фото: Маја Јаневска-Илиева

„Ајде да видиме што направија тие во овие шест години. Ајде да видиме што правеа во минатото, што требаше ние да добиеме. Кога во минатото се менуваше знамето, кога се менуваа банкнотите, кога се користеше понижувачкото име. Подготвен сум да зборувам за сè. Кај мене нема да видите да ја повторувам придавката како папагал, а зад завесата да живеам како деспот. Ако некој мисли дека може на сила нешто да ми одземе, тогаш треба да мисли и на чекорот потоа“…

Мандатарот за состав на идната македонска влада, Христијан Мицкоски, по примањето на мандатот од претседателката Гордана Силјановска-Давкова, одговори на новинарски прашања дали стравува од влошување на односите со Грција по последните прозивки и закани за „непријатни искуства“ од страна на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
– Преспанскиот договор е дел од македонските закони и македонскиот устав и тука нема никаква дилема. Секој што е дел од институциите треба да ги почитува. Како човек што ќе ја предводи Владата обврзан сум да ги почитувам законите и Уставот – истакна Мицкоски.
Тој уште додаде дека не стравува од грчката реакција бидејќи добрососедските односи се градат врз принципиелна основа.
– Зошто би стравувал, ерга омнес ние го користиме. Очекувам да градиме добрососедски односи на принципиелна, конструктивна основа. Добрососедски односи, кои одговараат на 21 век. Немам намера талибански да се однесувам ниту, пак, очекувам некој така да се однесува. Моето човеково загарантирано право е право што е над сите права. Додека ја вршам оваа функција претседател на Владата, сè што е поврзано со нашиот правен систем, уставниот поредок ќе го почитувам до последната точка и запирка. Луѓето што ме познаваат знаат дека така лесно не се изненадувам – рече Мицкоски.
Според него, јавноста треба повеќе да се насочи кон анализа на она што Грција има почитувано и спроведено од договорот.
– Ајде да видиме што тие направија во овие шест години. Ајде да видиме што правеа во минатото, што требаше ние да добиеме. Кога во минатото се менуваше знамето, кога се менуваа банкнотите, кога се користеше понижувачкото име. Подготвен сум да зборувам за сè. Кај мене нема да видите да ја повторувам придавката како папагал, а зад завесата да живеам како деспот. Ако некој мисли дека може на сила нешто да ми одземе, тогаш треба да мисли и на чекорот потоа. А тоа е дека со сила работите во 21 век не се решаваат – потенцира Мицкоски.
Мандатарот посочи дека Македонија нема да води провокативна офанзивна политика, туку сака да градиме мостови, а соседите мора да се почитуваат.
– Но немаме намера да бидеме подлизурковци, да се понижуваме самите себе – порача Мицкоски. С.Т.