Постојат повеќе основи за реакција на македонската извршна и судска власт по повод пишаните и искажани зборови со кои бугарските политичари флагрантно ги прекршија Уставот и законите во Македонија, демонстрирајќи фашизам на отворена сцена и загрозувајќи ги територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија. Аналитичарите се категорични дека владеењето на правото не смее да биде доведено во прашање и неопходна е итна и неодложна акција на македонското правосудство за заштита на Уставот и законите во државата
ПО БУГАРСКОТО ДЕМОНСТРИРАЊЕ ФАШИЗАМ СРЕДЕ МАКЕДОНИЈА
Дводневната посета во Македонија на бугарската делегација, составена од високи државни претставници од тамошната власт и опозиција, со искористениот повод – отворање клуб во Битола, финансиран од бугарската влада, со името на контроверзниот историски лик Ванчо Михајлов, предизвика бура од реакции, прашања и осуди во македонската јавност. Изјавите на претставниците од бугарската делегација (особено на потпретседателката Илјана Јотова), а подоцна и соопштението на самиот клуб од Битола, за причините за негово именување со името на Михајлов, во најголемиот дел од македонската јавност беа доживеани како политичка провокација од претставници од странска држава, со импликации за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, како и глорификација на фашистичката идеологија.
Потпретседателката на Бугарија, Јотова, отворено негирајќи го постоењето на Македонците во Бугарија, порача дека дури и да бидат внесени Бугарите во македонскиот устав (според барањата 4+1), нема да биде повлечено бугарското вето за македонските евроинтеграции сѐ додека не се исполнат сите барања наведени во Декларацијата на бугарското собрание. Притоа повторно беше истакнато дека Бугарија нема да отстапи од „своите национални интереси“ во Македонија. Ваквата не докрај дефинирана назнака за „национални интереси“ на една држава во друга суверена земја беше целосно разобличена во соопштението на самиот бугарски клуб во Битола на реакциите од македонската јавност за именувањето на клубот со името на докажаниот фашистички и нацистички соработник – Иван Ванчо Михајлов. Одговорот на клубот на овие реакции повторно го отвори прашањето за тоа кој и како ја дозволил регистрацијата на ова здружение. Во соопштението на клубот се наведува дека „историскиот лик Ванчо Михајлов е продолжувач на делото на Гоце Делчев и Даме Груев“. Но се прави и паралела на сегашната македонска држава со актуелните случувања во Донбас, Украина.
Независно од реакциите на македонската јавност, од политички чинители, здруженија и интелектуалци се поставува прашањето дали извршната власт има инструменти и одговорност да реагира со конкретни правни мерки за изразените ставови што го глорифицираат фашизмот, но и да одговори на отворено искажаните аспирации за асимилација на македонскиот народ и територијални претензии спрема Македонија од страна на високи бугарски претставници.
– Постојат повеќе правни основи за реакција на македонската извршна и законодавна власт за наводите во соопштението од бугарскиот културен центар од Битола, во кои отворено се глорифицира фашизмот и се имплицира загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, преку споредбите со ситуацијата во Донбас. Прашањето е дали постои политичка волја. Македонското правосудство може да постапи врз основа на предвидената законска казнена одредба за ширење расна, етничка и национална нетолеранција и глорификација на геноцид, истата онаа што беше актуализирана неодамна во врска со пишувањата на социјалните мрежи за руско-украинскиот конфликт. Досегашната реакција на извршната и законодавната власт укажува дека повторно ќе се направи релативизација на проблемот и дефокусирање од докажано негативната историска улога на ликот и делото на Ванчо Михајлов. Дел од тоа релативизирање е аргументацијата што се појавува на социјалните мрежи со тоа дека неговата восочна фигура ја има во Музејот на националната борба во Скопје. Но мора да се каже дека таа фигура е таму во негативен контекст, заедно со други негативци во македонската историја. Именувањето на клубот во Битола со името на Ванчо Михајлов е провокативна промоција на неговиот лик и дело, на исто рамниште како што би била промоцијата на Адолф Хитлер. Секое релативизирање на фашизмот е проблематично. Иако Македонија е антифашистичка земја, со законска регулатива што го забранува величањето на фашизмот, очигледно имаме проблем со справувањето со обидите за подметнување и релативизирање на ликовите со докажана фашистичка улога во историјата, поради политички опортунизам. Во таков контекст, ќе го споменам и постоењето на споменикот на Џемо Мефаил во Гостивар, исто докажан фашистички соработник – вели политичкиот аналитичар Сашо Клековски од МЦМС.
Професорката Солза Грчева, претседателка на партијата Глас за Македонија, е категорична дека државата, односно извршната власт има инструменти на располагање, со кои мора да реагира на сите провокации со бугарски предзнак што се случија на македонска територија во текот на изминатиот викенд.
– Прво што треба да преземе македонската влада е да испрати протестна нота до Бугарија, за сите искажани изјави на македонска територија од високите претставници на бугарската власт што имплицираат на фашизам, но и отворени национални и територијални аспирации. Потоа, македонската влада треба секако да се огради од клубот со името на Ванчо Михајлов и да се изјасни дека Македонија никако не стои зад тој инкриминиран лик од историјата, кој ги гледал Македонија и Македонците како дел од Бугарија. Македонската влада треба да се огради од тој недозволен наратив на негирање на Македонија и Македонците од претставниците на бугарската државна делегација на територијата на Македонија. По сите изјави во кои беше искажано дека Бугарија нема да го повлече ветото додека не бидат исполнети сите услови од Декларацијата на нивното собрание, сите преговори и евентуално произлезени нови договори се бесмислени. Македонија мора да ги прекине преговорите со Бугарија и да се преиспита кон каква ЕУ целиме – вели професорката Солза Грчева.
Дали и како ќе реагира ЕУ
Искажаните ставови при посетата на бугарската делегација на Македонија и отвореното релативизирање на фашизмот од страна на претставници на земја-членка на ЕУ го наметнуваат и контекстот на прашањето како ќе реагира ЕУ на однесувањето и изјавите на бугарските политичари.
– Во основа, слични проблеми со појави и обиди за афирмација на фашизмот и нацизмот имало и во други земји-членки на ЕУ, но Унијата не реагирала. Но реагирале самите земји каде што се случиле ваквите појави. Најдоследна во тој поглед е Германија, која го има поминато тој процес на соочување и осуда на своето нацистичко минато. Во Германија со уставни и законски рамки има забрана за регистрација и дејствување на политички партии со фашистичка и нацистичка програма. Осудата на појавите и изјавите поврзани со афирмација на фашизмот и нацизмот е во надлежност на националното законодавство. ЕУ реагира кога таква фашистичка манифестација ќе се случи во нејзините институции, како што беше неодамна со фашистичкиот поздрав на бугарскиот европратеник Џамбаски во Европскиот парламент – вели Сашо Клековски.
И професорката Солза Грчева не очекува дека ЕУ ќе изреагира на однесувањето на претставниците од бугарската делегација во Македонија, кои дојдоа со цел да афирмираат лик со фашистичка политичка провениенција. Но нејзината скептичност во однос на реакцијата на ЕУ е од друга причина.
– Не очекувам од ЕУ, која застана во одбрана на ликот и делото на украинскиот фашист Степан Бандера, дека ќе реагира за однесувањето на бугарската делегација во Македонија. ЕУ не успеа да се пресмета со фашистичките сили во Европа. Но Македонија мора да изгради цврст став и постојано да го афирмира својот антифашизам. Не треба да чекаме од ЕУ да ни ги потврдува чекорите и ставовите на нашата политика. А со посетата на нејзината делегација, која изнесе најсвирепи навреди спрема Македонија, Бугарија само потврди дека е профилирана како непријателска земја на Македонија, што беше искажано уште со Декларацијата на нивното собрание од 2019 година – вели професорката Солза Грчева.