Слово по повод промоцијата на книгата со наслов „Од архивата на Македонското литературно друштво ’Григор Прличев‘ во Сиднеј“
Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на промоцијата на книгата со наслов „Од архивата на Македонското литературно друштво ’Григор Прличев‘ во Сиднеј“ што излезе од печат по повод 45-годишнината од постоењето на друштвото.
Зборот ентузијазам значи „восхит, занес, воодушевување, силна емоционална врзаност за нешто“ и потекнува од грчките зборови ἐν (en, „во“) и θεός (theós, „бог“) и οὐσία (ousía, „суштина“), што значи „инспириран од божјата суштина“. Луѓето што ја сочинуваат движечката сила во Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ во Сиднеј се токму такви – тие се поврзани со силна емоционална врска, восхитени, воодушевени од и за Македонија. Не случајно, името на друштвото е „Григор Прличев“ за кого Венко Андоновски ќе се праша: „Зошто ни Грците ни Бугарите не го присвојуваат македонскиот Хомер?“. Одговорот на Венко е следниот: тој не е ниту Бугарин, ниту Грк, туку Македонец.
Трагедијата на Македонците во деветнаесеттиот век најверно се отсликува во ликот и делото на Прличев – вториот Хомер, којшто, иако говори и пишува на бугарски, српски и грчки јазик, знае дека ниеден од тие јазици, всушност, не е „неговиот јазик, неговата звучна татковина“. Неговата јазична татковина е македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постоел илјадници години, но продолжува да постои и денес, независно од првата кодификација на литературниот македонски јазик. На поканата да соработува во софискиот политичко-општествен и книжевен весник „Балкан“, Прличев одговара: „Лишен од секаков бугарски речник, оригинален во јазикот, стародревен во правописот… уште повеќе ослабнат од долгогодишното и бесплодно елинско учење, од судски расправања со несвештени свештоначалници, од ужасни темници, од тежината на годините и на веригите, огорчен од груби критики, изнурен од расипаниот воздух на лошо соградени и лошо поддржувани училишта, а притоа презадоволен од учителската плата, грижен за напредокот на 117 ученици, зафатен со по пет часа на ден со професијата своја, професија по моему многу посериозна од секоја друга (…) – имав право, или подобро да кажам, должен бев да се одречам“.
Што порачува Прличев? Прво, неговиот јазик, неговата звучна татковина е „оригинална, древна и лишена од бугарски речник“, и второ, професијата учител е „посериозна од секоја друга“ професија.
Трагедијата на Македонците во дваесет и првиот век е дека македонството, што подразбира национална посебност и самобитност на македонскиот народ во однос на соседните народи, е загрозена идеологија повеќе од кога било порано токму во независна и самостојна Македонија. Поточно, опстојувањето на македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постоел, но продолжува да постои и денес, се негира од дел од владејачките елити секаде, во секоја пригода и во секој систем во нашето општество, па така и во образованието. Земајќи предвид дека образованието во Македонија е разурнато до темел, целосно уништено, иднината на Република Македонија е доведена во прашање. Образовниот систем во една држава е иднината на општеството, но, за жал, нашето образование е ставено во синергија со тековната политичка сервилност и неукост, па, така, поради поврзаноста со историјата, животот и страдањата на Македонците во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, во училиштата, од наставната програма се изземени од обработка делата „Црно семе“ од Ташко Георгиевски и „Црнила“ од Коле Чашуле.
Денес Македонија се соочува со исклучивост: или македонството или ЕУ, но не и двете. Тие што се за македонството, поточно тие што упорно посочуваат дека македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонскиот просторен и временски јазичен континуум постојат илјадници години, но продолжуваат да постојат и денес во Република Македонија, во егејскиот и во пиринскиот дел на Македонија, во сите соседни држави и насекаде каде што живеат Македонците, веднаш се прогласуваат за недемократи и за граѓани што не се европски ориентирани. Меѓутоа, за разлика од оние што инсистираат на поделбата, јас сум вџашен и згрозен од тоа што, во демократска Европа, во 21 век, воопшто, јас сум принуден да избирам меѓу двете опции. Мој избор, без колебање, е македонството и ЕУ.
Во предговорот на книгата со наслов „Размислување и делување во мрачни времиња“ од Хана Арент („Пешчаник“, Белград, 2023), Ненад Димитријевиќ пишува: „Се разбира, ти не сакаш зло; свесно не повредуваш никого; никого не мразиш, ниту Евреинот затоа што е Евреин, ниту Бошњакот затоа што е Бошњак“, а јас би додал, ниту Македонецот затоа што е Македонец. „Но, ти избираш да не го ‘видиш’ злото што некои луѓе им го прават на некои други немоќни луѓе… одбивајќи да размислуваш за злото што се случува, ти него го легитимираш“. Заради почнување на преговорите со ЕУ, злосторство е да се бара од нас да се откажеме од македонството, од нашите македонски корени, од нас самите, да се откажеме од македонскиот просторен и временски јазичен континуум, што постои илјадници години и продолжува да постои и денес, во Македонија, во сите соседни држави и насекаде каде што живеат Македонците. Според Арент, „злосторствата остануваат кривични дела дури и кога државата“, или меѓународната заедница, „ги прогласува за легални“.
Книгата, што денес се промовира, сведочи за непокорот, за спротивставувањето на разнебитувањето на Македонија и на исчезнувањето на Македонците од „Македонците отаде Екваторот“. На овие испишани страници им посакувам успешна мисија во јакнењето на тој непокор и одржувањето на нераскинливата врска со татковината меѓу Македонците на целата Земјина топка, а на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ во Сиднеј му посакувам уште многу години успешна и плодна активност.