Македонија има генерален конзул во Њујорк и засега не се предвидува негова предвремена замена, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР) реагирајќи по повод шпекулациите во јавноста поврзани со испраќањето на претставници во дипломатско-конзуларните претставништва.
– Со оглед дека се работи за информации од доверлив карактер, дозволете да информираме дека Република Северна Македонија во моментов има генерален конзул во Тотова, САД, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски прописи – се наведува во соопштението од МНР, од каде што посочуваат и дека Панев е на половина од мандатот и оти моментно не се предвидува негова замена.
Соопштението на МНР уследи по бурната реакција на јавноста на дел од медиумското известување поврзано со именувањата во дипломатијата. Претходно се огласи и кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, оградувајќи се од постапката за именување на генерален конзул во странство.
– Постапката за именување на генерален конзул на Република Северна Македонија во странство не е во надлежност на претседателот на државата, туку е во надлежност на Министерството за надворешни работи и Владата, и истата е регулирана со Законот за надворешни работи – соопшти вчера кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Постапката треба да биде покрената од министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој во таков случај треба до Владата да достави предлог за именување на генерален конзул.
– Постапката за именување генерален конзул ја покренува министерот за надворешни работи, кој до Владата доставува предлог за именување на генерален конзул. По прифаќање на кандидатот од страна на Владата, Министерството бара егзекватура од земјата на приемот, а по нејзиното добивање и завршените подготовки, Владата донесува одлука за именување на генерален конзул. Патентното писмо за генералниот конзул, онаму каде што е потребно, го парафира министерот, а го потпишува претседателот на Владата – се наведува во соопштението од кабинетот на шефот на државата.