Навршувањето 31 година од одржувањето на референдумот, на кој огромно мнозинството од граѓаните се изјасни за прогласување самостојна и независна Македонија, е вистински повод за анализа колку денес навистина сме независни како држава во секој поглед и колку се остварија идеалите од пред 31 година

ЧЕТВРТА ДЕЦЕНИЈА ОД ПРОГЛАСУВАЊЕТО НА НЕЗАВИСНОСТА

Во текот на изминатава година, почнувајќи од ланскиот 30-годишен јубилеј од прогласувањето на независноста на државата, беа одбележувани три децении македонска независност по повеќе основи и на разни нивоа. По овој заокружен јубилеј, се нанижа уште една година и веќе в четврток, на 8 септември, се одбележува 31 година од прогласувањето на независноста на државата. Вистински повод за анализа колку навистина денес сме независни како држава во секој поглед и колку се остварија идеалите од пред 31 година.
Зашто она што токму во овој период најмногу можеше да се слушне е колку многу Македонија е зависна од увозот на енергенти, храна и разни други производи и услуги, но и на пари, идеи, решенија…, независно дали тие ќе се „потрошат“ за подобрување на инфраструктурата, социјалата, правосудството…, за стабилизирање на економијата или за „ребрендирање“ на државата и на некои од нејзините главни елементи. Сега, со навршувањето 31 година од одржувањето на референдумот на кој мнозинството од граѓаните се изјасни за прогласување самостојна Македонија, со сигурност може да се каже оти веројатно се зачувани само територијалниот интегритет и унитарниот карактер на државата. Зборовите како што се самостојност, независност и суверенитет, кои најчесто се поврзуваат со овој настан, се нешта за кои, во меѓувреме, постојано се дискутира. Независно од тоа дали „заслугите“ му се припишуваат на домашниот или на странскиот фактор, повеќето експерти се согласни дека нивната специфична тежина значително е намалена во однос на она што тие претставуваа пред малку повеќе од три децении.
За потсетување, деновиве, најексплоатираната тема, енергетската зависност до која се дојде поради тоа што во Македонија со децении не е изграден ниту еден сериозен енергетски капацитет, може да се каже и за сите други области, бидејќи, како што објаснуваат упатените, нема ниту краткорочни, ниту среднорочни, ниту долгорочни планови. А доколку и ги има, тие не се реализираат. Како најеклатантен пример за тоа ги наведуваат разликите во нивото на планираните и на реализираните капитални инвестиции во државните буџети во изминативе години. Тоа, пак, го објаснуваат со неспособноста на сите досегашни владејачки елити самостојно да ги менаџираат процесите и со нивната подготвеност да го потпишат сето она што ќе биде ставено пред нив од страна на некакви економски, правни и секакви други консултанти или претставници на редовната, специјалната и каква сѐ уште не странска дипломатија.
Тоа, впрочем, е и општ впечаток, кој, меѓу другото, мошне концизно го претстави и професорот Звонимир Јанкулоски.
– Можеби грешам, но неизбежен е впечатокот дека западните сили нѐ сведоа токму на ниво на некогашните колонии, на кои им бил делегиран суверенитет, што имплицира дека политичката автономија на државата примател е скратена, како и пофундаменталното тврдење дека политичкоправната независност на државата се оспорува. Само како потсетување: политичкиот, економски и културолошки суверенитетот на една држава е клучен лост што обезбедува институции и практики, кои можат да ги заштитат и промовираат интересите и благосостојбата на нивните граѓани. Без тој лост, социјалната, културната и економската одржливост на Македонците и, можеби, дури и идентитетот се неодржливи на долг рок. Очигледно дека оваа промашена генерација политичари во Македонија не можат да го разберат ова – објаснува тој.
Сличен став има и економистот Абдуменаф Беџети, кој по повод одбележувањето три децении од монетарната независност оцени дека институциите немаат капацитет да се справат со проблемите.

– Кој ни е капацитетот на продуктивност? Кое ни е нивото на животниот стандард мерен преку БДП во однос на ЕУ? Тоа е сѐ уште под 40 отсто. Ептен сме далеку. Факт е дека за 30 години не остваривме повисока стапка на раст во просек повеќе од 2,2 отсто – рече Беџети на панелот „Мерливоста на вредностите: економски визури“, констатирајќи оти „патиме од цинични политичари што не прашуваат, а дека не знаат, тоа е докажано“.
Сепак, покрај овие „субјективни“, постојат и објективни околности поради кои Македонија, и по излегувањето од некогашната држава, остана економски, политички и по разни други основи „зависна“ од одредени центри.
– Денес за ниту една држава не може да се каже дека, во буквална смисла, е независна. Затоа, како прво, во меѓународната терминологија и постои терминот депендентност или меѓусебна зависност. Во практика, тоа сега најдобро се гледа низ примерот со снабдувањето со енергија на глобалното ниво. Второ, Македонија не може сега да се ориентира според принципот на апсолутната сувереност, зашто, како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, веќе им го отстапи делот од својот суверенитет на овие асоцијации. И трето е фактот дека малите држави, тие со по помалку од пет милиони жители, не се во можност да вршат некои битни влијанија. Тие, вообичаено, се врзуваат за некои поголеми центри на регионално ниво, за што како добар пример можам да ја посочам иницијативата Отворен Балкан, или склучуваат сојузништва со поголемите сили. Од сето тоа, јасно е дека произлегуваат и разни форми на зависност. Поради сето тоа можеме да кажеме оти денес веќе нема апсолутна независност ниту во внатрешната ниту во надворешната политика. А кризните ситуации, каква што е оваа во изминативе неколку години, само ја потенцираат таквата реалност – објаснува поранешниот македонски дипломат и универзитетски професор Нано Ружин.
Сето наведено, но и ненаведено, води кон едно повисоко ниво на расправа, за можностите на малите држави каква што е Македонија, помеѓу глобализмот и суверенизмот, која не само во овдешната јавност туку и на глобалното ниво значително стивна со појавувањето на пандемијата на коронавирусот и со избивањето на војната во Украина. Но тоа, како што потенцираат упатените, не би требало да ги ослободи од одговорноста сите оние што, како со своето постапување, така и со непостапувањето, ги преминуваат границите и ги нарушуваат општоприфатените принципи во функционирањето на една држава. Д.М.М.