Да земеме еден пример од соседна Албанија. Работите за трансформација на базата на НАТО во Кучово, Албанија, започнаа во јануари 2022 година, а во овие две години НАТО инвестираше околу 50 милиони евра, додека Албанија нешто повеќе од пет милиони евра. Работите опфаќаа реконструкција на магацини за оружје, бензински пумпи, магацини за оружје, паркинг за авиони, станица против несреќи и пожари, реконструкција на пистата и кулата, со други зборови, целосна адаптација на базата според највисоките НАТО-стандарди. Во следниот период, инвестициите ќе продолжат и со развој на локалната инфраструктура и економија, што ќе даде сериозен импакт во развојот на овој слабо развиен дел од Албанија
Додека Албанија дебело го материјализира членството во НАТО, Македонија
се задоволува со многу малку
Пристапот на секоја земја во НАТО во принцип треба да овозможи развој на инфраструктурата и економијата, особено во деловите од државата каде што Алијансата има стратегиски интерес да се позиционира во насока на сопствените геостратегиски планови.
Тоа го покажа неодамнешното свечено отворање на воздухопловна база на Северноатлантскиот сојуз во Кучово, во Албанија, инаку стара советска база изградена уште 1952 година на минатиот век, како браник на сталинизмот од влијанието на тогашна СФР Југославија, која претходно се спротивстави на руското влијание и Варшавскиот пакт.
Трансформација од советска база во воздухопловен НАТО-центар
Работите за трансформација на базата на НАТО во Кучово започнаа во јануари 2022 година, а во овие две години НАТО инвестираше околу 50 милиони евра, додека Албанија нешто повеќе од пет милиони евра. Работите опфаќаа реконструкција на магацини за оружје, бензински пумпи, магацини за оружје, паркинг за авиони, станица против несреќи и пожари, реконструкција на пистата и кулата, со други зборови, целосна адаптација на базата според највисоките НАТО-стандарди.
– Кучово ќе служи како главна воздухопловна база, инвестицијата нема да запре до создавање флота во служба на нашиот народ и сојузниците. Беспилотните летала „бајрактар“ во соработка со Република Турција се подготвени за опслужување во блиска иднина. Оваа база е важна за мисиите на НАТО. Помошта што Албанија ќе им ја даде на соседните земји ќе нè направи повредни од кога било – рече меѓу другото на свеченоста по повод отворањето на базата, албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши.
Поранешниот пилот на Кучовскиот полк на албанската војска, Виктор Ванѓели, во инвестицијата за обнова на воздухопловната база Кучово гледа шанса за развој на целиот регион во овој дел на Албанија, кој со децении тонеше во сѐ подлабока сиромаштија.
– Добро е за базата Кучово што се случи оваа работа. Тоа е база што ќе креира можности за одбранбената способност, но и за економијата на градот, бидејќи ќе се отворат нови работни места. Тоа е логистичка база што ќе продолжи да се развива и во која ќе продолжат инвестициите. Тоа е добра позиција, не само за нашата земја туку и за целиот регион – вели Ванѓели.
Според зборовите што ги упатија највисоките албански претставници, но и според зборовите на луѓето што претходно работеле во оваа база, се работи за еден вид директна странска инвестиција што ќе го заживее економски целиот крај.
Имено, чинот на свечено пуштање во употреба на базата Кучово беше само првиот чекор, по што ќе следуваат инвестиции на НАТО во делот на инфраструктурата, пред сѐ изградба на патишта, водоводи, канализации, стабилна електронапонска мрежа, воспоставување синџири за снабдување од кои директно ќе заживее локалната економија, но истовремено ќе се заштедат и сериозни пари од албанскиот буџет бидејќи инфраструктурните проекти ќе ги гради НАТО.
Криволак интересен само за време на вежбите, потоа сите го забораваат
И додека Албанија успева дел по дел да го материјализира членството во Алијансата, Македонија останува мошне пасивна во таа насока. Наместо да добива инвестиции од страна на Северноатлантскиот сојуз слично како Албанија, Македонија всушност инвестира во Алијансата купувајќи ново оружје за да ги приспособи и модернизира воените сили во согласност со НАТО-стандардите.
Ѓаволски тешка работа, по многубројните притисоци од јавноста, беше да се искамчат околу 35 милиони евра за обнова на патиштата во земјава што НАТО ги уништи со тешката опрема што ја транспортираше за време на нападот врз поранешна СР Југославија во 1999 година. Повторно сѐ се сведе на зајакнување на мостовите и поставување нов слој асфалт, додека остатокот од автопатските делници и натаму останаа руинирани и оштетени и ден-денес, а санацијата ја плаќаат македонските граѓани.
За волја на вистината, земјава има сериозни воени капацитети останати од времето на поранешна ЈНА, кои се оставени да пропаѓаат, а покрај нив, целосно е замрена и уништена и локалната економија. Дури и оние воени капацитети во земјава на кои НАТО смета како важен дел од сопствената логистика, остануваат без никакви инвестиции или, пак, само со мали козметички дотерувања колку да се каже дека нешто е направено.
Имено, уште пред распадот на поранешна Југославија, НАТО покажуваше интерес за воениот полигон Криволак, а по прогласувањето на независноста на Македонија овој полигон сѐ почесто се споменуваше како стратегиски објект на Алијансата во овој дел на Балканот. Тоа и се случи, а војниците на НАТО секоја година редовно одржуваат воени вежби на полигонот Криволак.
И додека високите воени офицери ги фалат капацитетите на полигонот, инфраструктурата во овој дел на земјата и натаму е во катастрофална состојба. Пристапните патишта се тесни, има проблем со водоводната мрежа, со канализацијата, а локалната економија со ништо значително не е вклучена во опслужувањето на овој воен капацитет. Пред четири години се вршеше реконструкција на постојната инфраструктура на Криволак, со цел да се обезбедат систем обиколница околу периметарот на границата на полигонот и внатрешно поврзување со вкупна должина од 75 километри. Сето ова е внатре во рамките на полигонот, но регионот околу и натаму останува запоставен. Земјоделците се жалат на негативните ефекти од загадувањето од муницијата, трпи и екологијата, се оштетуваат локалните патишта преку кои пристигаат воените возила до полигонот, така што бенефициите за обичното население и за стопанството се речиси никакви. Причините треба да се бараат во тоа што македонските власти не успеаја да обезбедат посериозна инвестиција од НАТО, слично по принципот на Албанија, со што ќе се овозможеше заживување на целиот крај.
Геостратегијата игра решавачка улога
Според пензионираниот армиски генерал Митре Арсовски, инвестициите на НАТО во Албанија се водени исклучиво од геостратегиската улога што оваа земја ја има, пред сѐ во контролата на влезот и излезот од Јадранско Море кон Медитеранот.
– НАТО инвестира толку пари во базата во Кучово бидејќи му е потребна воздушна контрола на тој дел, тој аеродром е стратегиски важен бидејќи ја држи Отранската врата отворена кон Средоземно Море. На тој начин, Алијансата спречува блокада на Црна Гора, Хрватска, Словенија, Италија, кои излегуваат на Јадранско Море и затоа аеродромот во Кучово е добредојден и се даваат толку пари. Во Македонија друг е случајот, тука повеќе мислам дека фокусот ќе биде насочен кон разузнавачките активности – вели Арсовски.
Според него, има одредени активности околу модернизацијата на Криволак, но тоа се случува постепено и со многу помали инвестиции бидејќи Македонија очигледно не е во нивните геостратегиски приоритети.
– Криволак никогаш не бил замислен да биде капацитет како оној што е во Албанија. Имаше план за развој на полигонот Криволак уште од времето на поранешна СФРЈ, но тој беше стопиран кога започна распадот на заедничката држава. Постоеше идеја да се изгради воен аеродром во близината на цивилниот аеродром крај Скопје, но и тоа не се направи, а верувам дека ако своевремено им се претставеше тој план на Американците, можеби со нив и ќе се реализираше таа идеја. Во овој момент тешко е да се очекува некаква поголема инвестиција од страна на НАТО кај нас, па затоа е важно да се насочат сите сили Алијансата да помага во модернизирањето на она што го имаме како воен капацитет, но истовремено да се работи и на тоа наши компании што повеќе да бидат ангажирани од НАТО. Тоа е нашата шанса во овој момент – посочува Арсовски.
Дел од другите аналитичари се согласуваат дека гледано од геостратегиски аспект Македонија не е толку интересна бидејќи не излегува на море, мала е по површина и бидејќи од речиси сите страни е заобиколена од членки на НАТО, фокусот е ставен на оние во првиот ред.
– Македонија вистинската шанса ја пропушти во 1999 година, кога тука беа стационирани НАТО-силите што учествуваа во бомбардирањето на СР Југославија. Тогаш можеше да се побара и изградба на соодветна инфраструктура, да се ангажираат и домашни фирми за разни потреби на Алијансата и слично. За жал, се пропушти шансата и сега иако сме членка на НАТО, сепак не сме толку стратегиски важни за да инвестираат големи пари во некакви наши капацитети. Ако веќе сме свесни за тоа, а сме свесни, тогаш повеќе од важно е да се насочи сета енергија во тоа како повеќе наши домашни компании да вклучиме во системот на НАТО како економски оператори. Тоа е нашата шанса, ако тие компании работат, ќе работи и локалната економија – истакнуваат соговорниците.
Четири години членство во НАТО, македонските компании без дел од колачот
Македонија наскоро ќе одбележи четири години откако стана членка на НАТО, со што се отвори можноста македонските компании да учествуваат во НАТО-пазарот, вреден пет милијарди евра годишно.
Според евиденцијата на македонското министерство за одбрана, досега вкупно, 44 компании покажале интерес за учество на тендерите што се распишани за потребите на Алијансата, но резултатите се незначителни. Пристапот е исклучително тежок бидејќи за влез на пазарот се потребни сертификати, а и исполнување одредени услови.
Неодамна беше организиран НАТО индустриски ден, со кој претставници на македонските компании можеа да се запознаат со условите под кои може да влезат во пазарот за снабдување на Алијансата со различни производи.
Во услови кога геостратегискиот концепт на Северноатлантскиот сојуз опфаќа крупни инвестиции во други земји, шансата на Македонија е токму во ангажманот на домашните фирми за потребите на НАТО.
Засега компаниите успеваат само да се впишат во регистарот на економски оператори и да добијат потврда за исполнетост на услови за учество во постапките за набавки за потребите на НАТО и земјите членки. Но тоа не е доволно бидејќи за да ја добијат работата, треба да бидат конкурентни во однос на компаниите што конкурираат од другите земји и кои подолго време веќе го држат пазарот и не дозволуваат пробив на други компании, особено не од поновите земји членки. Од тие причини, потребно е поголемо лобирање од страна на надлежните, да успеат да ги претстават македонските производи пред Алијансата на вистински начин, за да можат и тие да добијат дел од колачот што беше ветуван пред влезот на земјава во НАТО и за што беше направена голема жртва.
Што претставува за една држава наменското стопанство и дали воопшто Македонија има искуство со тој предизвик
Евоцирање спомени на поранешен генерал во југословенската и македонската армија во врска со воено-индустрискиот комплекс
Наменскиот економски воено-индустриски комплекс претставува мрежа на поединци, компании и институции вклучени во производството на оружје, воени технологии, логистички производи за армијата, како и одредени услуги што одредена воено-цивилна формација ги бара (пр. НАТО), за успешно да функционира и да ги извршува своите мисии.
Терминот „воено-индустриски комплекс“ првпат го употреби американскиот претседател Двајт Ајзенхауер, а подоцна истиот термин беше проширен како т.н. „наменско стопанство“, како посебна гранка во една национална економија.
Но за издвојување е дека во своето проштално обраќање на 17 јануари 1961 година, употребувајќи го споменатиот термин, претседателот на САД, Ајзенхауер, пророчки изрази и сомнеж дека „воено-индустрискиот комплекс има тенденција да промовира политики што можеби не се во најдобар интерес на земјата (не во економска смисла, туку како учеството во трката за нуклеарно вооружување н.з.)“, плашејќи се дека „неговото растечко влијание (на тој воено-индустрискиот комплекс н.з.), ако не се контролира, може да ја поткопа американската демократија“.
Сепак, во годините потоа, наменската економија, односно воено-индустрискиот комплекс, стана и една од носечките столбови на економијата на многу земји во светот, без да се постави понатаму посилно и погласно реторичкото прашање на претседателот Ајзенхауер дека „со растечкото влијание на тој комплекс ќе се поткопа демократијата“!
Иако Ајзенхауер е заслужен за оваа фраза и многу познавачи го сметаа феноменот (воено-индустриски комплекс) како нов, елементите на домашниот и на меѓународниот воено-индустриски комплекс денес, во вакви глобално-политички односи, се пред неговото значајно експандирање. Воените сили се финансирани претежно од националните влади, кои историски биле цел на напорите за лобирање од страна на бирократите во министерствата поврзани со војската, од законодавците или од претставниците на приватни фирми вклучени во производството на оружје и муниција и друга наменска логистичка опрема. Бидејќи целите и интересите на овие различни актери во голема мера се совпаѓаат, тие имаат тенденција да си ги поддржуваат меѓусебните активности.
Според повеќе познавачи на т.н. наменска економија (воено-индустриски комплекс), од оваа гранка на стопанството исклучително многу се заработува. На пример, соговорниците ја издвојуваат информацијата за поранешната СФР Југославија, која годишно остваруваше неколку милијарди долари со извоз на оружје, воена опрема, текстил, униформи, потоа воен инженеринг, кој подразбира пред сѐ проектирање, изградба и контрола на работењето на воени фабрички комплекси, подземни магацини, фабрики за муниција и експлозив, пристаништа и аеродроми. Проектирањето во текот на 1980-тите му беше препуштено на Воено-градежниот институт, кој ја спроведуваше и контролата на работењето, додека за градежните изведби на овие објекти беше ангажирано цивилно градежништво.
Критичарите, пак, на карактерот на наменското стопанство, истакнуваат дека засегнатите страни (владите и компаниите од наменското производство) формираат заемно корисни односи – она што некои критичари го нарекуваат „железен триаголник“ меѓу владините претставници, законодавците и воено-индустриските фирми…
Што се однесува до историјата на македонската военонаменска индустрија, како дел од комплексот на ЈНА, познавачите потсетуваат дека до 1990 година во Македонија имаше 19 фабрики. Гигантот „Еуроинвест“ произведуваше композитна заштита за тенкот „М-84“. „Металскиот завод Тито“ правеше мултипликатори за тенкови, куполи и други помошни делови. „Сувенир“ од Самоков произведуваше муниција. Скопски „Диаг“ правеше значки за шведската армија, „Винка“ од Виница шиеше кошули за холандската армија, „Единство“ од Валандово ги шиеше сите униформи за британската војска. Прилепски „Еурокомпозит“ беше дел од некогашниот гигант „Еуроинвест“…
Во основа, Македонија по распадот на Југославија имаше готови специјализирани фабрики и погони наменети за оваа индустрија. Но, очигледно, таа како гранка од нашата економија комплетно се запостави, а некогашните фабрики останаа нефункционални. Познавачите на овој комплекс прашања се потсетуваат на многу посветли моменти за наменското стопанство на Македонија.
– Гигантот „Еуроинвест“ произведуваше композитна заштита за некогаш најдобриот тенк, југословенскиот „М-84“, кој маестрално го победи американскиот „абрамс“ во Првата заливска војна. Се произведуваа и панцири и шлемови. А вториот гигант, „Металскиот завод Тито“ (МЗТ), со 1.200 работници, правеше мултипликатори за тенкови, куполи и други помошни делови. Се правеше и за источниот и за западниот воен блок. Русите ги купуваа менувачите за нивните тенкови „Т-55“ од МЗТ, а „Сувенир“ од Самоков беше примарна фабрика за производство на муниција за ЈНА, а извезуваше и во САД. „Тетекс“ од Тетово ги произведуваше најдобрите шинели…