Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска на седници ги утврди кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и мандатор на идната Влада, на прес-конференција ги соопшти имињата на новите министри и заменици што ги предлага ВМРО-ДПМНЕ во новиот владин состав.
Највисоките партиски тела на ВМРО-ДПМНЕ предлагаат министер за одбрана да биде Владо Мисајловски, министерка за финансии Гордана Димитриевска-Кочовска, министер за внатрешни работи да биде Панче Тошковски, за надворешни работи Тимчо Муцунски, а за транспорт и врски потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, кој ќе биде и вицерпемиер. Министер за Локална самоуправа, Златко Перински. Сања Божиновска е предложена да го води новото министерство за енергетика, а Весна Јаневска да биде министерка за образование и наука. За министер во Министерството за дигитална транзиција се предлага Стефан Андоновски, во Земјоделство – Цветан Трипуновски, во Култура и туризам – актерот Зоран Љутков, во новото министерство за спорт министер да биде Борко Ристовски, а Љупчо Димовски од Социјалистичката партија да биде министер без ресор, задолжен за политички систем, Иван Стоичковиќ заменик претседател на владата задолжен за ресорот Однос со заедниците и Шабан Салиу министер без ресор.
– Во овие луѓе кои ги предлагам имам голема доверба и полагам голема надеж. Доаѓаат убави времиња за државата и народот – истакна Мицкоски.
Во Владата, која е реорганизирана со законски измени усвоени во Собранието, и ќе има 20 министерства, ќе учествуваат претставници на коалициите „Твоја Македонија“, „Вреди“ и од партијата ЗНАМ.
Официјални предлози за министри претходно соопштија Беса, ЗНАМ и Алтернатива кои беа утврдени од нивните партиски тела.
Собранието на партијата Беса на Биљал Касами, која е дел од коалицијата „Вреди“, на состанок во четвртокот одлучи за членови во новата Влада да ги кандидира Фатмир Лимани – за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши – за министер за економија и труд и Седат Сулејмани за заменик-министер за култура и туризам.
Централното претседателство на Алтернатива, синоќа го избра Орхан Муртезани за нивни кандидат за министер за европски прашања, Лулзим Алиу за кандидат за заменик-министер за образование и наука и Сафије Садики-Шаини за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Досегашниот лидер на оваа партија, Африм Гаши, е претседател на Собранието.
Од другите партнери во коалицијата „Вреди“, според изјави во медиуми, извесно е дека лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари – министер за здравство.
На седница на партискиот Централен одбор, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во петокот ги утврди своите кандидати со кои ќе партиципира во владата – Игор Филков е нивниот кандидат за министер за правда, а Горан Минчев – кандидат за министер за јавна администрација.
Од партијата на Максим Димитриевски соопштија дека преговараат и за две заменик министерски места, но ресорите не се дефинирани, а од нивните редови е еден од тројцата потпретседатели на Собранието – пратеничката Весна Бендевска.
Бројот на министерства се зголемува од 16 на 20 бидејќи се воведуваат нови: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини; Министерство за спорт; Министерство за дигитална трансформација и Министерство за европски прашања – кое досега беше на ниво на секретаријат.
Новата влада треба да биде формирана пред истекувањето на рокот од 20 дена кој почна да тече од 6 јуни, кога претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му го додели мандатот за формирање на Владата.