Македонците во Албанија како дел од македонскиот народ својот национален и културен идентитет го негуваат и афирмираат на повеќе начини. Еден од нив е преку медиумите. Во Албанија, пред сѐ, во местата каде што живеат Македонци се издаваат повеќе медиуми на македонски јазик во печатена форма, но има и медиуми во електронска форма (локални радија и телевизии). Со демократизацијата на албанското општество и воведувањето на политичкиот плурализам во Албанија беа регистрирани неколку НВО од страна на Македонците, кои пред сѐ имаа мисија за унапредување на правата на Македонците во таа држава, меѓу кои и во областа на информирањето
Медиумите имаат централна улога во создавањето, одржувањето и развивањето на националниот и културниот идентитет на еден народ. Медиумскиот плурализам има различни димензии, од кои една е обезбедување културен плурализам во медиумите. Оваа димензија е поврзана со правичното претставување и изразување (пасивен и активен пристап) на различните културни и општествени групи во медиумите, вклучувајќи ги и етничките, јазичните и националните малцинства. Културниот плурализам во медиумската сфера би бил загрозен доколку различните културни и јазични групи немаат пристап до медиумите или доколку недоволно се претставени во медиумските содржини. Ризично за културниот плурализам е и доколку во медиумскиот сектор нема доволно кадар од различните културни групи и ако не постојат доволно непрофитни медиуми наменети за малцинските групи.
Финансирањето пресудно за постоењето на медиуми на македонски јазик
Македонското население што по 1912 година останало во пограничните делови на албанската држава било сконцентрирано во четири дела, и тоа: Голо Брдо, Мала Преспа, Поле и Гора. Македонците во Република Албанија, по распадот на комунизмот во Република Албанија, во 1990 година почнаа да се организираат на разни политички и културни друштва, а нивната активност се прошири и на издавање весници на својот мајчин македонски јазик. Употребата на македонскиот јазик како во електронските, така и во печатените медиуми во Република Албанија, низ текот на годините, бележи и успеси и падови, за што говори и фактот дека во зависност од условите во општеството, се појавија весници, радиостаници, телевизии и онлајн медиуми на македонски јазик.
Секако пресудно за постоењето на електронските и печатените медиуми на македонски јазик во Република Албанија беше и сѐ уште е нивното финансирање. Некои од нив наоѓаат различни начини за функционирање, што им овозможува да опстојуваат на медиумскиот пазар. Некои од нив едвај преживуваат, додека некои целосно згаснаа поради финансиски проблеми и покрај големиот интерес на нивните основачи и соработници.
Македонското национално малцинство во Албанија
Постоењето на националните малцинства во Република Албанија претставува историска и актуелна реалност, која со воспоставувањето и примената на демократијата во земјата добила нова димензија на третманот на националните малцинствата. Сепак, значајно е да се спомне дека Република Албанија на нејзината територија ги признава следните национални малцинства како: македонско, грчко, српско, црногорско, влашко, ромско, босанско и египетско.
Македонците во Република Албанија ги има во пет области: Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Поле (Долни Дебар), Врбник, како и во најголемите градови како Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Скадар, Либражд, Валона, Фиер, Патос.
Областа Голо Брдо има 22 села, и тоа: Студено, Стеблево, Требиште, Врница, Мало Острени (Малестрени), Големо Острени, Клење, Пасинки,Владимерица, Ѓинеец, Окштун, Којовци, Лешничани, Радоешта, Себиште, Смолник, Тучепи, Оржаново, Борово, Забзун, Заборѓе. И следните села надвор од Областа Голо Брдо се со мешано македонско и албанско население: Терново, Смолница, Миреши, Торбач и Вишишта. Поле помеѓу Маќеларе и Пешкопеја има три села и тоа: Горно Крчиште, Долно Крчиште и Ербеле. Село Врбник северно-источно од Корча до Билишта на албанско-грчката граница во правец на Костур. Oбласта Мала Преспа има 9 села: Туминец, Горна Горица, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Пустец, Леска, Зрноско, Церје. Областа Гора има девет села: Шиштеец, Орешек, Цернелево, Борје, Оргоста, Запод, Кошаришта, Пакишa, Очикле.
Во Тирана првите миграции на Македонците од Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Река, Струшко и Охридско датираат од времето на Првата светска војна 1914-1918 година. Меѓутоа, во текот на историјата имало уште неколку бранови на внатрешни преселби на Македонците од родните села кон поголемите градови на Албанија.Такви бранови бележиме во 1923, 1929, 1939 година, а најголемата миграција од етничките региони кон поголемите градови се случила во периодот 1949 до 1960 година.
Бројноста на Македонците во Албанија до денес не е официјализирана бидејќи на ниту еден досега одржан попис во Република Албанија не е признаено од сите национални малцинства, освен во Преспа.
Македонски организации во Албанија
Малцинските права и здружувањето на малцинствата во свои национални организации се третираат и во Уставот на Република Албанија. Според чл. 46 од Уставот на Албанија, „никој не може да биде спречен во правото за колективно организирање за која била законска цел. Врз основа на овој член во 90-тите години на 20 век биле основани неколку македонски организации.
1) Демократска организација за македонското народно единство во Албанија Д.О.М.Н.Е.А. Прв обид за основање на македонско здружение во Албанија е на почетокот од 1991 година., кога група Македонци од Елбасан, кои биле и членови на основачко собрание на Д.О.М.Н.Е. на 5.3.1991 година поднеле барање за регистрација во Министерството за правда на организацијата од Елбасан Д.О.М.Н.Е.А (Демократска организација за македонското Народно Единство во Албанија). Според нивните основачки документи, основни цели на организацијата биле отворање училишта со настава на македонски јазик, основање културно-уметнички и други друштва и здруженија. Министерството за правда го одбива барањето, поради несогласување на барањето со декретот бр. 7442 на 17.12.1990 година. Одлуката е потпишана од министерот за правда Дашамир Коре. Демократска организација за македонското народно единство во Албанија Д.О.М.Н.Е.А, за жал, и друштвото згаснаа поради финансиски причини.
2) Организација за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа“: Следен обид за организирање на Македонците во Албанија е направен од група Македонци од областа Мала Преспа. Како резултат на организирањето живење на македонското национално малцинство во август 1991 година ја создадоа Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа“ со седиште во Пустец, Мала Преспа. Целта на оваа организација беше да се грижи за правата и положбата на македонското национално малцинство во сите сфери на живеење во Република Албанија, а прв претседател беше Спасе Мазeнковски. Моментално, организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа“ е раководена од Едмонд Темелко.
3) Културно-уметничкото друштво „Братство“: Македонците во областа Голо Брдо на 25 септември 1991 година го формираа културно-уметничкото друштво „Братство“ со седиште во градот Тирана, со претседател Лигор Никола. Во исто време се формира и друштвото „Братска“ со седиште во Тирана и со претседател Скендер Халили. За жал, и двете друштва згаснаа поради финансиски причини.
4) Етнокултурното друштво „Гора“: Македонците во областа Гора во градот Кукс во 17.7.1992 година го формираа етнокултурното друштво „Гора“ со седиште во Кукс, со претседател Назиф Докле.
5) Политичко-културно друштво „Мир“: Политичко-културното друштво „Мир“ било продолжение од друштвото „Братство“. Тоа било формирано во март 1993 година, со седиште во Тирана. Прв претседател бил Лигор Никола. Основни задачи на друштвото биле заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет и наследство на Македонците во Република Албанија. Политичко-културното друштво „Мир“ во 1992-1993 година го издаваше весникот „Мир“, кој прекина да се печати од финансиски причини. Долги години претседател на „Мир“ е Кимет Фетаху.
6) Фондацијата „Никола Беровски“ и фондацијата „Стерио Спасе“: Од 1995 година до 2000 година се формира фондацијата „Никола Беровски“, чиј основач беше Лигор Никола. Илинден Спасе ја формира фондацијата „Стерјо Спасе“.
7) Друштво МЕД (Македонско егејско друштво): Во мај 2000 година, Македонците од селото Врбник го формираа друштвото МЕД (Македонско егејско друштво), со претседател Јани Ѓамо, со седиште во градот Билишта. Задачи на друштвото МЕД се заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет и наследство на Македонците во селата Врбник и Билишта.
8) Унија на Македонците во Република Албанија: Во 2002 година се формира Заедница на Македонците во Република Албанија со седиште во Тирана. Основи задачи на Заедницата на Македонците во Република Албанија се: Заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет и наследство на Македонците во Република Албанија и координација на македонските друштва во Албанија. Прв претседател беше Цветан Мазнику.
Претседателот на Заедницата не се избирал на избори туку претседателот се менувал со ротација на лица раководители на македонските друштва. Дел од Заедницата на Македонците во Албанија се: политичко-културното друштво „Мир“, организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија „Друштво Преспа“, етнокултурното друштво „Гора“, друштвото МЕД (Македонско егејско друштво).
9) Македонско друштво „Илинден“ – Тирана: Група граѓани со македонско потекло што живеат во Тирана на 30 декември 2008 година во Тирана ја одржаа првата седница на основачите на македонското друштво „Илинден“ – Тирана. На таа седница беше одлучено да се подготват статутот и другите акти на друштвото, а по нивното финализирање статутот беше поднесен во Основниот суд во Тирана. На барањето за регистрирање на друштвото беше позитивно одговорено и на 6.2.2009 година во Тирана беше регистрирано со решение од судот под бр. 2.473.
Никола Ѓурѓај
Продолжува