За американската тактика на „обезглавување на непријателот“ со која војува Вујко Сем
- Воената доктрина што ветува брз крај на конфликтите преку елиминација на политичкото и военото раководство на противникот често изгледа привлечно на хартија. Но историјата покажува дека „ударот на декапитацијата“ (обезглавување на раководството) ретко ја носи политичката победа што ја ветуваат неговите заговорници
Во современата воена терминологија, „удар на декапитација“ претставува стратегија насочена кон елиминирање или неутрализирање на врвот на политичкото и военото раководство на една држава или организација. Основната логика е едноставна. Имено, доколку се отстрани командниот врв (државни политички и воени лидери), тогаш системот ќе остане без координација, армијата ќе се дезорганизира, а политичката структура ќе се распадне. Овој концепт се појавува во различни варијанти во западната воена доктрина, особено во стратегиите на САД. Во пракса тоа подразбира комбинација од прецизни воздушни напади, специјални операции, разузнавачки активности и понекогаш сајбер-операции со цел да се елиминираат клучните фигури на власта, како што се претседатели, генерали, команданти на елитни единици или лидери на паравоени структури. Теоретски, елиминацијата на тие центри на одлучување треба да предизвика политички вакуум, внатрешна борба за власт и институционална парализа.
Зошто оваа стратегија е политички привлечна
За политичките лидери, ваквата тактика изгледа како „брза победа“. Наместо долготрајна војна со огромни човечки и економски загуби, ударот на високото раководство (физичко елиминирање) ветува минимален воен ангажман и „брз распад на противникот“. Од политичка перспектива, ова е особено привлечно бидејќи јавноста е чувствителна на големи воени загуби. Прецизните операции и ликвидациите на лидери можат да се претстават како технолошки супериорна и ограничена интервенција. Во последните децении оваа логика се применува и против држави и против недржавни актери, и тоа од терористички организации до регионални сили што се сметаат за противници на американската геополитичка стратегија.
Историското искуство вели дека оваа тактика носи ограничени успеси и ретки стратегиски победи
И покрај теоретската привлечност, историјата покажува дека „ударите на декапитација“ ретко доведуваат до брз колапс на државите. Еден од најчесто спомнуваните примери е интервенцијата на САД во Ирак во 2003 година, кога почетната фаза на војната вклучуваше напади насочени кон елиминација на режимот на Садам Хусеин. Иако режимот на крајот падна, тоа не доведе до стабилност. Напротив, следуваа години на бунтови, граѓански судири и институционален хаос. Слично искуство имаше и во операцијата во Либија во 2011 година, која заврши со падот на лидерот Муамер ел-Гадафи. Наместо стабилна транзиција, државата влезе во долготрајна фаза на фрагментација и паралелни власти. Овие случаи укажуваат дека отстранувањето на лидерот не значи автоматски распад на системот, особено ако институциите, безбедносните структури или идеолошките мрежи останат функционални.
Зошто системите преживуваат без лидерот?
Политичките системи, особено строго хиерархиските и субординирани идеолошките режими, често се изградени така што можат да преживеат и без една клучна фигура. Постои хиерархија на наследство, силни безбедносни структури и институции што го гарантираат континуитетот. Токму затоа стратегијата на „декапитација“ често го потценува институционалниот капацитет на државите. Во многу случаи, елиминацијата на лидерот дури може да има спротивен ефект и тоа да ја зацврсти мобилизацијата и да создаде симбиоза и кохезија што ја радикализира поддршката.
Иран како нов тест за оваа стратегија
Актуелните тензии на Блискиот Исток повторно го отворија прашањето за ефективноста на ваквата тактика. Аналитичарите сметаат дека стратегијата насочена кон слабеење на регионалната мрежа на Иран, вклучувајќи групи како Хезболах, Хамас и движењето Хути, се темелела на претпоставката дека Техеран ќе биде политички и воено парализиран. Но досегашните сигнали покажуваат дека иранскиот систем има значителен степен на институционална стабилност. Клучните структури, како што се верскиот естаблишмент, безбедносниот апарат и политичките институции, очигледно дека продолжуваат да функционираат. Според уставниот механизам, наследникот на врховниот лидер го избира Собранието на експерти, што овозможува релативно организиран процес на транзиција. Во аналитичките кругови како можен наследник веќе е избран Мојтаба Хамнеи, син на врховниот лидер Али Хамнеи. Доколку таков континуитет се реализира, тоа би можело да значи дека системот не само што ќе преживее туку можеби ќе стане и порадикален.
Стратегија со ограничена предвидливост
Главниот проблем на „ударот на декапитација“ е што се потпира на претпоставка дека политичките системи се зависни од една личност. Во реалноста, државите, а особено оние со силни безбедносни структури, се многу покомплексни. Историјата покажува дека елиминацијата на лидерите може да доведе до различни исходи, и тоа од колапс на државата до долготрајна нестабилност или дури до зацврстување на режимот. Затоа, иако оваа стратегија останува важен дел од современата воена доктрина, таа ретко е „магичното стапче“ што го ветуваат нејзините заговорници. Војните, како и политиката, ретко се решаваат со еден удар, па дури и кога тој е насочен кон самиот врв на власта. Р.С.
Историски примери дека „обезглавувањето на противникот“ не значи задолжително крај на војната и победа
Декапитација без реализација
Иако концептот на „декапитација“ често се претставува како брз начин за завршување на конфликтите, историските примери покажуваат дека елиминацијата на лидерот ретко автоматски доведува до распад на системот или организацијата.
1. Јапонија 1945 – лидерот не е единствениот центар на одлука
Во последните месеци од Втората светска војна, американските стратези размислувале за можноста со директни удари да се елиминира јапонското раководство, вклучувајќи го и императорот Хирохито. Но некои од американските аналитичари предупредувале дека таков потег може да го зацврсти отпорот наместо да го скрши. На крајот, капитулацијата на Јапонија дојде по комбинација од фактори, од атомските бомби и советската инвазија, а императорот остана симболична фигура што помогна да се стабилизира поразената држава.
2. Ал каеда – организација што преживеа без својот лидер
Еден од најпознатите примери на современа „декапитација“ беше ликвидацијата на лидерот на Ал каеда, Осама бин Ладен, во 2011 година од страна на специјалните сили на Соединетите Американски Држави. Иако операцијата имаше огромно симболично значење, самата организација не исчезна. Таа се трансформира во децентрализирана мрежа со регионални филијали на Блискиот Исток, во Африка и во Азија.
3. ИСИС – брза смена на лидерството
Сличен образец се појави и кај Исламската држава. По смртта на нејзиниот лидер Абу Бакр ал-Багдади во 2019 година, организацијата релативно брзо избра ново раководство и продолжи да дејствува во форма на подземни мрежи. Иако го изгуби својот „калифат“ во Сирија и Ирак, групата остана активна како бунтовничко движење.
4. Солемани – удар со ограничен стратешки ефект
Во 2020 година, американски дронски напад во Ирак го уби иранскиот генерал Касем Солемани, командант на елитните сили – Кудс. Иако ликвидацијата беше значаен удар за регионалната стратегија на Иран, неговата мрежа на сојузници и милиции не се распадна. Напротив, иранското раководство релативно брзо постави наследник и ги задржа своите влијателни позиции на Блискиот Исток.
Така што, сѐ на сѐ, сите овие случаи покажуваат дека „ударот на декапитација“ може да има силен психолошки и политички ефект, но ретко претставува конечен стратешки одговор. Организациите и државите, особено оние со развиени структури и идеолошка кохезија, обично имаат механизми за брза замена на лидерството и продолжување на борбата. Засега сведоци сме дека и оваа тактика не заврши работа во Иран. Р.С.

































