Разменивме идеи околу тоа како може во наредна фаза и Собранието и Владата да се постават за европскиот предлог. Иако имавме различни ставови по многу прашања, духот беше конструктивен и мислам е добро да има вакви средби – изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по денешната средба на партиските работни групи во Клубот на пратеници посветена на разгледување на последниот француски предлог за укинување на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со Европската унија.
Маричиќ посочи дека на состанокот ги изнеле нивните позиции, како СДСМ и Владата дека овој предлог ги задоволува или излегува во пресрет на очекувањата на нашата земја.
Дополнително, како што информира тој, предложиле текст со предлог заклучоци.
ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, изнесе и други идеи поврзани со евентуални промени на преговарачката рамка.
– Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, дали вечер, утре или наредните денови постои желба да се разговара на оваа тема – изјави Маричиќ.
Вицепремиерот посочи оти објасниле за механизмите за заштита на нашиот национален идентитет.
– ВМРО-ДПМНЕ изнесе ставови кои ние веќе сме ги разговарале и во преговарачкиот процес, мислам ако продолжиме со разговори може да се надеваме на некакво поместување. Самиот факт што сме тука и ги отворивме ставовите, имаше и предлози од Павле Трајанов, имавме активно учество и од ДУИ и од Алијанса за Албанците, како опозициска албанска партија и мислам од сите актери имаше атмосфера во која треба да се продолжат разговорите – рече Маричиќ