Фото: Игор Бансколиев

Повеќе од јасно е дека она што ѝ е потребно на Македонија е вистинска и единствена стратегија што ќе ги опфати сите области, надворешна политика, економија, здравство, земјоделство, образование, екологија, култура, спорт, и буквално сите можни сфери, а која ќе биде изработена од најумните луѓе во земјава и која ќе биде донесена и прифатена од сите со консензус, што ќе овозможи таа да стане национален документ што ќе биде основа за идниот развој на државата. Вака одделните иницијативи што одвреме-навреме ќе ги пројави понекој политичар, партија, институција или слично, уште однапред се осудени на неуспех, бидејќи не постои општествен консензус за нив

И претседателот Пендаровски промовира рамка за развој на државата „МКД2030“

Претседателот Стево Пендаровски неодамна ја промовира рамката за развој „МКД2030“, која претставува нов стратегиски документ што се подготвува по негова иницијатива и кој е уште еден во низата документи, иницијативи, програми и планови изработени изминатите години, а кои имаат заедничка цел – развој и подобра иднина на државата и нејзините граѓани.
„Македонија 2025“, „План 3-6-9“, „План 21“ и разни други стратегии за образование, за екологија, последните партиски планови и визии „Нов договор“ и „Програма на три столба“, но и Стратегијата на МАНУ, се само дел од иницијативите и стратегиите подготвени за развој и напредок на државата и општеството, кои освен декларативните заложби и добрите идеи ставени на хартија, во практика никогаш вистински не заживеаја и не дадоа никакви резултати.

Вистинска, единствена, сеопфатна стратегија

Македонија и натаму стагнира на сите полиња, општеството е целосно политизирано и поделено, реформите немаат соодветна динамика, а во некои области и не се спроведуваат, економијата одвај опстојува, енергетскиот сектор е во криза, образованието и здравството исто така, а борбата со корупцијата никогаш не започна, при што резултатот е дека квалитетот на животот на граѓаните не расте.
Од тие причини секоја нова иницијатива или стратегија се дочекува со огромна доза на скепса меѓу македонските граѓани, бидејќи од досегашните искуства се покажа дека тие документи повеќе се користат за нечија промоција, отколку што имаат вистинско влијание врз општеството.
Повеќе од јасно е дека она што ѝ е потребно на Македонија е вистинска и единствена стратегија што ќе ги опфати сите области, надворешна политика, економија, здравство, земјоделство, образование, екологија, култура, спорт, и буквално сите можни сфери, а која ќе биде изработена од најумните луѓе во земјава и која ќе биде донесена и прифатена од сите со консензус, што ќе овозможи таа да стане национален документ што ќе биде основа за идниот развој на државата.
Вака одделните иницијативи што одвреме-навреме ќе ги пројави понекој политичар, партија, институција или слично, уште однапред се осудени на неуспех, бидејќи не постои општествен консензус за нив, па затоа најчесто се забораваат набргу по нивната промоција и никој подоцна не се осврнува на нив.

Не хиперпродукција на стратегии, туку да се анализира примерот на Словенија

Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека во државата има еден куп стратегии и иницијативи што не се спроведуваат, а вината за тоа ја лоцира во немањето оперативен план за спроведување на ваквите документи, поради што тие никогаш не заживеале.
– Македонија, наместо да продуцира само стратегии што не се спроведуваат, бидејќи никогаш немало стратегиски оперативен план за нивно спроведување, најдобро е да ги користи искуствата на овој план од држави слични по територија и население како нашата. Најдобар пример за тоа е Словенија, која своевремено, пред осамостојувањето, направи тим од луѓе наречен „Круг 50“, кои ги утврдија стратегиските точки што водеа кон развој на Словенија како самостојна држава. Најголем дел од тие луѓе ниту се трудеа ниту правеа некаква политичка кариера, уште помалку бараа подоцна некакви функции, туку нивното знаење и ум несебично ги посветија исклучиво на развојот и напредокот на земјата. Затоа Словенија веднаш напредуваше по осамостојувањето, не тапкаше во место, без да знае што треба да прави во иднина. Тој модел треба да го ископира и Македонија. Не може нашата земја да нема интелектуален потенцијал што може да смисли добра стратегија – смета Андревски.
Според него, стратегиите и иницијативите што ги промовираат одделни политичари и институции не можат вистински да одговорат на предизвиците.
– Се покажа дека во сите претходни стратегии и иницијативи доминира тоа што претставува идеја на некоја политичка опција или групација, а не е присутно тоа што би било најполезно за државата и за граѓаните. Затоа граѓаните брзо утврдуваат дека нешто е правено од партиска гледна точка и затоа тоа потешко се прифаќа на поширок план и е осудено на неуспех – констатира професорот Андревски.
Тој уште еднаш повтори дека наместо секој посебно да нуди стратегии, потребно е заеднички да се седне и да се подготви документ што ќе биде основа за идниот развој на државата.
– Овој словенечки модел е најдобар за нас. Тие направија слоган „Европа здај“, ние треба да направиме слоган „Европа дома“. Има искуства што треба да се користат од земји слични на нашата, како од Словенија, која е слична по површина и население, потоа и Словачка, па и од балтичките земји. Така изработената стратегија може да даде реални резултати и конечно да придонесе за реален развој на државата и за подобар живот на граѓаните – заклучува Андревски.


Фокусот на „МКД2030“ на дигитализација, децентрализација и демократизација

Како долгорочна визија за развојот и иднината на земјата, „МКД2030“ ги утврдува политиките што треба да се постигнат до следната деценија и областите во кои треба да се фокусира државата за напредок и подобар живот на граѓаните.
Рамката за развој „МКД2030“ е автентичен документ, изработен преку консултативен процес со бизнис-секторот, граѓанските организации, академската заедница и истакнати професионалци од повеќе области.
Приоритетите што ќе произлезат од „МКД2030“ ќе бидат референтната точка, според која ќе се калибрира Националната развојна стратегија 2021-2041, која како следна фаза треба да се надоврзе на „МКД2030“.
– Наша задача е да ги препознаеме виталните приоритети, без кои развојот би бил невозможен, и да се вложиме во нивнa реализација. „МКД2030“ е потребно да биде остварлива. Како држава располагаме со ограничени човечки и финансиски ресурси и не треба да губиме време на прашања што ги надминуваат нашите способности и ресурси – потенцира претседателот Пендаровски.
„МКД2030“ се фокусира на дигитализација, децентрализација и демократизација, преку еколошки, економски, аграрни и здравствени политики, па сè до образование и наука и борба против иселувањето на младите од земјава. Со документот ќе бидат опфатени и приоритети што не се засебни, а се однесуваат на повеќе сектори, како што се изградба на ефикасна јавна администрација, создавање еднакви можности и борба против корупцијата.