Кај низа странски и домашни експерти, единствен е заклучокот дека „нашата корупција е системска“. Таа е внедрена и вкоренета системска нишка на сите нивоа на правно-политичкиот систем, која со текот на времето е прифатена како да е „нормална работа во процедурите“. Затоа предизвикот за решавање е огромен и воопшто не е чудо што со ваквата корупциска ламја влегува во костец администрацијата на една најголема светска сила како што се САД. Секако, клучното прашање е како ние автентично, решително и непоколебливо сериозно и без блефови и фингерајки да ја почнеме битката против корупцијата? Но примарно е: да се почне од одговорноста. За сите слабости во македонското општество, вклучувајќи ја и корупцијата,
тежиштен виновник е – отсуството на одговорност!
Како да се излезе накрај со системската корупција
Во разговор со низа странски и домашни експерти, единствен е заклучокот дека „нашата корупција е системска“. Таа е внедрена и вкоренета системска нишка на сите нивоа на правно-политичкиот систем, која со текот на времето е прифатена како да е „нормална работа во процедурите“. Имено, соговорниците истакнуваат еден интересен заклучок во врска со корупцијата кај нас, а тоа е дека граѓаните прифаќаат, поради многудецениската присутност на таа појава, како таа да е „природно нешто во општеството, традиција, наследено од генерации однапред, вообичаена општествена практика, која се практикувала од највисоко до најниско општествено и социјално ниво, низ различни облици и форми“. Таа се манифестирала преку различни постапки, протекционизам, овозможување привилегиран однос, поткуп и дарови, трансакции со извонредно високи вредности… Во тие коруптивни форми биле вклучени од индивидуи до општествени групи, јавни и приватни институции, претпријатија, па и домашни и странски организации… Затоа предизвикот за решавање е огромен. А воопшто не е чудо што со ваквата корупциска ламја влегува во костец администрацијата на една најголема светска сила – САД.
А како ние автентично, решително и непоколебливо сериозно и без блефови и фингерајки да ја почнеме битката против корупцијата? Да почнеме со одговорноста.
Италија како пример за пресметка со корумпираните функционери
Свое видување за тоа како да се реши системската корупција во Македонија дава и колумнистот и аналитичар Ивор Мицковски, кој смета дека земјава треба да учи од искуствата на Италија.
– Знаете ли како се решава тоа? Како што делумно беше направено со „Чисти раце“ во Италија. Прво мора да се уапсат битни политички или владини фигури. Доволен е еден голем скандал. Тие треба да соработуваат со „чистите“ обвинители и судии, за серија владини функционери и бизнисмени блиски до нив да паднат. Потоа треба да падне Владата, па да се ослободи парламентот, па да дојдат некои „почисти“ владини претставници, кои ќе се заложат за решавање на системската корупција – предлага Мицковски.
Понатаму тој се осврнува како може да се разбие целата коруптивна шема што е метастазирана низ системот.
– За да се соочиме со корупцијата, таа треба јавно да се разголи и да почнат одговорни луѓе да зборуваат за конкретни случаи, за конечно да се отвори целата шема. Потоа треба да се прочешлаат сите тендери, сите донации за партии, да се елиминира секое дискреционо право и секој сомнеж за криминал или несовесно работење да се истражи. Па, да се зајакнат антикорупциските институции, па луѓе да завршат во затвор, па тие да ги издадат секоја шема и секој криминал што го знаат, па така да се надеваш дека коруптивниот систем на партиите и нивниот клиентелистички систем на раководење и поткупување на електоратот ќе се соочат со одговорност. Мораш да ја отсечеш гангренозната нога на партиите, за да го спречиш понатамошното корумпирање и да ја запреш репродукцијата на коруптивниот систем – наведува Мицковски.
Како решение за системската корупција колумнистот става акцент на моќта на јавноста да ги обелоденува сите афери.
– Накратко, за да се соочиме со корупцијата, таа треба јавно да се разголи и да почнат одговорни луѓе да зборуваат за конкретни случаи, за конечно да се отвори целата шема. Ние го знаеме сето тоа, ама никој, ни власт, ни обвинителство, никој не презема ништо. Јавното мислење би требало да е клучен фактор кон таквите барања, ама кај нас тоа е анестезирано и преморено од скандали и лажни ветувања – констатира Мицковски во личното видување за тоа како Македонија најдобро да се справи со системската корупција.
Потребна е пред сѐ одговорност, а и волја за справување со системската корупција
Универзитетскиот професор и филозоф Љубомир Цуцуловски смета дека за нешто воопшто да се направи во борбата со корупцијата пред сè треба да се има длабока одговорност, а се разбира и волја.
– Не е доволно само да имаме разум туку е потребно да имаме и срце и душа и волја нешто да се направи – вели Цуцуловски.
Тој не ја лоцира корупцијата кај обичниот народ, туку смета дека системската корупција започнува одгоре, односно од највисоките позиции, а решението го гледа токму во борбата со оваа негативна појава, која би започнала од највисоките функции, а не, како што заговараат некои политичари, од најниските ешалони.
– Мислам дека македонскиот народ е чесен народ во основа и сето ова што ни се случува денес е влез или увоз на корупцијата. Министерот за надворешни работи Османи вели дека борбата против корупцијата ќе почнела од портирот, па до горе. Прво, кои се тие што ќе почнат од портирот, па до горе, и зошто баш од портирот, а не одгоре, па до портирот, и како ќе одат горе, кога се тие горе? Ќе се самоказнуваат? Тоа се прикаски за деца во кои самите не веруваат, а сакаат другите да им веруваат. Како можам да барам другите да ми веруваат, кога самиот не си верувам во она што го говорам – прашува Цуцуловски.
Според него, ние во овој момент сме ставени во позиција да не можеме самите да наоѓаме решенија и да се бориме со системската корупција.
– Ние сме ставени во ситуација да велиме „ќе видиме“, значи во позиција на воајери, набљудувачи, а не на активни учесници. И јас велам „ќе видиме“, но на тој начин посредно признавам дека сум немоќен. Човек што може да ги реши работите не чека да ги види, туку ги решава самиот. Треба да се избориме да дојдеме во позиција сами одговорно да ги решаваме проблемите – констатира професорот Цуцуловски.
Тој не исклучува можност некој намерно да ја втурнува земјата во ваква ситуација за да може полесно да ги остварува своите коруптивни намери.
– Можеби и некој не ни дозволи да си ја средиме сами државата. На некој што му оди во полза да имаме една недефинирана држава, односно недефиниран простор, каде што може да прави што сака, да пере пари. – заклучува Цуцуловски.
Професорката Ана Павловска-Данева од Правниот факултет е скептична дека нашите институции имаат капацитет да најдат некакви решенија како да се справат со корупцијата, особено со онаа од висок калибар, па тука ја лоцира намерата на Вашингтон тие да се вмешаат во целата работа, што по нејзина оцена е поразително за Македонија како држава.
– Нашите институции се тотално неспособни и некадарни сами да се справат со корупцијата, првенствено онаа високата, политичката корупција. Разбирливо е САД да сакаат да ги оправдаат парите на своите даночни обврзници безуспешно вложени за јакнење на принципот на владеење на правото во Македонија – нагласува Данева.
Според неа, нејасно е како ќе тече борбата со корупцијата, јасно истакнувајќи дека алатките што ги имаат САД се само ставање на нивната „црна листа“ на лица од Македонија за кои постојат индиции дека се вмешани во коруптивни дејности.
– Како тоа конкретно ќе се изведе, јас не знам, но сметам дека најверојатно ќе се дополни т.н. црна листа на САД со нови имиња. Тоа пак, од своја страна, зборува дека сигурно не станува збор за шалтерски работници, учителки и доктори, како што се обидуваат одредени политичари да ги симплифицираат работите, туку за лица што вршат или вршеле значајни државни функции – прецизира професорката Данева.
Претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, смета дека високата корупција, ако нема вистинска волја, тешко ќе може да се искорени.
– Високата корупција ќе биде тешко да се искорени, но ако се има искрени намери, може да се промени нешто – изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, по повод 9 Декември – Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
Таа додаде уште и дека несериозно се сфаќаа сите укажувања и препораки што ги упатуваа странски фактори, што на крајот резултира со пристигнување на тимот за санкции од Вашингтон, кој во земјава ќе изврши увид во корупцијата.
– Во наредниот период ќе се расчистат сите овие дилеми зошто и како се дојдени, за нас е поразително бидејќи не сме си ги завршиле сите домашни задачи, а одговорноста на сите нивоа потфрла – истакна Ивановска. С.Т.
Лосон: Клучно е да се справите со корупцијата
Британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, на својот официјален твитер-профил напиша дека неодамнешните извештаи сугерираат дека корупцијата во С Македонија се влошува, а не се подобрува и дека апсолутно клучно е справувањето со ваквата состојба.
– Неодамнешните вознемирувачки извештаи сугерираат дека корупцијата во С Македонија се влошува, а не се подобрува. Корупцијата го поткопува владеењето на правото, создава недоверба во судството и ги ослабува јавните институции. Велика Британија стои со С Македонија. Апсолутно е клучно да се справите со ова – порача Лосон.
Гир: Државните институции мора да ја водат борбата со корупцијата
Евроамбасадорот Дејвид Гир оцени дека Македонија се наоѓа на крстопат, кога мора да избере дали ќе се движи напред, одлучно да се справува со корупцијата или ќе дозволи шемите на корупција да се вкоренуваат уште повеќе.
Тој смета дека прво и најважно е борбата со корупцијата да се одвива преку државните институции, кои, според него, мора да дејствуваат и да го намалат просторот за корупција.
– Тоа значи преку закони и кодекси на однесување, тоа значи стимулации за промоција на услугите и сериозни санкции за коруптивното однесување. Тоа значи спроведување. Тоа значи, кога некој незаконски ќе заземе некое земјиште и ќе гради обвинителството мора да дејствува, а судовите да реагираат брзо, без разлика кој е тој човек и колку и да е влијателен, колку и да е поврзан – истакна Гир.