Фото: Маја Јаневска-Илиева

Промени мора да има. Оваа битка ја водам и за вас и за вашата поддршка секојдневно копнеам. Поддршката ќе заврши со промената на оваа власт, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот протест пред Владата.

– Големата поддршка значи промена на оваа разуздана и предавничка власт и на премиерот кој се смее дека оваа преубава земја била Западна Бугарија. Нека знае дека за мене и за вас била и ќе остане нашата мила мајка Македонија – рече Мицкоски на протестот што се одржува под мотото „Премногу е“.

Мицкоски порача дека македонскиот Устав нема да се менува поради бугарските барања додека тој е претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

– Две третини менуваат Устав. Додека сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ нема да се смени Уставот за бугарските барања да бидат дел од него. Ниту јас, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати понижувачки договор на штета на националните интереси. Ако Владата реши да го носи надвор од Собранието или на сила во Собранието, тогаш идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да почитува ниту една точка – рече Мицкоски.

Тој испрати порака и до официјална Софија дека со политиката кон Македонија неповратно ги оддалечува нашите два народи.

– Бугарија треба да се извини за фашистичкото минато што го вршела врз овој народ, а не да ја ретушира историјата – рече Мицкоски додавајќи дека тоа не се никакви европски вредности.

Според Мицкоски со т.н. француски предлог одиме во бугаризација, а во ЕУ можеби никогаш нема ни да влеземе.

– Одбиј го овој предлог, ние стоиме позади тебе, не го слушај менторот – му порача Мицкоски на премиерот Димитар Ковачевски.

Тој нагласи дека народот денеска доаѓа да си го земе тоа што му припаѓа – слободата.

– Тука сме собрани оваа вечер илјадници, со име со чест со гордост и волја, која мора да донесе промени. Од денеска, па натаму вашиот глас ќе татни низ градовите и селата на Македонија. Како громогласно ехо тргнуваме да ја освоиме победата која ни припаѓа – рече Мицкоски и додаде дека вечерва се случува народ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека народот секојдневно осиромашува поради неодговорната власт.

– Власта удри по стандардот, по земјоделството, по економијата… по сѐ. Булеварите секојдневно се полнат со луѓе кои просат затоа што изгубиле речиси сѐ. Гладот не знае за вера или нација. Реалноста е тешка и мачна. Денеска сум овде пред вас и ветувам дека нема да разочарам. Тие ги имаат институциите, а јас заедно со вас го имам народот. Ви благодарам што се одваживте да дојдете. Ви благодарам што независно од сите закани, притисоци и уцени од власта, вие стоите овде до мене за заедно да ги менуваме работите на подобро – им порача Мицкоски на присутните.

Мицкоски истакна дека во својот живот памети два собира на кои се собрал толку многу народ. Тоа, како што кажа, се собирот на 8 септември 1991 година и овој што се случува денес.

– Доколку 8 септември беше собир на надеж, овој е на разочарувањата особено во последните пет години. На многумина им е прекипено од разочараноста и велат доста е. Народот сака борба и сака да се избори за својата Македонија. И тогаш и сега заедничка е борбата за Македонија. Јас сум тука затоа што ќе се бориме, бидејќи другиот избор е Македонија да не постои. Со секој ден на власт на СДСМ и ДУИ сме поблиску да ја нема. Или ќе се бориме или ќе ја нема Македонија – потенцира Мицкоски и додаде дека е неопходна општествена поддршка за обединување и создавање на силни луѓе кои носат подобри времиња.


Кога бурекот станува луксуз, отпорот станува обврска!

Меѓу бројните транспаренти што присутните на протестот ги носеа можеа да се забележат натписите „долу Влада“ и „кога бурекот станува луксуз, отпорот станува обврска!“, како и неколку пораки упатени кон премиерот Димитар Ковачевски.