Сакам да опишам еден париски миг,
кој останува во современата македонска историја
врзан за името на Роберт Бадинтер (1928-2024),
кој неодамна замина со своето огромно научно и уметничко дело во Вечноста.
Дејството се случува во Градот на Светлината
на булеварот Распај број 206
непосредно во близината на споменикот на Роден посветен на Балзак
Тука, на 2 април 2002 година беше поставено мермерното обележје
во чест на 100-годишнината од излегувањето на весникот
„Македонско движење“ (2 април 1902 година) (Mouvement macedonien)
што го покренува македонската франкофонска интелигенција
и континуирано се печати речиси две години
за да ја информира европската и светската јавност
за сонот на македонскиот народ да стане дел од европската заедница
на народите.
Замислете го моето чувство, тогаш јас имам неполни 20 години
и присуствувам на поставувањето на ова мермерно обележје
што е можеби единствено од овој вид во светските метрополи.
Тогаш за првпат се запознав со Роберт Бадинтер,
кој беше заедно со Бутрос Бутрос Гали поранешен генерален секретар
на Обединетите нации
и тогашен генерален секретар на Интернационалната организација
на Франкофонијата
и бројна македонска делегација со гости од
француските и европските интелектуални кругови,
кои присуствуваа на тој свечен чин.
Тогаш јас се осмелив да му поставам прашање на
легендарниот министер за правда на Франција што ја укина смртната казна
и претседател на Арбитражната комисија
по започнувањето на крвавиот распад на Југославија
за неговиот предлог Република Македонија и Словенија
уште во 1992 година да влезат како рамноправни членки на Европската Унија!
– Како го доживувате овој чин на 100-годишнината од македонското движење во Париз?
Тој ми одговори, лаконски со неговата широка насмевка:
– Тоа е знак дека никој не може да ја избрише македонската меморија од
европската историја
и дека уште не е остварен сонот на Виктор Иго
дека еден ден целиот континент ќе биде обединет во
Соединетите држави на Европа!
Тогаш јас му ја изразив мојата фасцинација од неговото драмско творештво
и пиесата посветена на Оскар Вајлд, кој велеше:
„Една идеја не може да биде наречена идеја ако не е опасна“!
Му раскажав дека првиот македонски министер за правда
по формирањето на асномска Македонија, 1944,
раскажува во своите мемоари дека собиралиште на македонските идеалисти во Париз
бил најстариот ресторан во Европа – „Прокоп“, кој се наоѓа и денес
на улицата Ancienne Comedie, каде што тие ја пееле познатата песна
„И ние сме деца на Мајката Земја на Македонија!“
Токму во „Прокоп“, на Роберт Бадинтер му беше подарено фототипското
репринт-издание
на сите броеви на „Македонско движење“ на француски и на македонски
јазик
во издание на Државниот архив на Македонија
и се упативме на приемот во Интернационалната дипломатска академија во Париз
каде што оперската примадона Милка Ефтимова со група македонски
уметници
изведе неколку незаборавни песни на ладино јазикот,
кои со векови ги пееле сефардските Евреи,
кои беа екстерминирани во 1943 во Треблинка и Аушвиц,
како и поголем број членови на семејството Бадинтер.
Господине Роберт Бадинтер,
додека патувате во бесмртноста со која Франција ќе ве овенча во Пантеон
знајте дека, како што пишува на мермерната плоча на Распај,
македонскиот народ ви е засекогаш благодарен!
Специјално за „Нова Македонија“ од Париз Константин Плевнеш