Се покажа дека за Европа ниту се важни некакви критериуми, ниту некаква усогласеност со надворешната политика, ниту веќе воспоставениот партнерски однос, ниту жртвите што една земја ги прави на патот кон членство, туку исклучиво само интересите на Европа. Реакцијата и разочарувањето на македонските граѓани се оправдани, бидејќи се свесни дека можеби Македонија не е најдобар кандидат за отворање преговори, но не е ниту полоша од некои држави што преговараат, па дури и од некои што веќе 15 години се членки на ЕУ
Откако 20 години ја држеше Македонија во заложништво, ЕУ направи преседан за Украина и Молдавија
Начинот на кој Европската Унија донесе одлука Украина и Молдавија да ги започнат пристапните преговори говори дека кога официјален Брисел вистински сака, тогаш може и без консензус да носи одлуки.
Она што 20 години европските челници ѝ го повторуваа на Македонија, дека ја сакаат државата во свое друштво, но дека Унијата ги носи одлуките со консензус и затоа не може да ги започне пристапните преговори, сега веќе губи секаква смисла и на површина испливува единствено лицемерството на ЕУ.
Се покажа дека за Европа ниту се важни некакви критериуми, ниту некаква усогласеност со надворешната политика, ниту веќе воспоставениот партнерски однос, ниту жртвите што една земја ги прави на патот кон членство, туку исклучиво само интересите на Европа.
Длабока разочараност од ЕУ кај македонските граѓани
Реакцијата и разочарувањето на македонските граѓани се оправдани, бидејќи се свесни дека можеби Македонија не е најдобар кандидат за отворање преговори, но не е ниту полоша од некои држави што преговараат, па дури и од некои што веќе 15 години се членки на ЕУ.
– Слушнав дека ЕУ почнува преговори со Украина и Молдавија и искрено да ви кажам целосно сум разочаран. Со години Грција нè малтретираше за името, а ЕУ кажуваше бајки дека одлуките се носеле со консензус. Еве, имало начин и без консензус да се донесе некоја одлука. И каква порака добивме ние граѓаните и генерално државата, дека е попусто што и да правиме, пак некој друг ќе биде поважен од нас. Искрено, мислам дека воопшто не нè сакаат во свое друштво, па измислуваат триста причини како да нè држат доволно блиску, но доволно далеку од себе – вели Дарко Димовски, архитект.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски прашува зошто во овие 30 години Унијата не била толку инвентивна кога стануваше збор за Македонија.
– Каде беа 30 години да ги замолат Мицотакис, Папандреу, Симитис, синот на Папандреу, понатаму оние преодните премиери, Самарас, синот на Мицотакис, да прошетаат и тие кога е во прашање македонската интеграција? Каде беа да го прашаат Борисов да излезе и тој да прошета, каде беа сите овие години? Да се надеваме дека Орбан по ова лошо искуство за него и за Унгарија ќе биде тој што ќе замоли некого на декемврискиот самит следната година некој друг да прошета, па Македонија да си го продолжи својот пат кон Унијата – вели Боцевски.
Очигледно е можно да се отворат пристапните преговори дури и ако не се постигне едногласност
Според него, кога постои искрена политичка волја, тогаш ЕУ може да наоѓа решенија и да носи одлуки и без консензус.
– Значи, очигледно е можно да се отворат пристапните преговори дури и ако не се постигне едногласност. Неопходната состојка се нарекува политичка волја и да останете верни на вашите вредности, во случајов европските вредности. Што се однесува до мојата Македонија, агонијата продолжува. Секогаш се истакнувавме кога бевме оценувани по објективни, транспарентни и демократски критериуми. Сепак, секогаш губевме кога бевме изложени на ирационалниот етнички балкански шовинизам и рамнодушноста на европските метрополи. Најискрено им посакувам на Украинците брза европска интеграција… Ја заслужија! Тие се изборија и се борат за својот идентитет, култура и државност. Но и на најцрните душмани не им посакувам македонски евроинтеграции. Нашата европска приказна стана бескрајна ноќна мора пред многу години без речиси никаков крај – порачува Боцевски.
Тој, изнесувајќи го својот став на социјалните мрежи, не го губи оптимизмот дека земјава еден ден ќе стане дел од ЕУ.
– Македонија ќе стане членка на Европската Унија, но нема да ги заборавиме неправдите. Се надевам и посакувам Европа да си ја најде сопствената душа во Украина, онаа што одамна си ја загуби во Македонија (и на Балканот) – наведува Боцевски.
Амбасадорот Ѓорѓи Филипов констатира дека ЕУ може да носи одлуки од политички причини и кога некоја земја не е подготвена, но дека не сакала да го направи тоа со Македонија изминатите години.
– Значи можело и од политички причини да се случат одобрувања за почеток на преговори без разлика на подготвеноста на земјата, што не се случи со нашата земја. Знаеме и за други земји, слични работи се случија, особено она излегување на премиерот на Унгарија, Орбан, од салата каде што се гласаше и се донесе одлука 27 минус еден. Значи можело и тоа да се направи – вели Ѓорѓи Филипов.
ЕУ не ја сака Македонија?!
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека ЕУ не ја сака Македонија и поради тоа сите овие години се повикувала на консензуалното одлучување само колку земјава да не ги започне преговорите. Таа, коментирајќи ја одлуката на ЕУ да ги отвори преговорите со Украина и со Молдавија без одлука на сите 27-земји членки, ќе порача дека ако се имало волја, ќе се најдело решение и за Македонија сиве овие години.
– Значи можело ако се сака. Ова можело да се направи и за Македонија, ама ЕУ-државите не ја сакаат Македонија во своите редови и дозволуваат поставување бесмислени услови само како изговор, верувајќи дека ниту една држава нема толку да се понижи за да ги исполни овие услови – истакнува Најчевска.