МНР и Османи размислуваат за неполноправно членство во ЕУ

ВЛАСТА ЈАВНО ИНСИСТИРА НА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, А ПОТАЈНО РАЗГЛЕДУВА И ДРУГИ ОПЦИИ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА

Михаел Мартенс, дописник на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и водечки германски познавач на политичката ситуација на Западен Балкан, открива интересни детали од средбата со шефот на македонската дипломатија. Така, според Мартенс, Османи прифаќа неполноправно членство во ЕУ, но сепак инсистира на уставни измени, што значи дека македонската влада знае дека уставните измени нема да доведат до брзо членство во ЕУ, туку дека прво со години можеби и со децении Македонија би била членка на Единствениот европски пазар, но не и членка на Унијата

Интересна информација за можноста македонската влада да побара неполноправно членство во ЕУ објави Михаел Мартенс, дописник на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ по неговата средба со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи.
Мартенс информира дека Османи прифаќа неполноправно членство во ЕУ, но сепак инсистира на уставни измени, што значи дека Владата знае дека уставните измени нема да доведат до брзо членство во ЕУ, туку дека прво со години можеби со децении Македонија би била членка на Единствениот европски пазар, но не и членка на Унијата.
– Голема благодарност до Бујар Османи, министер за надворешни работи на С. Македонија, што го објасни неговиот став зошто неговата земја треба да го промени својот устав за да продолжи со преговорите со ЕУ. Иако се плашам дека не го делам неговиот оптимизам дека ова е последното бугарско барање – пишува Мартенс, кој открива план на Османи со кој Македонија прво ќе биде дел од ЕЕЗ, а потоа некогаш и членка на ЕУ.
Инаку, Мартенс важи за водечки германски познавач на политичката ситуација на Западен Балкан.
Според него, иницијативата на Османи за изнаоѓање привремени решенија на патот кон полноправно членство (пристап до единствен пазар) е важен пристап, кој добива сѐ повеќе и повеќе заговорници во регионот.
Впрочем, двајца од претходниците на господинот Османи, Никола Димитров и Антонио Милошоски споделуваат слични идеи. И не се единствените, како што покажува примерот на поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Секогаш е добро да се види како добрите идеи добиваат на сила, пишува Мартенс, кој нагласува дека за разлика од Османи, Милошоски, кој има позитивно мислење за Европската економска заедница, сепак не прифаќа уставни измени.
Мартенс исто така не е оптимист дека уставните измени се последно барање на Бугарија упатени кон Македонија.
За Мартенс е изненадувачки и што Османи во исто време бара столче во Европската Унија, додека ЕУ се чуди зошто власта амнестира функционери за корупција и криминал. Н.М.