Отворена изложба на укоричени изданија на најстариот дневен весник во земјава, во рамките на манифестацијата „Кавадаречко културно лето 2023“
Несекојдневна изложба беше отворена вчера на градскиот плоштад во Кавадарци, каде што заинтересираните граѓани имаат ретка можност на едно место да ги видат сите изданија на најстариот дневен весник во државата „Нова Македонија“, за периодот од 1946 до 2002 година. Изложбата ја организираше библиотеката „Феткин“ од Кавадарци, во рамките на манифестацијата „Кавадаречко културно лето 2023“. Многубројните граѓани на отворањето на изложбата со нескриена заинтересираност и љубопитство имаа можност да ги разгледаат весниците и на одреден начин да се вратат назад низ времето, како што одушевено изјави една кавадарчанка, која препрочитуваше текст што се однесуваше токму за еден настан што своевремено силно одекнал не само во градот туку и низ цела Македонија.
На отворањето на изложбата на присутните им се обратија директорот на библиотеката, Петар Гурев, претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Јован Рамов, и в.д. главниот и одговорен уредник на весникот „Нова Македонија“, Марјан Велевски.
– Прекрасно е чувството да се присуствува на еден ваков настан, кој на најубав начин, директно со презентација на сите изданија на „Нова Македонија“, може да ги покаже вредноста на печатеното издание на дневен весник и улогата на новинарите во севкупното општествено живеење во Македонија. Особено сме горди што град како Кавадарци и библиотеката „Феткин“ успеале да зачуваат значаен дел од изданијата на весникот, почнувајќи од далечната 1946 година, само две години од првото издание на весникот. Овие весници, кои се достапни до граѓаните, наедно можат најдобро да го илустрираат квалитетот на новинарството и новинарите во целиот овој период во кој се регистрирани најзначајните случувања во државата, но и во светот. Оваа збирка е особено вредна денес кога живееме во ерата на интернет и електронските медиуми, кога имаме премногу информации, кои се пренесуваат многу брзо. Но она што сакам посебно да го истакнам е дека ние, и покрај сѐ, сѐ уште се трудиме да опстоиме и да ја продолжиме традицијата со печатењето на весникот „Нова Македонија“, бидејќи тоа е нашиот долг кон сите овие луѓе што се вградиле во историјата на весникот – изјави Велевски.
Во своето обраќање, директорот на библиотеката, Петар Гурев, истакна дека освен универзитетската библиотека „Климент Охридски“, која ги архивира сите изданија на весникот „Нова Македонија“, кавадаречката библиотека е веројатно единствената во Македонија што поседува толку голема збирка на сите изданија на весникот, на која се особено горди.
– Весниците се прописно укоричени и се чуваат безбедно во депоата на библиотеката. Станува збор за вкупно 146 големи книги укоричени весници, кои заедно тежат околу еден и пол тон. Вака зачуваните весници им стојат на располагање на сите заинтересирани граѓани што сакаат да прочитаат што било најактуелно од општествениот и политичкиот живот на населението во Македонија во овој период од 56 години – истакна директорот на библиотеката, Гурев.