Фото: Влада

По Вашингтон и Брисел и голем број други држави почнаа да назначуваат свои специјални претставници за регионот на Западен Балкан. Така, во моментов свои специјални претставници, покрај САД и ЕУ, имаат и Велика Британија, Германија, Грција, Словенија итн. Сето тоа пред јавноста ја наметнува дилемата која е нивната вистинска функција и кои се очекуваните резултати од нивното дејствување. Според дипломатите и аналитичарите, во една добро организирана дипломатија, со конзистентна надворешна политика, такви практики не се потребни. Тие служат само за да го одложат решавањето на проблемите и нивниот ефект е рамен на нула. Но има и мислења дека токму специјалните претставници ќе бидат камшикот за Балканот за спроведување на интересите на големите центри на моќ

ИНВАЗИЈА НА СПЕЦИЈАЛНИ ПРЕТСТАВНИЦИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН

Стравот дека застојот на евроинтегративните процеси во државите од Западен Балкан и можната нова блоковска поделба предизвикана од војната во Украина би можеле да го расцепат регионот на два дела годинава резултира со мошне интензивните напори на западната дипломатија да им објасни на владите на овдешните земји каде им е местото, при што, покрај редовната, во погон беше ставена и таканаречената специјална дипломатија. Но тоа што по именувањето на специјалните пратеници на Соединетите Американски Држави и на Европската Унија, Габриел Ескобар, кој инаку ја извршува и функцијата заменик на помошник-државниот секретар на САД, и Мирослав Лајчак, поранешен словачки политичар и дипломат, следуваше редица нови именувања на специјални пратеници за Балканот од страна на одделни земји, ја збуни овдешната јавност и наметна редица прашања во однос на нивната вистинска функција и на очекуваните резултати од нивното дејствување.
И доколку именувањето на Стјуарт Пич за специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан донекаде може и да се објасни со неодамнешното истапување на земјата од Европската Унија, зачудуваат понатамошните именувања на Германецот Мануел Зарацин, Гркинката Софија Грамата, Словенецот Анжеј Франгеш… за специјални пратеници на нивните влади за Западен Балкан. Уште повеќе што биографиите на сите наведени личности, со исклучок на Пич, кој бил воено лице, изобилуваат со наводи за богати дипломатски искуства што, впрочем, се наведува и во описите на клучните фигури во дипломатските претставништва што секоја од овие земји ги има во овдешните држави.
Само за потсетување, при назначувањето на секој од споменатите беа дадени општи објаснувања во стилот дека тие треба да „помогнат“ во консолидирањето на мирот, безбедноста и стабилноста во поширокиот регион на Западен Балкан, а во меѓувреме, имињата на барем првите меѓу нив, Ескобар, Лајчак и Пич, во регионалните медиуми почнаа да се споменуваат многу почесто отколку на нивните сонародници што раководат со дипломатските претставништва на земјите што ги испратиле.
Поради тоа, некои од упатените сметаат дека овој специјален вид дипломатија има намена да ги надомести слабостите на редовната дипломатија, поточно нејзините актери по потреба и да ги извадат ракавиците при разговори со овдешните политички актери.
Еден од нив е српскиот аналитичар и основач на тамошниот Форум за етнички односи Душан Јањиќ.

– Тука се избираат луѓе што можат да комуницираат со сегашните раководства и кои имаат соодветни аргументи за тие комуникации – објасни, меѓу другото, тој.
Иако навистина прерано би било да се зборува за евентуални резултати од нивната работа, сосема легитимно е да се коментираат потребата и очекувањата од нивниот ангажман на овие простори, пред сѐ во Македонија.
– Дека нашата дипломатија мора да ги има предвид сите овие именувања е точно, исто како што во голема мера како точна се покажа и народната поговорка „многу бабици, килаво дете“. Тоа уште повеќе зашто на сите ни е позната природата на бирократските механизми од кои, за жал, не е поштедена ниту дипломатијата. Затоа, можам да кажам оти немам никакви очекувања во однос на некакви ефекти од ангажманот на специјалните пратеници. Напротив, не сум далеку од заклучокот дека, се разбира, со исклучок на САД и на ЕУ, ова е само уште еден начин владите на споменатите држави да најдат некаков ангажман за своите прекубројни кадри – смета поранешниот македонски амбасадор Ивица Боцевски.
Слични размислувања во јавноста беа изнесувани и претходно, веќе по назначувањата на првите специјални претставници. Иако упатените уверуваат дека овој вид дипломатија се практикувала и во други случаи, сепак тие беа резервирани во однос на прашањето дали тоа дава плод или само внесува забуни.
– Во една добро организирана дипломатија, со конзистентна надворешна политика, такви практики не се потребни. Тие служат само за да го одложат решавањето на проблемите и нивниот ефект е рамен на нула – изјави пред извесно време поранешниот македонски дипломат Драган Јањатов.
Но има и поинакви објаснувања, според кои, редовната дипломатија, сепак, има одредени ограничувања, бидејќи е во рамките на одредени стандарди, кои, практично не дозволуваат посебни ангажмани и погрубо мешање во внатрешните работи на земјите на акредитацијата. Поради тоа, ангажирањето на овие специјални пратеници или претставници, според таквите објаснувања, претставува и одредено силување на земјите и регионите што ги третираат.
Вообичаено, како што дообјаснуваат, овој вид дипломати наметнуваат решенија што не се прифатливи за овие државни и региони што, во целина, е неизбежна пракса што најчесто носи резултати. На земјите што не се способни да ги решаваат своите проблеми, овие лица, според нив, им доаѓаат како присилна совест, додека за испраќачите тие се алатка за реализација на нивните интереси. Д.М.М.