Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска соопшти дека не гледа потреба да се состане со Економскиот совет во Владата затоа што, како што рече, тој совет е составен од истите луѓе кои ги решаваа проблемите со ковид-19 и ништо не решија.
Мицкоски во „Студио 10“ на ТВ 24 нагласи дека е подготвен да им помогне на граѓаните и на државата во справувањето со енергетската криза.
– Не гледам причина зошто би влегол јас во ова сценарио на претворање на целата оваа работа на пазар која што е многу сериозна, бидејќи се работи за иднината на државата и за иднината на граѓаните. Тогаш подобро и ќе беше да излеземе на тв дебата, зошто таму ние да седиме педесетина луѓе или триесетина којшто и досега и онака ништо не решиле, тие луѓе којшто беа за ковидот, се дел од тој Економски совет и ако така ги решаваше работите, како што ги решававме за ковидот, јас навистина не сакам ниту нивното, ниту своето време да го губам и затоа им реков одберете тим, подготвен сум да ви помогнам – рече Мицкоски.
Не сакам, како што рече, ова да се претвори во политиканство и во пазар.
– Затоа и реков оваа работа треба да се реши, ова не е натпревар на пи-ар стратегија, ова не е натпревар чија суета е поголема. Јас уште на 29 септември побарав прием кај премиерот Димитар Ковачевски, денеска сме 3 октомври, 5 дена потоа, од Димитар Ковачевски се уште не добив одговор, ме кани Битиќи на тело коешто досега ништо успешно не решило, зошто ова би го решило тоа успешно – рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека е подготвен да го презентира концептот кој, како што рече, нуди помош за излез од оваа кризна ситуација со која се соочува државата.
– Јас сум подготвен да им го презентирам концептот којшто ќе значи сето она кое што го зборувам изминатиов период. Ако се спореди со цените на берзата тоа што го нудам е под 200 евра за мегават часови концептот за компаниите, да нема зголемување на цената за затоплување на граѓаните којшто го користат и институциите централното затоплување, истовремено да има 100 милиони заштита споредбено со тоа што тие се подготвени да го потрошат за да обезбедат електирична енергија и затоплување, исто така нудам измени во Законот за енергетика – додаде Мицкоски.