Фото: Игор Бансколиев

Oд перспектива на пазарната ефикасност, слободата на движење е јасно корисна. Усовршувањето и работењето во странство носат додадена вредност и од аспект на стекнувањето квалификации и вештини што потоа може да се применат при враќањето во сопствената држава, но исто така има и одредени недостатоци, особено за земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија

Најголемиот дел граѓани на Европската Унија имаат позитивен став за слободното движење на работната сила во рамките на ЕУ, иако само малкумина имаат намера да ја искористат оваа можност. Истражувањата покажуваат дека луѓето со повисоко ниво на образование се оние што двојно почесто работат и живеат во странство во споредба со лицата со пониско ниво на образование. Анализите исто така покажуваат дека постои опасност од т.н. одлив на мозоци, особено од Источна Европа и Балканот кон западните држави. Меѓутоа, експертите нагласуваат дека оваа миграција има и позитивен момент во смисла дека со заминување во странство на една или две години, работниците можат да ги подобрат своите вештини или знаења, а по враќањето тоа е корисно за матичната држава во однос на човечкиот капитал, со што се подобрува домашната продуктивност.

Додадена вредност за слободното движење

Со воспоставувањето на единствениот европски пазар во 1993 година, ЕУ ги отстрани бариерите за трговијата на стоки и услуги низ земјите, но и за слободното движење на работната сила, давајќи им на граѓаните на ЕУ право да работат низ целиот блок, потег што често се оценува како една од клучните придобивки на Европската Унија.
– Постои многу силна додадена вредност за општеството во можноста за слободно движење од една во друга земја – вели Цинзија Алциди, истражувачка директорка во Центарот за европски политички студии.
Според неа, можноста за работа во странство ја зголемува можноста за наоѓање работа или подобра или посоодветна работа.
Во истражувањето објавено од Европската комисија во декември 2022 година, 17 отсто посочиле дека живееле во друга земја на ЕУ претходно, додека 18 отсто рекле дека планираат да работат во друга земја во иднина.
Цинзија Алциди нагласува дека од перспектива на пазарната ефикасност, слободата на движење е јасно корисна. На пример, кога луѓето од земји со повисоки стапки на невработеност можат да се преселат наместо да останат невработени дома, тоа е од корист и за поединецот и за општеството како целина.

Миграцијата има и негативности

Меѓутоа, таа исто така нагласува дека оваа миграција има и некои негативности. Имено, постои ризик од одлив на мозоци, кога високообразованите луѓе што имаат корист од универзитетското образование финансирано од нивната матична држава ќе мигрираат. Тоа претставува загуба на човечки капитал за таа земја.
Меѓу оние што го завршиле образованието на возраст од 20 и повеќе години, уделот на оние што живееле во странство (26 отсто) е повеќе од двојно отколку кај оние што го напуштиле училиштето на возраст од 15 години или порано (10 отсто).
Уште поголема разлика се појавува кога станува збор за намерата за работа во странство во иднина. Овде најголем удел имаат оние испитаници што сè уште студираат и денес, и со тоа веројатно ќе го продолжат високото образование. Повеќе од половина од нив велат дека сакаат да работат во странство.
– Всушност секогаш се случува луѓето со достигнувања во високото образование да се помобилни, така што тоа е општ тренд. Општо земено, ова се должи на фактот дека луѓето со високо образование се подобро подготвени да ги надминат пречките за преселување во друга земја, вклучувајќи го и јазикот – вели Цинзија Алциди
Според неа, постојат разлики помеѓу работната миграција од Источна Европа кон западните држави. Кога источноевропските држави ѝ се приклучија на ЕУ, имаше големо движење на населението од исток кон запад, кои беа доста генерализирани, па не само луѓето со високо образование, според Алциди.
Таа исто така нагласува дека ова било спротивно со миграцијата на работна сила од јужноевропските земји во Северна Европа, каде што заминале претежно високообразовани луѓе, а загриженоста за одливот на мозоци била најартикулирана, особено по финансиската криза.
Истражувањата покажуваат дека подобрите плати и шансата за подобра кариера се главните мотиви за заминување во странство. Запрашани за мотивите да се преселат во странство, 62 отсто од испитаниците одговориле дека би се вработиле во друга земја доколку заработуваат повеќе од нивниот моментален приход. Сепак, половина од нив рекле дека ќе треба да имаат двојно повисока плата од сегашната или уште поголема за да се преселат во странство. Д.Ст.