По серијата репортажи од светските туристички центри, овој пат решивме да посетиме една локација во наша непосредна близина, но која уште при првата средба нѐ освои. Станува збор за Михајлово, новоотворен скијачки центар, сместен на околу 40 километри од Кавадарци, во пазувите на Кожуф, чија реализација стана можна благодарение на иницијативата на Општина Кавадарци и нејзините први луѓе.
Според она што ни го соопштија нашите вредни домаќини, Општина Кавадарци го изградила центарот за да привлекува туристи и за брз развој на општината преку дополнителни инвестиции за комплетирање на понудата. Надлежните велат дека со одлука на Советот на Општина Кавадарци, добиле голема донација од над 230 илјади евра за развој на зимските спортови, која е реализирана на најдобар начин.
Се разбира, најпрво биле изработени сите потребни студии, по што, пред изградбата на ски-центарот, имало постапка за добивање дозволи од надлежните институции, по што следувала конечната одлука за градба, која се базирала пред сѐ на податокот дека на планината Кожуф во текот на целата зима има доволно снег што овозможува долга скијачка сезона, што, пак, ја прави ваквата инвестиција рентабилна.
Скијачкиот центар Михајлово, кој пулсира во срцето на планината Кожуф, официјално започна со работа од 1 јануари 2025 година. За овој краток период веднаш стана привлечен за љубителите на зимските спортови и привлекува голем број посетители пред сѐ поради атрактивната ски-патека.
Самото место Михајлово има преубава локација, сместено во пазувите на планината Кожуф, на надморска височина од 1.200 метри. Дотаму се стигнува по реконструиран асфалтен пат, но, сепак, заради безбедност во сообраќајот, потсетуваме сите посетители задолжително да носат зимски гуми и зимска опрема, со што придонесуваат кон слободен и безбеден пристап. Инаку, треба да истакнеме дека патот Кавадарци-Михајлово го одржуваат четири возила за чистење снег.
Најновиот зимски скијачки центар во Македонија е еден од помалите во Македонија, па сепак тој има свои адути со кои за кратко време стана особено привлечен за љубителите на зимските спортови. Освен ски-патеката, тука има детско одморалиште и хотелски капацитет, кои го привлекуваат вниманието на вљубениците во планината.
Според она што ни беше презентирано. новизградената патека во зима ќе се користи за скијање, а во лето ќе може да служи за спуштање со велосипеди и други спортски и рекреативни активности. Долга е околу 400 метри и го доби името „Македонија“, а во следниот период планирано е нејзино проширување и збогатување со уште две поголеми скијачки патеки.

Од Општината додаваат дека ски-патеката во Михајлово е значаен капитален проект, кој се реализирал за сто работни дена. На располагање на ски-центарот се ратрак, ски-лифт во должина од 370 м, со капацитет од 600 лица на еден час, скијачки појас со капацитет од 800 лица, четири сезонски вртелешки, две мобилни пумпи, црево со висок притисок од 20 бари со должина на линија од 500 метри, филтри 4 броја, хидрант 6 броја, вештачки снег, заштитна мрежа во должина од 100 метри, ски-тепих од 90 метри, детски реквизити, вештачка акумулација за вода со капацитет од 3.200 кубни метри. Во просек дневно, потенцираат од Општината Кавадарци, досега доаѓале по 500 посетители, кои уживале во снегот и скијањето.
Убав е престојот на падините облеани со сонце, а посетителите можат да се напијат топли пијалаци, да вкусат квалитетни оброци, да уживаат во зимските радости и да поминат безгрижни и незаборавни моменти, да заокружат еден ден во убав зимски амбиент. Освен дневно скијање, ски-центарот Михајлово нуди и ноќно скијање по осветлената патека, со што уживањето во ноќниот снежен сјај, под блескавото sвездено небо, е навистина убаво.


Во тек е реновирање на постојните сместувачки капацитети и угостителски објекти, а во план е и изградба на метеоролошка станица.
На 600 метри од ски-центарот е лоциран простор што има потенцијал и за понатамошен туристички развој со ресторанско и хотелско работење и индивидуални сместувачки капацитети. Како што ни соопштија нашите домаќини, во претстојниот период ќе следува урбанизирање на пределот и изградба на хотел во рамките на Михајлово, што ќе придонесе за значително зголемување на туризмот во овој ски-центар и издигнување на повисоко ниво.
Одличните временски услови, снегот и квалитетно подготвената скијачка патека се предизвик за поголем развој на овој регион, а планината Кожуф е вистински благодат не само за општината Кавадарци туку и за државата, бидејќи пределите важат за воздушна бања, а ваквите природни убавини се реткост не само во Македонија туку и надвор од неа.

Текст и фото: Каролина Мицевска