одлуки со политичка заднина. Ако не се постапува, јас ќе ги заштитам просветните работници и ќе ѝ ја одземам ингеренцијата на Општината – вели министерот за образование Шаќири.
Инаку, градоначалникот на Битола,Тони Коњановски, со притисоците во раководењето со градинките и училиштата се соочи уште на почетокот на мандатот, кога му беа одземени ингеренциите да назначи директор во градинката „Естреја Овадија Мара“. Таква одлука донесе Министерството за труд и социјална политика, кое ја врати на директорска позиција разрешената Лидија Тфирст Митревска. Со таквата одлука на Министерството само по неколку дена ѝ престана мандатот на Весна Лозановска. Министерството испратило решенија за разрешување на в.д. директорката Весна Лозановска и за доделување втор мандат од четири години на Тфирст Митревска, како и решение за одземање на ингеренциите на Коњановски за назначување директор.
Тоа беше петта одлука на Министерството за труд и социјална политика за одземање на ингеренциите на Коњановски во однос на градинките во Битола.
Градоначалникот Тони Коњановски, кој е од ВМРО-ДПМНЕ, обвинува дека централната власт продолжува со опструкции директно удирајќи по воспитниот процес во училиштата во Битола.
На таквите обвинувања на Коњановски, опозиционата СДСМ (во Советот на Општината) возвраќа дека „за две години, колку што е на власт Коњановски, во битолските училишта се вратија навиките како во времето на Груевски и Талески“.
– Ги повикуваме надлежните државни органи да постапат и да ја вратат законитоста во битолските училишта пред да биде предоцна – велат од СДСМ.
Инаку, според упатените во образовните институции во Битола, со недостиг од наставен и просветен кадар се соочуваат речиси сите основни и средни училишта, па дури и во предучилишното образование.
Во битолските училишта се чувствува недостиг од наставен и просветен кадар, како и од наставници во одделенска настава, наставници и професори по хемија, физика, математика, педагози, социолози…
И додека едуциран и образован наставен кадар се бара како леб, од Министерството за образовани и наука не се даваат согласности, по што може да се случи без работа да останат 301 наставник.
Паралелно со недостигот од наставен кадар, Битола се соочува и со недостиг од ученици. Поради долгогодишниот низок наталитет, економската криза, иселувањето, ова е седма учебна година по ред како битолските училишта работат со паралелки со намален број ученици. Сите 12 основни училишта во Битола и шесте средни и оваа учебна година побараа дозвола од Советот на Општината да формираат паралелки со помал број од законски предвидениот минимум од 24 ученици. Во спротивно ќе треба да се затвораат паралелки и да се отпушта наставен кадар.
Покрај обезбедените услови, кадровски, материјални, објекти, кабинети, овие деца имаат право и на квалитетно образование. Но, за жал, веќе нема клас со 34 ученици како некогаш.
Паралелки со 7 до 15 ученици има и во училишта и во строгиот центар на Битола. Основното училиште „Гоце Делчев“, во најстрогиот центар на градот, во осмо одделение има и паралелка со осум ученици, во седмо две паралелки со по 10 ученици, во трето две со по 11, во второ со по 12 ученици. Во ОУ „Ѓорги Сугарев“, кое исто така е во поширокото централно подрачје, каде што има и поголем број ромски ученици, функционираат паралелки со по 7, 9, 11 ученици во повисоките одделенија.
Уште полоша е состојбата во руралните средини. Така, на пример, во ОУ „Александар Турунџев“ во Кукуречани има паралелка со пет ученици, друга со осум, па со десет, а во „Крсте Петков-Мисирков“ во Бистрица и со четири ученици во второ одделение, па со седум во трето, со девет во четврто одделение, а во средните училишта се формирани паралелки со помалку ученици.
Гимназијата „Таки Даскало“ побарала дозвола да формира паралелки со помал број ученици за сите години на образование.
И додека во Битола состојбите во образованието со недостиг од ученици и наставен кадар се повеќе од загрижувачки, засега како во Советот на Битола, така и на релацијата градоначалник министер за образование се води дијалог на глуви, од кој најголема штета имаат не само учениците и наставниците туку и граѓаните.