Редакциска опсервација: Од Елисејската палата, преку Брисел и Киев, до Македонија
- Кога Емануел Макрон стапи на функцијата, ветуваше нов европски импулс – синтеза на либерална демократија, економска модернизација и „стратегиска автономија“ на Европа. Денес, на крајот од неговиот мандат, зад него остануваат социјални потреси во Франција, разнишан авторитет во Европската Унија и длабока недоверба во земји како Македонија, каде што неговото име стана синоним за условување на идентитетот
Во својот мандат, францускиот претседател Макрон сакаше да покаже „државничка решителност“. Но во една демократија, решителност од позиција на автократија и сила, како што демонстрираше тој во неговиот мандат, лесно се претвора во ароганција, која отуѓува. Така, со него, француското општество остана подлабоко поделено отколку пред тој да дојде на власт. И одлуката за предвремени избори во 2024 година дополнително ја разниша неговата позиција. Наместо стратегиско освежување на мандатот, тој поради невизионерството и непринципиелноста доби политичко ослабување и засилување на принципиелните суверенисти. Лидерот што сакаше да биде државник, кој сакаше да се угледа на некои негови далечни претходници и кој исто така сакаше да биде ултрапопуларен и дома и надвор, стана катализатор на националното, но и на европското пропаѓање. Директен причинител! На пример, за дома, пензиската реформа беше круна на Макроновиот технократски пристап – политички наметната. Наместо дијалог, Франција доби протести, генерален штрајк и институционална криза. Примената на уставни механизми за заобиколување на парламентот создаде впечаток дека реформите се спроведуваат „над“ народот, а не „со“ народот.
Макроновите европски промашувања
Макрон често говореше за „суверена Европа“, за континент што нема да им биде вазал ниту на Вашингтон ниту на Пекинг ниту на Москва. Но европскиот суверенитет што го промовираше во практика се покажа како хиерархиски, хегемонистички. Силните да диктираат, а малите се приспособуваат. Во односите со Источна Европа, Франција под негово водство често демонстрираше резервираност кон проширувањето. Аргументот беше институционална реформа на ЕУ пред нови членства. Но кога геополитичкиот контекст се смени, принципите станаа флексибилни, дневнополитички. Како и за сѐ друго што правеше Макрон, од чист лукративен интерес. Токму тука настанува проблемот: кога нормите стануваат инструментализирани (од него), тие престануваат да бидат норми.
Макрон и Македонија: Директно поткопување на принципите на јус когенс
Во македонскиот политички и интелектуален простор, Макроновата политика се перципира како директно поткопување на принципите на јус когенс – оние перемпторни норми на меѓународното право што не трпат дерогирање. Имено, за потсетување, тоа меѓу другите се и правото на самоопределување, суверената еднаквост на државите, немешањето во внатрешните работи, недискриминацијата. Со еден збор, сето она што Макрон со стравотно дерогирачки потег, во содејство со Софија, ѝ го зададе на Македонија. Кога процесот на европска интеграција беше условен со прашања што допираат до историскиот наратив, јазикот и идентитетот, тоа за многумина во Македонија значеше дека европските вредности се подредени на билатерални интереси. Француското вето во 2019 година беше сигнал дека ветувањата немаат тежина. Подоцнежниот „компромис“ создаде чувство дека една „мала“ држава, односно Македонија, е ставена во позиција да преговара за сопствениот културно-историски континуитет!? За македонската јавност, тоа не беше технички процес, туку егзистенцијално прашање. И тука лежи најголемата штета за Макрон: загубата на моралниот капитал. Макроновата политика често се дефинира како (нео)либерална и кога таа логика се применува врз идентитетски и историски прашања, резултатот е политичка експлозија. Макрон ги претвори европските вредности во предмет на условување и тогаш самата Унија ја изгуби својата нормативна сила. Макрон тврдеше дека ја брани европската кохезија. Но во Македонија остави впечаток дека Европа под негово влијание НЕ заштитува, туку се измелези во нешто многу лошо, дека веќе Брисел и Париз не гарантираат развој и раст, туку дерогираат, деноминираат, уценуваат и условуваат.
Макроновата агресивна воена доктрина
Во последните месеци од мандатот, Макрон се обидува да ја позиционира Франција како клучен столб на европското нуклеарно одвраќање. Тоа е амбициозна геополитичка визија. Но лидер по толку стратегиски промашувања што дома се соочува со недоверба, а надвор со скепса, тешко може да ја убеди Европа да го следи. Авторитетот во меѓународната политика не се гради само со агресивна воена доктрина, туку со кредибилитет. А кредибилитетот се губи кога зборовите и делата се разминуваат.
Макрон можеби сакаше да биде реформатор што ќе ја модернизира Франција и ќе ја редефинира Европа во некаква автономија?! Наместо тоа, тој ќе остане запаметен како претседател што ја потцени политичката психологија на народите – и на францускиот и на македонскиот. Најверојатно историјата ќе го запамети него како лидер што не беше тоа. Дома, во Франција, како лидер што туркаше реформи без широк општествен договор. Во Европа како либерал што сака да се наметне себеси и една неолиберална каста да владее со Стариот Континент и да се наметнува како светски фактор. И, се разбира, не успеа. Во Македонија тој ќе биде запаметен како симбол на Европа што поставува идентитетски услови. Историјата нема да го мери само по тоа дали ќе реновира некој музеј („Лувр“…, а и во тоа не успева) или ќе одржи впечатлив говор. Ќе го мери по тоа дали ги зајакнал или ги разнишал универзалните принципи на владеење, низ правила, процедури, морал и етика. А во голем дел од Европа, одговорот веќе е формиран – и не е во негова корист. П.Р.

































