Сите оние што прават обиди за маргинализирање на празниците или за менување на унитарниот карактер на државата не им мислат добро ниту на државата ниту на своите граѓани и тоа треба да се разоткрие и осуети, велат нашите соговорници историчари
ПАРАДОКСОТ НА НАШИТЕ ИСТОРИСКИ ЧЕСТВУВАЊА
Во секоја држава големите национални и државни празници се одбележуваат со највисок пиетет, со многубројни манифестации и церемонии, кои имаат цел јакнење на меѓусебната кохезија, синергија и сплотеност меѓу граѓаните. Денот на независноста на САД, 4 Јули, на пример, се празнува со многубројни манифестации низ мноштво градови низ САД и во Вашингтон, при што се величаат и се слават историјата, политичката традиција и американскиот начин на живот. Во фокусот на празнувањата секогаш се и интересите на граѓаните, при што никому не му паѓа на крај памет на кој било начин да го омаловажи празникот.
– Америка е единствената држава во светот создадена врз основа на идеја дека сите луѓе се создадени еднакви – порача претседателот Џозеф Бајден по повод годинашното одбележување на 4 Јули.
Слично е и во другите држави во светот, со таа разлика што некои земји одбележуваат ден на независноста, а други свој национален ден, при што секогаш клучната порака е дека сите политички опции обединети ги чествуваат празниците и на тој начин ги обединуваат граѓаните. За жал, во Македонија сите поважни датуми од македонската историја се одбележуваат кампањски, неорганизирано, секој на своја страна, со свои пораки, собрани на различни места и пикници, при што изостанува кохезивниот елемент на национална сплотеност. Увидувајќи го тоа, граѓаните постепено се откажуваат и креваат раце од присуство на вакви настани, на кои поделбите уште повеќе доаѓаат до израз.
Годинава по повод одбележувањето на 8 Септември поделбата отиде дотаму што освен политичарите се поделија и естрадните уметници, кои токму поради политичка манипулација и партиска симболика одбија да учествуваат на некои настани.
Така, голем број македонски естрадни ѕвезди годинава одбија на настапат на традиционалниот пикник на „Пеленица“ по повод 8 Септември.
Во таа насока по сите овие поделби се наметнува прашањето дали можеби некој намерно го задушува патриотското чувство во општеството и ги маргинализира најголемите датуми, со цел да се смени и карактерот на државата.
За историчарите нема дилема дека празниците и големите датуми од македонската историја се особено важни и тие треба пред сѐ да обединуваат, а не да служат за нови поделби меѓу граѓаните.
– Наместо да се слави славното македонско минатото, празниците станаа редовен поттик за политичко препукување и за сопствена промоција. Притоа недозволиво и крајно неодговорно е дневната политика и партиските интереси да се користат за манипулирање со историските факти и настани. Ние треба да работиме за збивање на редовите, создавање на едно македонско национално единство, а токму празниците и многубројните светли датуми од македонската историја се најдобар повод за такво нешто. Оние што прават обиди за маргинализирање на празниците или за менување на унитарниот карактер на државата не им мислат добро ниту на државата ниту на своите граѓани и тоа треба да се разоткрие и осуети – велат историчарите.