Апел на приватните превозници за решавање на проблемот со јавниот градски превоз во Скопје:

Приватните превозници во градот Скопје, „Јофи бус“, „Вестор транс“, „Радос компани“, преку соопштение вчера апелираа до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз.
– Сведоци сме на состојбата со јавниот градски превоз во градот Скопје, која се влошува од ден на ден. Повторно упатуваме јавен апел до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз. Приватните превозници располагаат со 200 автобуси, кои не се максимално искористени и со кои можеме да го дополниме недостигот на автобуси на ЈСП – се вели во соопштението.
Според приватните превозници, за да биде во целост исполнет зимскиот возен ред по одлука на Совет за линиски превоз на патници во градот Скопје се потребни 352 автобуса или со резервни вкупно 444 автобуси. Наведуваат дека во моментов на дневно ниво недостигаат од 160 до 200 автобуси. Н.М.