Истражувањето на Државниот завод за статистикa покажува дека при воспитување на децата често се практикуваат и репресивни методи со казнување, наспроти воспитните мерки со препораки, разговор, совети. Што велат психолозите, кој според нив е најефикасниот приод за воспитување на децата
Како најдобро се воспитуваат децата
Во македонските семејства се позастапени методите на воспитување на децата според принципот на цврста рака, а над две третини од помладата популација биле изложени на вербално, психичко или физичко насилство. Податоците од истражувањето на Државниот завод за статистикa, како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените, покажуваат дека 22 проценти од децата во Македонија на возраст од една до 14 години биле подложени на ненасилни методи на дисциплинирање, наспроти високи 73 проценти, кои доживеале насилен метод на дисциплинирање, пренесува „Гласот на Америка“. Во ова истражување посебно загрижува податокот за тоа дека четириесет и пет проценти од децата биле подложени на какво било физичко казнување во текот на еден месец, од кои седум отсто на тешки форми на физичко казнување. Истражувањето покажува и дека четири отсто од мајките односно старателите сметаат дека физичкото казнување е неопходно за правилно воспитување и образование на детето. Ваквото мислење е позастапено кај помладите мајки и старатели и кај најсиромашните.
Кај граѓаните постои поделено мислење околу тоа како да се постапува со децата што се однесуваат своеволно и не ги почитуваат одлуките на родителите или на другите возрасни лица што се задолжени да се грижат за најмладите членови во семејството.
– Мајка сум на две мали деца и понекогаш не знам како да постапам со нив кога се недисциплинирани и деструктивни во домот. Понекогаш не помага ни кога погласно ги караме за некоја нивна постапка. Забраните или казните што им ги изрекуваме предизвикуваат спротивен ефект. Тие продолжуват со нивното однесување. Не знам како да постапувам со нив. Не знам дали е до новите генерации деца или до нашата слабост кон нив. Само кога ќе се присетам на нашите родители, знаевме да се смириме и да бидеме мирни само што ќе нѐ погледнеа, сѐ додека не добиеме дозвола да излеземе надвор или да играме – ни изјави Даниела С.
Податоците за високата изложеност на децата на дисциплински мерки не треба да се занемаруваат, сметаат психолозите.
– Случаите во нашата пракса ги потврдуваат податоците од истражувањето, а кое се однесува на тоа дека во нашето општество се воспоставени ваквите методи на воспитување. Ако погледнеме малку во заднината на однесување на децата, ќе дојдеме и до причините за таквото нивно однесување, а тоа е дека биле изложени на некаков вид психолошко, вербално или физичко насилство. Во такви случаи, однесувањето на детето ќе се одвива во две насоки. Едната е тоа да го „рециклира“ насилството и ќе се однесува агресивно кон околината, па дете на тригодишна возраст ќе почне да ги тепа животните или играчките. Вториот начин е детето да биде „авторепресивно“, односно да биде насилно кон себе, преку повлекување, да станува несигурно и да одбегнува да се дружи со други деца – вели психологот Христина Стефановска.
Но како што нагласува Стефановска, родителите не треба да се воздржуваат да се обидат да дејствуваат воспитно на децата, во случаи кога тие се однесуваат надвор од вообичаените норми.
– Родителите ја прават грешката кога им дозволуваат на децата да прекршуваат одредени правила по неколкупати, а наеднаш да реагираат бурно. Важно е да се постапува навремено и на децата да им се даде на знаење до каде е границата за тоа што може и што не може да прават. Добро е детето да биде самостојно во своите активности, но родителите треба да бидат посмирени и да избројат до „десет“ кога ќе се обидат да дејствуваат воспитно кон децата. Мора да дејствуваат позитивно на детето и да не даваат оцени за нив дека се лоши деца. Подобро е да остават време да се смири состојбата и потоа на детето да му се укаже на пропустите. Родителите треба да поаѓаат од сопствениот аспект и да им кажат на децата дека „ова мене не ми се допаѓа“ и дека и самото дете не е такво и дека ова нема да му се повтори – советува психологот Христина Стефановска.
Од здруженијата за заштита на правата на децата посочуваат на потребата од промената на начинот на воспитување на децата, а сѐ со цел да се надминат некои воспоставени стереотипи од минатото, кога важело правилото на „цврстата рака на таткото“. Една од овие здруженија е „Меѓаши“, кое спроведуваат голем број активности поврзани со јакнење ка капацитетите на младите луѓе и вработените во училиштата за превенција од насилно однесување. Заради заштита на децата од разни видови насилство, отворени се повеќе сервиси за директна помош и поддршка на деца во ризик, СОС-телефон, преку кој жртвите може да побараат помош. М.Ј.