Турскиот амбасадор на 124-годишнината од дипломирањето
на Ататаурк во битолската Воена гимназија ги потврди цврстите
турско-македонски релации
Вчера во Битола, во Заводот и музеј беа одбележани 124 години од дипломирањето на Мустафа Кемал Ататурк во Воената гимназија во Битола. За ликот и делото на преродбеникот на Турција, Мустафа Кемал Ататурк зборуваше амбасадорот на Турција во Македонија, н.е. Хасан Мехмед Секизќок.
– Воените гимназии, меѓу кои е и Воената гимназија на Битола, под чија купола сме собрани денес, со своите високи квалификации се издвојувале меѓу образовните институции на отоманската држава. Со определувањето на Мустафа Кемал во млади години да стекнува воено образование, почнува да се оформува и неговиот животен пат. Поаѓајќи од ова, треба да се истакне дека Воената гимназија на Битола има посебно место во нашата историја. Мустафа Кемал, почнувајќи од март 1896 година, три години се образоваше токму овде. Овде почна да се оформува и основата на неговите идеи. Беше мултидимензионална личност. Интересот кон историјата, литературата и националните движење од една страна, како и политичките и воените случувања во и околу Македонија од друга страна, играа значајна улога во развојот на неговата личност.
Тој се издвојувал и по својата разумност, мирољубивост и визионерство. Ататурк, кој значаен дел од својот живот го минал низ фронтови, со својот гномски израз „мир во земјата, мир во светот“, го подвлекол значењето на живеењето во мир на целото човештво – истакна амбасадорот Хасан Мехмед Секизќок.
По официјалниот дел, присутните ја посетија спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк.