Во сиот овој галиматијас што го приреди францускиот претседател, една работа е повеќе од јасна, дека брзоплетите и лошо осмислени решенија почесто генерираат дополнителни проблеми отколку што нудат излез од проблематичните ситуации. И додека под притисок на француската јавност Макрон се повлекува од избрзаните решенија во Франција, прашање е дали утре нема да се повлече и од предлогот што ѝ го наметна на Македонија за решавање на спорот со Бугарија и ќе ја остави Софија сама да го менаџира целиот процес, се разбира во своја полза
Македонскиот евроинтегративен процес е целосно врзан за таканаречениот „француски предлог“ и имплементацијата на точките содржани во него, без што земјава нема да може да мрдне ниту чекор напред на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Со други зборови, она што го подготви францускиот претседател Емануел Макрон како рамка за надминување на бугарската блокада, именувана како „француски предлог“, сега стана главна матрица по која Брисел ќе го мери напредокот на Македонија во евроинтеграциите.
Она што е особено евидентно во целиот предлог е тоа што во неговата асиметричност, во најголем дел се содржани сите бугарски барања наметнати кон Македонија, а речиси ниту една обврска за Бугарија, што доволно говори каде се ставени тежиштето на предлогот и пристрасниот пристап на францускиот претседател при неговото подготвување.
Тоа се потврди уште веднаш по усвојувањето на овој таканаречен „француски предлог“ во македонското собрание, кога наместо олабавување на односите на релацијата Скопје – Софија, тие дополнително се закомпплицираа како никогаш досега.
Во сиот овој галиматијас што го приреди францускиот претседател, една работа е повеќе од јасна, дека брзоплетите и лошо осмислени решенија почесто генерираат дополнителни проблеми отколку што нудат излез од проблематичните ситуации.
Протестите низ Франција се доказ дека Французите не сакаат брзоплети
„Макронови предлози“
Протестите низ Франција во последните денови за најавената реформа на пензискиот систем покажуваат дека ниту самите Французи воопшто не се задоволни од политиките на Макрон, па народното незадоволство мора да се смирува со интервенција на специјалните полициски сили по улиците на повеќето француски градови.
Не толку одамна Макрон се соочи со слични протести и поради економските политики што тој ги заговараше, а кои ги заштитуваа само богатите. Тогаш на улиците излегоа таканаречените „жолти елеци“, при што имаше и загинати меѓу оние што не се согласуваа со политиките на францускиот претседател.
Макрон беше цел и на многу други напади, вербални и физички, од страна на незадоволните Французи, што е само уште една потврда дека француските граѓани сакаат квалитетни и издржани политики, кои ќе го унапредуваат француското општество, а нема да бидат во полза само на богатите.
Последните случувања во Франција јасно покажуваат дека подолго време состојбите „клокотат“ во насока да „зовријат“ и дека Макрон не може да ја среди ситуацијата во својата земја токму поради избрзаните постапки и проекти, кои многу брзо се покажуваат како погрешни, поради што следуваат реакција на француските граѓани и негово ретерирање.
И додека под притисок на француската јавност тој се повлекува од избрзаните решенија во Франција, прашање е дали утре нема да се повлече и од предлогот што ѝ го наметна на Македонија за решавање на спорот со Бугарија и ќе ја остави Софија сама да го менаџира целиот процес, се разбира во своја полза.
Гледајќи ги актуелните случувања во Франција, како и неговите најави и ретерирања околу идните европски политики, повеќе од јасно е дека оној што дома не може да си ги среди работите, уште помалку ќе може да го направи тоа на туѓ терен без да предизвика непоправливи штети. А штетата што може да ја претрпи Македонија од ваквите негови „предлози“, на крајот може да биде погубна за цел еден народ.
Со малку вистински мудри светски лидери тешко е да се прифати
каков било предлог од страна
Дипломатите и познавачите на состојбите во меѓународната политика немаат никаква дилема дека секоја држава треба да си ги решава проблемите сама, без да очекува помош однадвор, особено сега, кога во светот има сè помалку вистински државници што ги красат мудрост и визија и кои историјата ќе ги памети по нивните дела.
– Никој никому не му ги решил проблемите од страна, така што секој треба сам да си ги решава и сам да одговара за тоа како ќе ги реши тие проблеми – вели Драган Јањатов, дипломат во пензија.
Според него, францускиот претседател направил повеќе погрешни потези во намерата да се промовира како нов европски лидер, а една од нив е и таканаречениот „францускиот предлог“, од кој последиците најдиректно ги трпи Македонија.
– Една од тие грешки е неговото вмешување во спорот меѓу Македонија и Бугарија. Не ги познава работите во суштина какви се, само гледа прагматично да го тргне проблемот, да не му стои над глава. Со таква политика не се стекнува лидерство. Треба да имаш и мудрост и храброст и визионерство за да можеш да направиш нешто што ќе остане запаметено, запечатено и што ќе остави трага во историјата, а не да влечеш потези што ќе се покажат како историска грешка – истакнува Јањатов.
Тој додава дека токму поради погрешните потези Макрон полека ги губи и позициите во Франција, што станува очигледно со протестите што му се случуваат по секоја најавена реформа.
– Макрон се труди да избори некаква лидерска позиција во европски рамки. Сега, со повлекувањето на Меркел, тој мислеше дека е дојден моментот да го земе приматот во Европа, но очигледно го нема тој капацитет на еден Де Гол, Ширак, Митеран… Франција отсекогаш во историјата била лидер на историскиот просперитет, демократското напредување и пример на другите европски држави и општества и пошироко. Франција секогаш имала добри државници што ја воделе земјата, кои останале запаметени по своите визии и спроведување на универзалните општочовечки вредносни системи. Претседателот Макрон некако како да не е од тој калибар, што се гледа и по грешките што постојано ги прави и кои се видливи. Едноставно, Макрон не е таков калибар на политичар и лидер, тоа го чувствуваат и Французите, а тоа особено го почувствувавме ние Македонците – заклучува Јањатов.