Фото: ЕПА

Анализа

  • Геополитичките разлики, индиското претседателство и отсуството на заеднички механизми ја откриваат ограничената способност на блокот да реагира како единствен глобален актер
  • Молкот на БРИКС, барем засега, не е класична „дипломатска тактика“. Тој е одраз на сложената мрежа на интереси, ривалства и балансирања што ја обликуваат оваа растечка, но сè уште недоволно кохерентна коалиција на глобалниот југ

Поминаа повеќе од дванаесет дена откако САД и Израел започнаа воздушни напади врз Иран, во кои беше убиен и врховниот водач ајатолах Али Хамнеи, настан што предизвика една од најголемите кризи во Персискиот Залив во последните години. Иако станува збор за конфликт што директно ја засега една од неговите членки – Иран, сојузот од 11 земји на БРИКС, кој се претставува како „колективен глас на глобалниот југ“, сè уште нема издадено заедничко соопштение.
Ова отсуство на реакција отвора сериозни прашања за реалната политичка тежина на овој блок и за неговата (не)способност да дејствува како координиран глобален актер во време на сериозна меѓународна криза.

Индивидуални реакции наместо заеднички став

Иако БРИКС како организација молчи, неколку негови членки веќе се изјаснија поединечно. Русија, на пример, остро ги осуди американско-израелските напади врз Иран. Сличен став изрази и Кина. Бразил повика на мир и деескалација, додека Јужноафриканската Република се понуди да посредува во конфликтот.
Но БРИКС како колективна организација останува без официјална реакција. Оваа тишина, според некои наши соговорници – дипломати, „не може да се оцени како дипломатски пропуст, туку како симптом на подлабоки структурни ограничувања на сојузот“.

Структурни слабости на блокот БРИКС

Една од причините за ваквата ситуација лежи во самата природа на БРИКС.
– За разлика од интегрирани политички и безбедносни организации како Европската Унија или НАТО, БРИКС нема постојан секретаријат, ниту некакво оперативно тело, ниту механизам за брзо донесување политички одлуки.
Иако организацијата првенствено беше создадена како економски блок, нејзиниот мандат со текот на времето се прошири и на безбедносни прашања. Членките почнаа да организираат и заеднички воени вежби. Последните маневри, одржани во јануари оваа година под покровителство на Јужноафриканската Република, сепак беа одбележани со отсуството на Индија, која во моментот претседава со сојузот.
Овие институционални слабости стануваат особено видливи во моменти на геополитичка криза, велат дипломатите со кои се консултиравме.

„Мидл Ист монитор“: Војната во Иран претставува вистински „стрес-тест“ за БРИКС

Според анализата на лондонскиот медиум „Мидл Ист монитор“, војната во Иран претставува вистински „стрес-тест“ за БРИКС. Медиумот констатира дека „мултиполарноста за овој сојуз повеќе не е само теоретски концепт, туку реалност во која се огледуваат и неговите ограничувања“.
БРИКС претставува околу 40 проценти од светското население и околу 39 проценти од глобалниот бруто-домашен производ, што му дава значителна економска тежина. Но токму кризата во Иран ја отвора дилемата дали оваа амбициозно замислена коалиција може да функционира како вистински геополитички фактор или останува пред сè платформа за дебата. Според нашите соговорници – дипломати, „дополнителен фактор што ја објаснува парализата на блокот е фактот што со БРИКС моментално претседава Индија“.
– Од основачите на организацијата, токму Индија е единствената што јавно не ги осуди нападите врз Иран. Оваа воздржаност се објаснува со комплексната дипломатска позиција на Њу Делхи. Владата на премиерот Нарендра Моди во последните години изгради силни врски со Израел, особено во областа на одбраната, технологијата, земјоделството и разузнавачката соработка. Таа склучи и договор со САД во врска со намалување или неувезување руска нафта. Истовремено, Индија одржува и значајни односи со Иран, пред сè во областа на енергетската безбедност и регионалната инфраструктура. Најдобар пример за тоа е развојот на иранското пристаниште Чабахар, клучен проект за индиската трговска и транспортна стратегија во регионот. Токму оваа потреба од балансирање меѓу различни партнери ја прави Индија претпазлива во формулирањето поостар став или заземањето страна – велат нашите соговорници.

Внатрешни противречности во проширениот БРИКС

Проширувањето на БРИКС со нови членки од Блискиот Исток, кое првично беше поздравено како голем геополитички пробив, денес покажува и свои слабости.
Со приклучувањето на Иран и Обединетите Арапски Емирати, како и со поканата до Саудиска Арабија, блокот вклучи држави со различни, а понекогаш и спротивставени интереси. Тоа дополнително ја усложнува можноста за формулирање единствен став.
Во меѓувреме, Иран започна одмазднички напади со беспилотни летала и ракети врз американски воени инсталации низ регионот, вклучително и во Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати – држави што исто така се поврзани со БРИКС.
Оваа ситуација го става сојузот во незгодна позиција, бидејќи конфликтот директно ги засега неговите сопствени членки.

Дипломатска пауза или политичка парализа

Според Крис Огден, вонреден професор по глобални студии на Универзитетот во Окленд, ваквата ситуација го прави БРИКС неспособен да одговори на урамнотежен и кохерентен начин што би ги заштитил интересите на сите негови членки.
Од друга страна, индискиот експерт за одбрана Гаурав Кумар посочува дека земјите членки во вакви ситуации прво водат тивки дипломатски консултации пред да формулираат колективен став. Според него, сегашната тишина повеќе наликува на дипломатска пауза отколку на конечна позиција.
Сепак, токму оваа пауза отвора прашања за степенот на координација во рамките на сојузот.

Можност за компромисна декларација

Некои аналитичари сметаат дека Индија, со својата традиционална политика на неврзано балансирање меѓу големите сили, би можела да помогне во формулирањето компромисна декларација.
Таквиот документ веројатно би содржел општа осуда на агресијата и повик за почитување на меѓународното право, без директно именување виновници или заземање страна во конфликтот.
Доколку се појави таква формулација, таа би била типичен пример за дипломатскиот стил на БРИКС – внимателно балансиран, но често и недоволно решителен.

Испит за иднината на БРИКС

Војната во Иран на тој начин се претвора во сериозен тест за кредибилитетот на организацијата. Доколку БРИКС не успее да формулира заеднички став во конфликт што директно засега една од неговите членки, ќе се засилат сомнежите дека блокот повеќе е форум за политички дијалог отколку вистински геополитички сојуз.
Молкот на БРИКС, барем засега, не е само дипломатска тактика. Тој е одраз на сложената мрежа на интереси, ривалства и балансирања што ја обликуваат оваа растечка, но сè уште недоволно кохерентна коалиција на глобалниот југ. Р.С.