Ферментирањето во Судскиот совет, скандалозните судски одлуки, непотизмот и клиентелизмот во Академијата за судии и јавни обвинители се само потврда дека има сериозна системска нефункционалност во правниот систем во земјава, во кој очигледно, вака како што е сега позициониран, невозможно е да се воспостави вистинско владеење на правото
Во очекување на директивите за воведување мерит-систем во правосудството
Последните случувања во правосудството само покажаа дека и овој систем е целосно девалвиран, не се почитува никаков стручен критериум, знаење или способност на одреден судија или обвинител, туку се постапува исклучиво по партиска директива.
Дури и американската амбасадорка Анџела Агелер изрази изненадување и противење од начинот на избор на првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција, сметајќи дека борбата со криминалот и корупцијата во државата мора да се води бескомпромисно од луѓе со докажан интегритет и углед.
Токму нефункционирањето на мерит-системот во судството повторно ја актуализира идејата за ветинг, кој земјава не го направила, како што во последно време изјавуваат политичарите од власта, само затоа што Европската Унија така им рекла.
– Јас и пред седум-осум години поддржував ветинг на сите избрани и именувани функционери, вклучувајќи и на судиите и обвинителите. Во тоа време ЕУ, од ним познати причини, беше против таков процес. Мислам дека сега нема да бидат, но и да бидат, сметам дека треба да се направи такво нешто – изјави неодамна премиерот Димитар Ковачевски.
Завчера идентичен став изнесе и претседателот на државата Стево Пендаровски, вперувајќи го прстот повторно во ЕУ зошто во Македонија нема вистински вредносен систем во правосудството.
– Станува збор за системски проблем и тој може да се реши или да се ублажи само со системски промени. Една од тие системски промени е комплетниот ветинг во правосудниот систем и жалам што, слушајќи ги советите на високите европски функционери во 2016 и 2017 година, кога се промени структурата на власта, ние не влеговме во тој процес. Гледајќи ги ефектите од немањето ветинг во Македонија, мислам дека не можеше да биде полошо во таа смисла ако направевме комплетен ветинг – истакна Пендаровски коментирајќи ги состојбите со владеењето на правото.
Превирањата во Судскиот совет, скандалозните судски одлуки, непотизмот и клиентелизмот во Академијата за судии и јавни обвинители се само потврда дека има сериозна системска нефункционалност во правниот систем во земјава, во кој очигледно, вака како што е сега позициониран, невозможно е да се воспостави вистинско владеење на правото.
– Состојбите со почитувањето на мерит-системот во судството се исти, односно ништо не се почитува. Судството е капак на сите состојби. Тоа чека прво да се види кој ќе биде дежурен истражен судија, се оди кај него, а тој носи одлуки во зависност каква директива ќе му стигне од власта. Повторно ќе се навратам на инцидентот во М-НАВ. Замислете да се судреа два авиона горе додека насилници влегоа и тепаа во контролната кула, па цел државен буџет ќе отидеше на исплата на штети на авиокомпаниите и на роднините на патниците. И за некој судија тоа не е страшно, може да се изрече само мерка за претпазливост. За да се воспостави владеење на правото, мора претходно да се воспостави вредносен систем, да се знае врз основа на што ќе напредуваат и судиите и обвинителите, односно нивниот напредок да биде врз основа на резултати, квалитет и кредибилитет во работата, а не поради разни политички ургенции – смета професорот Борче Давитковски.
Луѓе од судската фела сметаат дека ветингот е само еден чекор, но дека вистински ефект ќе се постигне ако и во судството профункционира мерит-системот.
– Ако уште од Академијата за судии и јавни обвинители се профилираат во правосудниот систем функционерски деца, кои на функција доаѓаат само затоа што се нечии синови и ќерки, а не затоа што покажале најдобри резултати, тогаш ништо од владеењето на правото. Кој ја знаеше пред десетина години Катица Јанева? Никој. Одеднаш таков кандидат се најде на челното место на специјалното јавно обвинителство и знаеме како заврши. Кога се форсираат нестручноста и неквалитетот, нема резултати. Оние што си ја знаат својата работа, за жал се само стручни советници на тие што доаѓаат од Академијата, а кои се далеку од стручноста што треба да ја имаат. Лично имам впечаток дека некој намерно сака вакво девастирано правосудство, за едноставно да можат да прават што сакаат во државата и да минуваат неказнето, бидејќи ги имаат судиите и обвинителите во рака. Затоа не се почитува мерит-системот, оти со тоа ќе му се стави крај на овој јавашлак во државата – заклучуваат дел од соговорниците од судската фела.