Фото: Игор Бансколиев

Доколку склучениот меѓународен договор не ги исполнува интересите на договорните страни или на една од потписничките или доколку можеби со неговата примена се загрозува или ѝ се прави штета барем на една од договорните страни, таа страна слободно, во рамките на меѓународното право, може да го прогласи договорот за неважечки, без никакви натамошни последици. На пример, тоа важи за асиметричните договори, на кои и самите сме сведоци. Тие се покажаа како штетни по интересите на државата, намерно го поткопуваат внатрешното единство, ја ставаат земјата во подредена позиција во однос на соседите, спротивни се на меѓународното право и ги омаловажуваат македонските граѓани!
Затоа, улогата на македонските политички лидери е да ги препознаат ваквите штетни договори и со сите сили да работат како да ги доведат во подобра позиција сопствената земја и народ, наместо слепо да се држат до максимата „потпишаните договори мора да се почитуваат“, уште повеќе кога очигледно никој друг не се придржува до оваа максима, туку сите се водат исклучиво од сопствените интереси

Секоја земја си ги штити пред сè сопствените интереси, нацијата и државата

Улогата на оние што ја водат државата е секогаш да се грижат за нејзините национални интереси и за благодатите на граѓаните што живеат во неа, обидувајќи се постојано да ги подобруваат позициите на својата земја, без оглед дали понекогаш работите изгледаат невозможно.
Впрочем, самата политика е умешност во владеењето и наоѓање решенија во секоја ситуација, подобрување на постигнатите договори или нивно раскинување доколку се утврди дека со нивното прифаќање државата е доведена во подредена улога или трпи штета поради асиметрични обврски.

Договорите не се вечни, вечни се интересите

Извесен период во земјава се разви широка дебата околу уставните измени, при што никој нема дилема дека Македонија под притисок на меѓународната заедница морала да прифати лош договор со Бугарија. Некои од оние што ги поддржуваат уставните измени се убедени дека земјава не може да добие подобар договор и дека не може да се смени преговарачката рамка во која се наметнати обврски за земјава што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, но многумина од интелектуалната јавноста, професори, академици, поранешни дипломати, сметаат дека секој договор може да биде предмет на ревизија и ако се утврдат штетни последици по државата, особено ако се утврди дека е донесен во услови на латентен притисок, тогаш може и да се раскине. Ниту тезата дека не е можна промена на преговарачката рамка не држи вода бидејќи ЕУ ја промени веќе утврдената преговарачка рамка на Србија и Црна Гора, иако овие две земји преговараа според условите во таа рамка веќе десетина години.
И косовскиот премиер Аљбин Курти отворено се спротивставува на имплементацијата на Бриселскиот договор, прифатен и потпишан од неговите претходници. Курти смета дека тоа е лош договор за Косово и работи на негово отфрлање, без оглед што трпи извесен притисок од меѓународната заедница.
Своевремено и Украина ги напушти договорите од Минск, затоа што украинските лидери проценија дека тие се штетни за украинските интереси. Русија го напушти нуклеарниот договор со САД кога почна судирот со Украина, а поранешниот американски претседател Трамп ги повлече САД од Парискиот договор, бидејќи сметаше дека тоа не е добро за американската економија. Сега и актуелниот американски претседател Џо Бајден заговара промена на договорот за ОН со кој би се проширил бројот на постојани членки во Советот за безбедност, повторно затоа што смета дека тоа би можело да биде во американски интерес.

Штетните договори мора да се подобрат или да се отфрлат

Сите овие примери говорат за тоа како се заштитуваат државните интереси и дека улогата на секој лидер е да преземе чекори во таа насока, без оглед што тоа на некој начин ќе значи ревидирање, па дури и прекинување на имплементацијата на договорите што им нанесуваат штета на државата и на граѓаните.
Македонија во 2018 година во Нивици ја потпиша Преспанската спогодба со Грција, но и по шест години од потпишувањето, грчката страна нема имплементирано ниту запирка од спогодбата и продолжува овој документ да го држи настрана од институциите, буквално како да не постои. Трите меморандума не се ратификувани во парламентот, таблите останаа со имињата на непостојна држава, а граничниот премин Маркова Нога од грчка страна стои целосно запуштен. Од друга страна, македонските власти се надминаа во имплементирањето на обврските, па дури на сопствените граѓани им наметнуваат дополнителни трошоци за промена на документите, иако земјава ниту ги започнала преговорите со ЕУ, уште помалку отвора преговарачки поглавја.
Идентична е ситуацијата и со Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, кој откако беше потпишан во 2017 година, на ниту еден начин не е почитуван од бугарска страна. Напротив, бугарското Народно собрание во 2019 година донесе декларација со која целосно се поништува договорот, а точките од таа фамозна декларација станаа дел од протоколите од преговарачката рамка на земјава со ЕУ.
Сето ова говори дека ваквите асиметрични договори се штетни по интересите на државата, намерно го поткопуваат внатрешното единство, ја ставаат земјата во подредена позиција во однос на соседите, спротивни се на меѓународното право и ги омаловажуваат македонските граѓани.
Затоа улогата на македонските политички лидери е да ги препознаат ваквите штетни договори и со сите сили да работат како да ги доведат во подобра позиција сопствената земја и народ, наместо слепо да се држат до максимата „потпишаните договори мора да се почитуваат“, кога очигледно никој друг не се придржува до оваа максима, туку сите се водат исклучиво од сопствените интереси.

Македонија ги има сите меѓународни правни алатки да ги раскине и Преспанската спогодба и Договорот со Бугарија

Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, појаснува дека во меѓународното право договорите мора да бидат склучени и според принципот Bona fides (со добра верба), во спротивно се раскинливи или рушливи.
– Прво, што се однесува на аргументот дека нешто што е потпишано мора да се почитува, тоа преставува генерален принцип и важи само кога немаме прекршување на основните правни норми, бидејќи од неправото не произлегува правото (ex injuria, jus non oritur). Да не должам, потпишан договор и во меѓународното и во домашното право не важи ако има недозволен предмет за склучување, односно предмет спротивен на императивната норма или јавен морал (добар пример е бугарскиот асимилаторски договор со кој се врши обид Македонците сами да се напишат Бугари ако сакаат во ЕУ – таков договор очигледно е нелегален, без оглед на потписите и ратификацијата). Понатаму, ако договорот е неприменлив (повторно овој догoвор со Бугарија, бидејќи со него треба да се избрише колективната свест на народот, што е „невозможна мисија“, имено и стопати некој да потпише од трансформација Македонец во Бугарин, според правото, не може да се изврши асимилација, ова е нелегално според императивното обврзувачко право и јавен морал). Понатаму следуваат и други причини за раскинување, како што се измама, изнуда, притисок или уцена, заблуда, и сите тие претставуваат основа за раскинување, поништување и укинување договори, без разлика дали станува збор за се домашни или за меѓународни акти – вели Јанев.
Тој ги наведува и правните аргументи за раскинување на Преспанската спогодба до кои може да се придржуваат оние политичари на кои им се важни националните интереси и интересот на државата и на граѓаните.
– Кога станува збор за Преспанската спогодба, важен принцип за поништување или раскинување е и Bona fides. Ако договoрот не е направен во добра верба, може да се раскине или поништи. Ова лесно се докажува и со бугарскиот договор и со Преспанската спогодба, бидејќи и двата документа третираат ништење на националниот идентитет или негова модификација, односно насилно интерферирање. Секој идентитетски договор може еднострано да се раскине. Бугарија своевремено го раскина договорот со Југославија оти тамошните лидери оцениле дека не е во согласност со бугарските интереси – заклучува Јанев, наведувајќи ја правната основа на која може да се повикаат политичарите што сакаат да стават крај на уцените и омаловажувањата што ги трпи македонската држава.

Договори што ја демонтираат Македонија како држава не се склучени „со добра верба“

Првиот човек на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, смета дека демонтажата на македонската држава може да се спречи со решителна акција на некој политички лидер што ќе се осмели да се откаже од договорите што се спротивни на македонските интереси.
– Решението за оваа галопирачка демонтажа на државноста по сите основи е итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година, поништување на уставните амандмани од 11 јануари 2019 година и испраќање нота до Софија и до Атина, како и до генералниот секретар и Генералното собрание на ООН за продолжување на членството во ООН под единственото државно име Македонија, бидејќи овие два договора се ништовни според Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година: Со билатерален договор не може да се суспендира меѓународното право и универзалното неотстапно неотуѓиво и неприкосновено веќе апсолвирано право на самоопределување и самоидентификација на македонскиот народ до држава Македонија! Истовремено, Македонија мора итно и безусловно еднострано да ги распушти македонско-бугарската меѓувладина комисија и македонско-грчката меѓувладина комисија за ревизија на историјата на Македонија и македонскиот народ! Или Македонија ќе биде држава како и сите во светот или нејзината демонтажа ќе продолжи на штета на македонскиот народ. Промената на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ како преседан во светската историја на народите и државите е најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, кое не застарува – констатира Петров.
И другите соговорници сметаат дека политичките лидери не треба да ги земаат здраво за готово договорите, особено не кога од некаква временска перспектива се гледа дека тие предизвикуваат голема штета.
– Кога се потпиша Преспанската спогодба, Бугарите видоа дека можат да добијат многу повеќе и го занемарија претходно потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство, ставија вето на нашите евроинтеграции и го добија она што е поставено како нивен национален интерес. Нема зошто и Македонија да не се однесува така. Ако е повеќе од јасно дека двата договора всушност ја демонтираат Македонија како држава на македонскиот народ, тогаш може да престанеме да ги почитуваме. Дополнително, сите елементи на меѓународното право се на наша страна, односно имаме и правна основа воопшто да не ги почитуваме овие договори. Бугарија го погази Договорот за добрососедство, Грција не ги исполни обврските, така што ниту ние немаме повеќе обврски кон тие договори. Секоја земја поаѓа од сопствените интереси, само ние тргаме од интересите на другите, за жал – истакнуваат соговорниците.


Уставниот суд не поведе постапка за оцена на уставноста на Преспанската спогодба

Уставниот суд едногласно одлучил да не поведува постапка по иницијативата за оцена на уставноста на Преспанскиот договор.
– Уставниот суд денеска едногласно одлучи да не поведува постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на конечната спогодба за решавање на разликите во резолуциите 817 1993 и 848 1993 на Советот на ОН за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратегиско партнерство меѓу странките. Судот одлучи да ја отфрли за оценување уставноста на указот со кој е прогласен овој закон и да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акти и нивната усогласеност со членот три од Законот за склучување и ратификација на меѓународни договори и виенската конвенција за договорно право – изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, на прес-конференција по вчерашната седница на судот.
Според нејзиното образложение, законот е во согласност со Уставот и појасни дека за носењето на оваа одлука биле направени сеопфатна подготвителна постапка и анализа.
Со иницијативата за преиспитување на уставноста на овие закони се тврди дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот.
– Указот не содржи правни норми и тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува закон, Указот не се укинува посебно – појасни Кацарска.
Таа уште додаде дека во расправата за оваа инцијатива поголем дел од дискусијата се водел за непотпишување на Указот од страна на претседателот на Републиката според неговата должност.
– Во духот на Уставот, волјата на пратениците се персонифицира во духот со волјата на граѓаните наспроти само на еден човек. Бидејќи системот на владеење на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат еднакво за сите, па дури и за претседателот на Републиката – изјави Кацарска.