За познавачите на меѓународното право и меѓународните односи, тезите што деновиве се пласираат во јавноста за избегнување на користењето на терминот малцинство, како наводно навредлив, се „целосно погрешни, па и погубни и одат во прилог токму на оние што настојуваат да се разгради националниот супстрат на државата и таа да се претвори во безлична аморфна маса“! Истражувањето и анализата што ги спроведе нашиот весник покажуваат дека никаде во европски и во светски рамки не постои изедначување на малцинството со мнозинскиот народ, како што сега некој предлага кај нас, туку напротив, јасно е изразена дистинкцијата во однос на тоа кој е носител на сувереноста и унитарноста на државата. Токму терминот малцинство се употребува во Советот на Европа, во Обединетите нации и во редица други најрелевантни светски тела и институции и бесмислено е да се говори за негово избегнување, тврдат експертите по меѓународно право
Никаде во Европа ниту во светот не постои изедначување на малцинството со мнозинскиот народ
Со интензивирање на дебатата, поврзана со активностите на работната група за евентуална промена на Уставот, се појавија и различни размислувања за (ре)дефинирање на поимот малцинство. Така, одредени аналитичари деновиве пласираа размислувања во медиумите дека самиот термин малцинство бил исклучително проблематичен бидејќи, наводно, имплицирал непочитување на другоста и со тоа наметнувал и инхерентна супериорност на мнозинството. Се оди и понатаму, па се тврди дека терминолошки „малцинството“ може да имплицира расна или културна хегемонија, маргинализација и дека има тенденција да создаде уставно хиерархизирана фабрикација на супериорност на една група врз друга, што, наводно, отвора можност да ги репродуцира структурите на репресија и супрематизам.
Тоа, пак, можело да ги разгори меѓуетничките односи, кои се суштествени за опстанокот на нашата држава, сметаат одредени аналитичари, кои ја застапуваат тезата за избегнување на поимот малцинство, тврдејќи дека, наводно, истиот тој бил навредлив?!
Поради ваквите ставови се консултиравме со десетина мислења на странски и домашни експерти, професори и познавачи на меѓународното право и меѓународните односи. За сите нив, ваквите тези се целосно погрешни, па и погубни за државата и одат во прилог токму на оние што настојуваат да се разгради националниот супстрат на државата и таа да се претвори во безлична аморфна маса.
– Терминот малцинство се употребува во Советот на Европа, во Обединетите нации и во редица други најрелевантни светски тела и институции и бесмислено е да се говори за негово избегнување – тврдат експертите по меѓународно право.
Од друга страна, истражувањето и анализата што ги спроведе нашиот весник покажуваат дека никаде во европски и во светски рамки не постои изедначување на некое малцинство со мнозинскиот народ, како што сега некој предлага кај нас заради избегнување наводна супериорност и супремација, туку напротив, јасно е изразена дистинкцијата во однос на тоа кој е носител на сувереноста и унитарноста на државата, иако, се разбира, малцинствата може да ги уживаат загарантираните права.
Концептот на малцински права
Авторите Анагносту и Триандафилиду, во студијата „Европската интеграција и мобилизацијата на етничките малцинства“, кога станува збор за вклученоста на малцинствата, ги класифицираат државите од Европската Унија во четири групи.
– Во првата група станува збор за концепт на унитарна држава, која ce карактеризира со „недвосмислена доминација на политички и економски центар“, чии структури ce шират низ целата територија. Втората група ce исто така унитарни држави, кои имаат одреден степен на толеранција кон помалата етничка заедница и во третата група мнозинскиот народ ја задржува својата доминација, додека четвртиот тип, е карактеристичен за Швајцарија (каде што се здружени територијално културни ентитети во еден државен ентитет) – се наведува во студијата.
И Венецијанската комисија како „позитивен тренд“ во однос на прашањето на малцинствата издвојува четири основни принципи на меѓународното право што треба да ce почитуваат, а тоа се територијалниот суверенитет на државите, добрососедските односи, човековите права и основни слободи и забраната на дискриминацијата.
Следствено на тоа јасно е воочливо дека јасно се апострофира и нагласува значењето на унитарниот карактер на државата, како и нејзиниот суверенитет, кој извира од мнозинскиот народ, односно ентитет.
Но во Македонија како да се сака државата да се разгради и обезличи, токму преку концептот на малцински права, да се претвори во бинационална и да се маргинализираат значењето и улогата на мнозинскиот македонски народ, на сметка на другите помали или непостојни етнички заедници, односно малцинства.
– Со ваквите обиди и подметнувања сериозно се тестира мултиетничкиот карактер на македонското општество, па дури се оди и во другата крајност, на креирање услови државата да функционира како бинационална – велат нашите соговорници.
Македонија многу понапред и многу подалеку за дадените права на помалите етнички заедници
Според сите релевантни меѓународни извештаи и документи, правата на малцинствата во Македонија се издигнати на највисоко можно ниво во европски и светски рамки. Токму Венецијанската комисија, како тело на Европската Унија, јасно укажа дека Македонија отишла многу понапред и многу подалеку во однос на дадените права на помалите етнички заедници, конкретно и преку донесувањето на Законот за двојазичност.
Во Македонија отсекогаш биле почитувани правата на малцинствата, што е вградено уште во документите на АСНОМ, а по потпишувањето на рамковниот договор во 2001 година, дадените права уште повеќе се зголемија и проширија. За разлика од Македонија, правата на малцинствата воопшто не се признаваат, ниту пак се почитуваат во Бугарија и во Грција, на пример, кои патем се и членки на ЕУ.
Македонското малцинство во овие земји со години и децении чека и бара признавања на својата културна, јазична и идентитетска посебност, да се чувствуваат и изјаснуваат како Македонци, но тоа не им е дозволено. Камо да можеше некој „да ги навреди“ Македонците во Бугарија и во Грција нарекувајќи ги македонско малцинство, но за властите во Софија и во Атина тие се незабележливи, како да не постојат, и покрај многубројните историски факти, укажувања, па и пресуди на Судот во Стразбур.
Притоа Грција воопшто ги нема потпишано конвенциите за заштита на малцинските права и за регионални и малцински јазици, Бугарија ја има потпишано и ратификувано Конвенцијата за малцинските права, но не и онаа за регионални и малцински јазици. За разлика од нив, Македонија ги има потпишано и двете конвенции. Да се биде Македонец во Народна Р Бугарија во периодот од 1963 до 1989 г. дури беше и опасно по живот. Има редица историски сведоштва дека стотици Македонци биле убиени или исчезнати под непознати околности, илјадници апсени, интернирани и подложени на полициска тортура. Во современа Бугарија, по 1989 г.,бугарските граѓани определени како Македонци по род се социјално маргинализирани и осудени на бесперспективност. Не се дозволува регистрација на македонските граѓански здруженија, а сите пресуди од Судот за човековите права од Стразбур, бугарските судови одбиваат да ги спроведат на дело?! Ете, тоа е таа жална европска реалност во однос на малцинските права.
Почитувањето на малцинските права е демократски меѓународен стандард
Според адвокатот Тони Менкиноски, кој е правен застапник на македонските здруженија од Бугарија, почитувањето на малцинските права е демократски меѓународен стандард, кој треба да биде вграден во внатрешното уредување на секоја земја што се изјаснува за демократска, особено ако е и членка на ЕУ.
– Значи, на македонското малцинство во Бугарија му припаѓаат правата според стандардите на меѓународното право и Македонија едноставно не може да се откаже од тие права на Македонците во пиринскиот дел на Македонија, зашто тоа не е во нејзина државна надлежност – смета Менкиноски.
И Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Бугарија, вели дека Македонија не смее да се откаже од своите сограѓани што живеат надвор од границите на државата.
– Македонското малцинство во Бугарија е дел од македонското национално тело. Откажувајќи се од него, македонската држава е веќе држава со попреченост. Ние Македонците се дехуманизиравме и претворајќи се во мумии, чекаме некој однадвор – меѓународен посредник, да ја оживее македонската мумија – оценува Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Бугарија, во колумна посветена на третманот на малцинствата.
Инаку, во истражувачкиот магистерски труд насловен „Малцинствата во Европската Унија и во Република Македонија – компаративни согледувања“ од Братислава Танасковиќ, како заклучок се наведува дека Македонија може да ce перципира како пример за почитување на етничкиот идентитет на припадниците на националностите преку усогласена рамка за обезбедување на иднината на демократијата, истовремено промовирајќи мирен и хармоничен развој на граѓанското општество.
– За разлика од земјите на Европската Унија, влијанието на етничката припадност во Македонија е силно изразено, дури до степен на институционализација. Силата на националната приврзаност ja зголемува партикуларистичката ориентација на етничките групи и ja зголемува тенденцијата за етнополитичка мобилизација. Политичкото водство на албанската група со изборното однесување на своето членство јасно покажува дека е политички мобилизирано врз етничка основа, независно од тоа дали истапува од позиција на носител на власт или од позиција на нејзин опонент- се вели во истражувањето.
По сите овие споредби, согледувања и анализи повеќе од јасно е дека Македонија нема потреба што било да додава или да одзема во однос на дадените права на малцинските етнички заедници во државата. Но истовремено има многу што да побара во однос на унапредување и заштитата на правата на Македонците што живеат надвор од границите на матичната држава, особено за унапредување на правата на македонското малцинство во Бугарија, Грција и во Албанија.
Дефиниции за малцинствата
Постојат многу држави што претпочитаат доста рестриктивни дефиниции, со намера голем дел од малцинското население да не потпадне под рамките на таквите дефиниции, се вели во магистерскиот труд „Малцинствата во Европската Унија и во Република Македонија – компаративни согледувања“.
Во правната литература и официјалните документи, најшироко признаена дефиниција е онаа формулирана од страна на Франческо Капоторти, член на Европскиот суд за правда во период од 1976 до 1982 година, според која, малцинска група се дефинира како група бројно помала во однос на остатокот од населението на одредена држава, која ce наоѓа во недоминантна позиција, a чии членови, како државјани на одредената држава, поседуваат етнички, верски или јазични карактеристики различни од остатокот од населението и покажуваат и одржуваат, иако само имплицитно, чувство на солидарност и ce насочени кон зачувување на нивната култура, традиција, религија или јазик. Постои уште една дефиниција што датира од 1985 година, поднесена до Комисијата за човекови права при Обединетите нации, a подготвена од страна на Жил Дешен. Според оваа дефиниција, малцинство е група на државјани на одредена држава што ce состои од малцинство во недоминантна позиција во одредената држава, обележано со етнички, религиски или лингвистички карактеристики што ce разликуваат од тие на мнозинската популација.
Според една од дефинициите на УНЕСКО, етничките групи во македонското општество ce определуваат како група луѓе што поседуваат и кои ce стремат да ги зачуваат народносните, религиозните, лингвистичките традиции или карактеристики како забележително различни од оние на другите групи, чија концентрација во еден или малку локалитети го овозможува претходното. Инаку, за дел од правните експерти, постоењето на малцинското прашање е пред сѐ резултат на фактичка состојба, а не предмет на меѓународна дефиниција. Најчесто ce тврди дека идентификацијата на малцинствата е прашање на самоидентификација. Според експертите, отсуството на дефиниција „ja отвора вратата за можни неосновани, неоправдани или неправедни инвокации кон правата, што ги зголемува изгледите за социјална тензија и конфликт во врска со легитимноста на барателите и целата содржина на нивните права.
Ромите – најголемо етничко малцинство во Европа
Во 12 земји-членки на Европската Унија (Белгија, Холандија, Франција, Луксембург, Германија, Италија, Португалија, Данска, Велика Британија, Шпанија, Грција, Ирска) повеќе од три четвртини од малцинското население говори јазик што припаѓа на сосема друга група јазици за разлика од мнозинскиот, додека пак во други земји-членки (Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија), тој сооднос е за нешто помал, односно изнесува две третини. Во 12 земји-членки на Европската Унија се идентификувани 48 лингвистички заедници, додека пак во други земји-членки, таа бројка изнесува околу 90 малцински групи што би можеле да бидат издвоени на лингвистичка основа. Најголемо етничко малцинство во Европа ce Ромите и тие ce дисперзирани низ неколку европски земји. Лингвистичката карта на Европа опфаќа 36 земји, од кои 25 ce службено еднојазични.
Документи, тела и органи за заштита на правата на малцинствата
Заштитата на малцинствата во Европа ce спроведува со Повелбата на Обединетите нации во 1945 година, Генералната декларација за правата на човекот од 1948 година и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од 1966 година. Претежно во сите меѓународни документи, колективните права на малцинствата ce супституираат со формулации за заштита на индивидуалните човекови права. Освен во Обединетите нации, заштитата на малцинските групи е инкорпорирана и во голем број документи на ОБСЕ, Советот на Европа, Европската Унија и низа организации. Органи на Советот на Европа што ce од посебно значење за заштита на човековите права и правата на малцинствата ce: Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Европската комисија против расизмот и интолеранцијата (ЕКРИ), Европската комисија за правна демократизација, Комесарот за човекови права. Значајни документи на Советот на Европа за заштита на малцинствата пак ce: Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи (1950), Европската повелба за регионални или малцински јазици (1992), Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1995). Во рамките на ЕУ, заштитата на малцинствата е регулирана преку основните договори: Договорот за ЕУ (1992), Договорот за формирање на Европска заедница (1997), Повелба за основните права во ЕУ (2000), како и преку актите на Европскиот совет: Акти на Европскиот парламент во тој контекст ce: Резолуцијата за Повелбата на заедницата за регионалните јазици и култури и Повелбата за вистински етнички малцинства (1981).